Доктори.мк | Ботулизам | botuluzam | Портал за медицина и здравје

Ботулизам

дипломиран стручен лаборант по медицинска лабораториска дијагностика, специјализиран за санитарна хемија

Ботулизам (Botulismus) претставува ретка, но сериозна форма на труење со храна, предизвикана од ботулински егзотоксин , кој го лачи бактерија позната како Clostridium botulinum.

Етиологија

Clostridium botulinum е анаеробна Грам - позитивна бактерија, која произведува спори и излачува еден од најсилните биолошки егзотоксини. Се наоѓа во гастроинестиналниот тракт на луѓето, животните и рибите (свежи, пушени, конзервирани) и во облик на спори се исфрла со фецесот во надворешната средина. Егзотоксинот е термолабилен и го уништува температура од 80 степени целзиусови, за разлика од спорите кои се отпорни и на температура од 120 степени целзиусови.

Епидемиологија

Инфекција настанува со спори преку консумирање на контаминирана или нечиста храна (особено месо, сувомеснати производи, конзерви, зеленчук и слично). Труењето луѓето го добиваат со внесување на ботулинскиот егзотоксин преку храната, кој преку дигестивниот тракт навлегува во крвотокот предизвикувајќи токсемија. Бидејќи егзотоксинот е неуротропен, се врзува за синапсите на еферентните холинергични нервни влакна и моторните плочи проксимално од зоните во кои се лачи ацетилхолин. Тоа води до прекин во спроведувањето на импулсите во периферните нервни влакна па настанува нарушување на функцијата на CNS со парези, парализи и парасимпатички симптоми.

Клиничка слика

Симптомите обично се појавуваат 8 - 36 часа по консумирање на контаминирана храна. Класичните симптоми на труење со Clostridium botulinum вклучуваат : главоболка, гадење, повраќање, малаксаност, опстипација, болки во абдоменот, заматен вид, двојно гледање, овенати очните капаци, нејасен говор, отежнато голтање, сува уста, намалено лачење на плунка, пот, солзи и мускулна слабост. Причина за смртност кај ботулизам е акутна респираторна инсуфициенција.

Третман

Лекувањето задолжително се изведува во болнички услови. Третманот вклучува - примена на специфичен антиботулински серум, примена на пилокарпин поради намалена секреција на плунка,следење на виталните знаци, рехидратација и корекција на електролитниот дисбаланс, клизма и катетеризација на мочниот меур по потреба и др.

Превенција

  •  Добро мијте го зеленчукот, посебно ако го јадете свеж;

  •  Избегнувајте оштетена и расипана храна;

  •  Не користете храна со изминат рок на употреба

  • Фрлете ги оштетените, надуваните и оксидираните лименки и конзерви;

  •  Санитарен надзор на производството на конзервирана храна и сувомеснати производи.

 

Повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 26.06.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина