Билдањето со помош на хемиски препарати може брзо да ве направи згодни, но и болни и импотентни

Импотенцијата е плаќање на цената при неконтролирано земање на хормонски препарати, особено тестостерон. Но, не само тоа, неконтролираното земање на овие хемиски препарати, можат да го оштетат срцето, бубрезите и многу други органи. Вреди ли да се плати толкава цена само за брзо да се развие мускулната маса?

Младите, особено тинејџерите се склони кон земање на разни хормонски препарати, анаболи и стероиди, само за полесно да ја развиат мускулната маса, без притоа некој да ги запознае со можните последици. За користење на вакви препарати треба посебно надгледување од страна на лекари специјалисти и посебно обучени тренери. Земањето на овие препарати на своја рака речиси сигурно ќе остават последици врз организмот.

Кортикостероидите, се хормони без кои телото не може да функционира. Но, доколку се земаат во големи дози без потреба и без надзор, можат да предизвикаат остеопороза,  стероиден дијабет и многу други опасни компликации. Нивниот анаболички ефект постои во мали дози, но неговата примена заедно со други препарати како што се хормонот за раст, тестостерон и слични производи се медицински целосно не оправдани и можат да предизвикаат големи штети на целото тело.

Хормонот за раст во еден период на научниците остави впечаток како хормон кој е идеален за одржување на младоста и убавината на телото. Но, за кратко време научниците сфатија дека неговото користење воопшто не е безопасно. Тој предизвикува кардиомегалија (зголемување на срцето), особено е опасно кога него го земаат млади мажи пред 30-тата година, бидејќи според интернистите, овие луѓе за краток период стануваат пациенти кои развиваат клиничка слика на инсуфициентно срце исто како да имаат повеќе од 70 години. Освен зголемување на срцето овие пациенти имаат и зголемен црн дроб, слезина, и бубрези, што дополнително ја усложнува клиничката слика и натамошното лекување.

Тестостерон ова е хормон кој младите често го применуваат бидејќи на почетокот дава брз и очевиден ефект на мускулната маса. Но, ендокринолозите предупредуваат, тестостеронот ќе влијае на тестисите, ќе предизвика хипогонадизам, намалена плодност, а ако се користи долго време тестостеронот може да доведе до импотенција.

Високите концентрации на јаглехидрати, кои толку се промовираат, можат да влијаат на панкреасот бидејќи го стимулираат лачењето на големи количини инсулин, па можат полека да доведат до развој на дијабет.

Целта на денешната статија е да укажеме на негативниот ефект при користење на овие средства. Вежбајте и изградете го вашето тело, набилдајте ги мускулите, но, користете исклучиво природна храна. Консултирајте се со нутриционист, за тоа што треба и колку треба да јадете за да го постигнете оној ефект кој го посакувате. Да, ќе биде напорно, но ќе биде трајно, и вашето тело ќе остане здраво.

 

www.doktori.mk, 25.06.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина