Тумори на плунковите жлезди

доктор на медицина

Туморот на плунковите жлезди претставува неконтролиран раст на клетките кои потекнуваат од една од повеќето плункови жлезди во устата. 

Опис

Постојат три поголеми пара на плункови жлезди кои се придружени со повеќе помали. Паротидната, субмандибуларната и сублингвалната жлезда ги претставуваат големите плункови жлезди. Паротидната жлезда е лоцирана во образите по една под секое уво. Субмандибуларната жлезда се наоѓа на подот на усната празнина по една на секоја страна од долната вилица т.е мандибулата. Сублингвалните жлезди се исто така на подот на усната празнина под јазикот.


Паротидните жлезди се најчесто афектирани од тумори. Меѓутоа најголем дел од туморите кои се развиваат во паротидната жлезда се бенигни. Приближно 8 од 10 дијагностицирани тумори се наоѓаат во паротидната жлезда. Еден од десет се дијагностицираат во субмандибуларната жлезда. Останатите 10% се дијагностицираат во другите плункови жлезди. Воглавно жлездите кај кои е евидентен растот на туморот најчесто се жлезди кај кои најретко се среќава малиген тумор. Иако туморите на сублингвалната жлезда се ретки, скоро сите кои се дијагностицираат се малигни. Наспроти тоа еден од четири дијагностицирани тумори на паротидната жлезда е малиген. Туморите на плунковите жлезди почнуваат со раст во епителните клетки т.е плочестите клетки кои ја покриваат површината на телото. Како резултат на тоа сите се нарекуваат карциноми. Околу 7% од туморите дијагностицирани на главата и вратот потекнуваат од плунковите жлезди. Мажите и жените подлежат на подеднаков ризик за појава на овој вид на тумор.

Причини

Јонизирачкото зрачење е ризик фактор кој придонесува за развој на тумор како и радијациона терапија. Возрасни пациенти кои како деца биле третирани со радијациона терапија за аденоиди или воспалени крајници се во поголем ризик за развој на тумор на плунковите жлезди.


Друг ризик фактор претставува врската помеѓу инхалацијата на дрвена прашина и појавата на аденокарциноми на малите плункови жлезди во носот и параназалните шуплини. Исто така постои доказ дека луѓето кои се инфицирани со херпес вирусот имаат поголем ризик за развој на тумор на плунковите жлезди. Лицата инфицирани со ХИВ исто така генерално имаат поголем број на заболувања на плунковите жлезди, со што имаат и поголем ризик за појава на тумори на истите.

Симптоми

Симптомите најчесто недостасуваат се додека туморот не достигне одредена големина или пак не метастазира. За време на рутински дентални прегледи, стоматологот, внимава на појава на одредени маси на непцето, јазикот, образите и овој вид на прегледи претставуваат добар начин за детекција на туморите во рана фаза. 

Некои од симптомите се :

  •  издигнатина или поголема маса во устата

  •  оток на лицето

  •  болка во вилицита или едната страна на лицето

  •  потешкотија при голтањето

  •  потешкотија при дишењето

  •  потешкотија при зборењето

Дијагноза

Се зема примерок од ткивото за испитување преку биопсија. Најчесто за да се земе примерок од ткивото потребна е инцизија. Понекогаш е можно да се земе примерок со игла. Магнетна резонанца и компјутерска томографија исто така се користат за проценка на туморот. Со нивна помош може да се утврди дали туморот се има проширено во соседните органи. Магнетната резонанца овозможува добра прегледност на коренот на јазикот и крајниците кои претставуваат меки ткива. Со компјутерската резонанца имаме добар преглед на вилиците, кои се тврди коскени ткива.

Терапија

Воглавно, лекарите кои се специјализирани за уво, нос и грло се одговорни за грижата за пациентите со рак на плунковите жлезди. Најчесто тимот го води специјалист по уво, нос и грло. Дел од тимот е и онколог. Во зависност од проширеноста на туморот во моментот на дијагностицирање некои од оперативните зафати може да доведат до екстензивни промени на грлото, вратот и вилиците. 

Клинички фази

Во прва фаза туморот не е поголем од 2.5 см и се нема проширено. Саливарните тумори кои се во втора фаза се поголеми од 2.5 см но помали од 6 см и сеуште се немаат проширено. Туморите во трета фаза се помали од 2.5 см но се имаат проширено во лимфните јазли. Туморите во четврта фаза се имаат проширено кон главата т.е базата на черепот или одредени нерви или пак се поголеми од 5 см и се имаат проширено во лимфните јазли. 

Третман

Хируршко отсранување (ексцизија) на туморот е највообичаениот третман. Хемотерапијата и радијационата терапија може да бидат дел од третманот особено ако туморот метастазирал. Поради блискоста на плунковите жлезди а особено паротидната со голем број на крвни садови и нерви оперативниот зафат е доста комплициран. Комплексноста на операцијата е уште поголема доколку туморот се има проширено. 

Прогноза

Туморите во малите плункови жлезди кои се локализирани, може да се одстранат без поголеми потешкотии. Шансата за преживување одкако ќе се извади туморот, доколку нема метастазирано, е голема. За туморите на паротидната жлезда стапката на пет годишно преживување изнесув 85% без разлика дали има инвазија и во лимфен јазол. Стапката на десетгодишно преживување е нешто под 50%. Најголем број од рано дијагностицираните тумори на саливарните жлезди се одстрануваат и не се повторуваат. Оние кои рекурираат се најпроблематични и ја намалуваат шансата за преживување на индивидуата. 

Превенција

Минимализирање на внесот на алкохол може да биде од важност. Исто така избегнување на непотребно експонирање на главата на радиација може да се смета за превенција. Се она што го минимализира ризикот од сексуално преносливи болести, како на пример употребата на кондом, исто така го намалува и ризикот од појава на саливарни тумори. 

 

Дознајте повеќе за д-р Дарко Стојановски

авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување

www.doktori.mk, 14.06.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина