В кревет со помлад

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Вообичаена, и за многумина добитна, комбинација е успешен маж со млада убава жена. А што е кога ситуцијата е обратна, кога жената има повеќе години? Всушност, секој мора да знае што прави, зашто тоа го прави, ама и да ги трпи последиците од својот чин. 

Живееме во 21 век и нормално е да ги менуваме обичаите што се пренесувале од колено на колено. Стасаа нови правила во кои е можно жената да е постара и успешна, а тој желен за љубов и млад! За тоа кого треба да го обвиниме? Филмовите, телевизијата, интернетот, мобилните телефони...? Дали Елизабет Тејлор беше таа која, не на филмското платно, туку во животот, го почна новиот трен во креветот? Но, тоа не е битно, важно е што тоа се рашири на целата планета.Според податоците на Unitet States Census Bureau од 1994 година, разликите во годините меѓу половите партнери во САД до ден-денеска бројките во корист на жените напредуваат. Тогаш 10 отсто полово активни Американки стари до 44 години имале за 3 и повеќе години помлади партнери, а 52 отсто креветот го делеле со врсник. Денеска таа разлика во корист на жената е качена на 5 години.

Како што е во светот, така е и кај нас. Секојдневно е присутно во медиумите како јавните и малку познатите жени во Македонија имаат помлади партнери. Од медицинска гледна точка, ништо не е за чудење. Како француското чудо: јадат мрсна храна, а немаат срцевосадовни заболувања, бидејќи пијат вино. Овде медицинското чудо би било: „Таа постара, тој помлад в кревет ускладени“. Имено, додека сте сосема млади, не е важно кој од кој пол е, па се дружите и се разбирате со врсниците. Вртењето кон постарите започнува во пубертетот, од кој девојчината излегуваат две години побрзо од момчињата. Тогаш, во тоа време, е сосема нормално да бараат друштво од постари момчиња. Таквиот стил на барање трае, обично, до 30-тата година на животот. Таа го постигнува врвот на телесниот, умниот и психичкиот развој, а со тоа и сексуалниот живот. После тоа, следува надолна крива што го актуализира барањето на помлад партнер в кревет. Еве зошто? Постепено на мажите им се намалува телесната сила и висината на машкиот полов хормон тестостерот, па постепено им паѓа половата моќ. А со тоа и издржливоста во креветот. Кај жената тоа е поинаку. Поради постепеното намалување на висината на женскиот полов хормон естроген, послабо им се обновуваат сите телесни слузници, па и половите органи. Затоа жените бавно се влажнат, па им треба повеќе време да се соживеат со играта во спалната. Распонот во годините е сè повидлив како што одминуваат годините.

Љубов без злоба

Негрижата и лошата грижа за здравјето се причина што мажите порано стареат, почесто боледуваат од тешки болести и скоро 7 години порано умираат од жените. Мажите трипати повеќе одат со својот лимен љубимец кај автомеханичар отколку што го контролираат своето здравје. А за интимниот живот и да не зборуваме! Ако кон тоа ја додадеме и комоцијата што со годините расте и поради што секоја активност (телесна, умствена, психичка, емоционална) претставува напор, сликата на збиднувањата во спалната станува појасна.

За разлика од помладите години, кога можеле „секој ден и со часови“, по 40-тата мажите, обично, можат „понекогаш во месецот и во секунди“. Бројот на половите односи, можеби и не се важен фактор за складен заеднички живот, но квалитетот е важен. Најмногу во целата приказна губи предиграта, која мажот би ја прескокнал и веднаш би тргнал во финале. Жените имаат поинаков ритам. Без доволно долг вовед тие не можат да го достигнат врвот на половиот однос. А без оргазам сексот, главно, не се брои. Затоа на зрелите жени помалку им одговара „скратен секс“. Ете го медицинскиот парадокс!



Но и тоа не е единствена причина што е посакуван за неколку години помлад сексуален партнер. Дел се крие и во парафразата на операта на Vatroslav Lisinski, а гласи – љубов без злоба. Таква е меѓу самосвесна жена и самоуверен маж. Имено, англиските истражувачи откриле дека денешните 40-годишни се многу самосвесни и многу задоволни со своето тело отколку кога би имале 20. Повеќе уживаат во сексот отколку кога биле млади и од тоа уживање не се откажуваат. Народот би рекол: „Кој сака, нека повели“. Важно е да се сака, тоа е главниот мотив.

Сепак има правила

  •  Во љубовта и во војната сè е дозволено. Но љубовните односи имаат правила, а едно од нив се однесува и на годините на партнерите. Разликата во годините, посебно поголема, прифатлива е меѓу постари партнери, а дозволена е кога и тој и таа имаат повеќе од 20 години. Во спротивно, без разлика дали е машкото или женското со повеќе години, а ги дели, да речеме 7 години старост, врската е општествено неприфатлива! Односите меѓу 22-годишно момче и 15-годишно девојче не се прифатливи подеднакво, како и оние меѓу 22-годишна жена и 15-годишно момче.

  • Кога парот има потомство или решило тоа да не му е најважно во животот, годините на жената се помалку важни. Но кога е помладиот партнер во врска со жена која влегува во менопауза, може да остане скратен за подмладок. На продолжувањето на лозата сите се чувствителни. Состојбата дополнително ја комплицира што мажите се плодни до доцна старост.

  • Неприфатлива е и замената на стариот за помлад партнер поради „партиципација“ во неговата младост, како и живот со постара/постар поради нејзините/неговите пари, општествениот статус или угледот.



Иако не сум психолог, сепак би можел да ја разберам занесеноста и на едниот и на другиот, ама мора да разберат дека тоа нема иднина. Во ваков случај врска да, ама само ако партнерите знаат кога и да ја – прекинат. Не сакам да се плеткам во туѓи одлуки, но сакам да советувам: пред да влезете во врска, уште додека главата ви е „тазе“, добро размислете. На секоја жена може да í се случи љубов, па и да влезе во нешто што не í доликува, но мора да биде подготвена да се фати во сукоб со сето она што подоцна може да се случи. Само паметните и силните можат да си дозволат и по некоја – глупост.И да не се случи младите да влезат во врска само поради некој интерес (иако е тоа најчесто), оној кој е постар мора да знае што носи со себе животот. Цивилизацијата го збогати животот, па и сексуалниот се разликува од поранешниот.



Современиот начин на живеењето на денешниов човек многу го оптоваари и многу му зеде. Но, среќниот љубовен и сексуален живот, како и хармоничните односи во бракот и семејството, можат да се надоместат само, ако меѓу партнерите нема голема разлика во годините, иако и тука многу нешта се променија. Некогаш беше сосема нормално еден успешен маж, не само физички туку и материјално, да се жени со некоја млада од дваесет и повеќе години. Меѓутоа, не бевме навикнати и жената да може да си го дозволи истото.

Разумните луѓе знаат дека таквиот маж, порано или подоцна, ќе – одлета. Вакво нешто кога ќе се спомене, многумина зборуваат дека има примери што докажуваат спротивно, споменувајќи го примерот со француската пејачка Едит Пиаф, чиј маж бил помлад од неа за 22 години и кој по нејзината смрт никогаш повеќе не се женал. Сепак, овој пример повеќе е исклучок отколку правило.


Мојот став за разликата во годините не е осудувачки. Во љубовта сè е дозволено, ама јас знам што можам, што сакам и на кој начин и со кого тоа го правам. И мене ми се „уфрлувале“ многу млади. Некои многу ме сакале, но секогаш мислев далекусежно. Јас секогаш сакам да ја водам играта, а тоа се може само со бистра глава. Всушност, секој мора да знае што прави, зашто тоа го прави и да ги трпи последиците од својата постапка.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

повеќе за проф. д-р Миќуновиќ > > >

www.doktori.mk, 21.07.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил