Зошто се важни микробиолошките прегледи во текот на бременоста?

студент по медицина

  Бременоста претставува период на интензивни промени, период во кој во матката на мајката започнува да вегетира идната индивидуа чие соочување со надворешниот свет би се случило по 9 лунарни месеци кога фетусот ќе биде доволно зрел да се справи со сите предизвици. Оттука жената мора да води грижа за своето здравје бидејќи сите евентуални штетни фактори кои би го загрозиле здравјето на идната мајка индиректно, но сигурно ќе делуваат на плодот при што исходот од истото е апсолутно непредвидлив.

Кога еднаш дијагнозата за бременоста ќе биде поставена понатаму следат неколку прегледи во текот на бременоста кои имаат за цел да го следат растот и развојот на фетусот како и состојбата на мајката и нејзиното здравје во текот на бременоста. Исто толку важни се и микробиолошките прегледи на вагиналните брисеви кои неопходно е да се направат на почетокот и пред крајот на бременоста. Овие прегледи имаат за цел да не упатат на тоа дали евентуално на слузницата на вагината паразитираат односно се присутни различни микроорганизми. Вообичаено во нормални услови вагиналната слузница има кисела рН која се должи на присуството на бактерии од родот на Lactobacillus spp.


Присуството на нормалната микрофлора е неизбежно во и вон бременоста бидејќи тоа е еден од одбрамбените механизми кои оневозможува да настанат инфекции. Вообичаено епителните клетки кои ја градат вагиналната слузница се богати со гликоген кој под дејство на ензимите кои ги поседуваат лактобацилите ќе биде разграден до млечна киселина која ќе ја даде ксиелата рН реакција на вагиналниот секрет. Во такви услови бактериите, габичките или паразитите не би можеле да се развиваат и да предизвикаат инфекција. Меѓутоа сите правила имаат исклучоци, па така и покрај добриот одбрамбен механизам кој го конструирала природата, во бременоста многу лесно може да се случи да настанат инфекции со различни микроорганизми кои не мора секогаш да имаат видлива манифестација. Бременоста е состојба во која доаѓа до намалување на имунитетот се со цел организмот на мајката до крај да го толерира развивањето на плодот и доноси до крај. Бидејќи имунитетот на мајката е намален таа станува подложна на инфекции. Присуството на различни бактерии или габички може сериозно да влијае на текот и исходот од бременоста односно може да го наруши развојот и растот на плодот на тој начин што бременоста ќе биде предвремено терминирана.

 Микроорганизмите од регијата на надворешните гениталии се искачуваат по ѕидот на вагината и доаѓаат до грлото на матката каде што може, но и не мора да предизвиката манифестно воспаление. Доколку пак не постои манифестно воспаление тогаш микроорганизмите може да продолжат да се размножуваат и да се искажуваат и преку слузницата на грлото на матката да ги инфицираат плодовите обвивки. Плодовите обвивки претставуваат последната бариера која попречува микроорганизмот да направи посериозна штета. Меѓутоа секогаш кога тие ќе бидат инфицирани настанува нивно предвремено прскање, па оттука и породувањето ќе започне предвреме кога сеуште плодот не е спремен за предизвиците од надворешната средина. Инфекциите во доцната бременост често се причина за предвремено породување. Исто така кога плодовите обвивки прерано ќе прснат породувањето започнува предвремено така што плодот минува низ родилните органи кои се претходно инфицирани и многу лесно во тој момент инфекцијата ќе биде пренесена на плодот. Во вакви случаеви често настанува неонатален коњуктивит, неонатална пневмонија или во најлош случај неонатален менингит и сепса. Инфекцијата на новороденото може да биде фатална бидејќи тоа е предвремено родено и премногу кревко без добро развиени одбрамбени механизми. Од друга страна пак при актот на породувањето инфекцијата може да се прошири и да не остане само локализирана на вагиналната слузница туку да премине и на ендометриумот на матката или евентуално да прерасне во сепса како крајна и најлоша компликација. Доколку инфекцијата настанала премногу рано во раната бременост понекогаш може да биде реална причина за абортус.

Многу чести причинители на инфекции се Еscherichia coli, Streptococcus spp., Staphylococcus spp., Trichomonas vaginalis, Chlamidia spp., Mycoplasma, Gardnerella vaginalis, Giardia lamblia итн. За да може навремено да биде откриена инфекцијата на родилните патишта низ кој би минал плодот неопходно е да се направат барем две рутински микробиолошки испитувања. Првото иследување на вагиналниот брис е рано во бременоста со кој би откриле дали евентуално постојат причинители кои би попречувале на бременоста или би го зголемиле ризикот за спонтан абортус и вториот сет на микробиолошки иследувања се доцна во бременоста непосредно пред породувањето. Овие последните се прават со цел да се има во предвид дали постои микробиолошка стерилност на родилните патишта и дали минувањето на плодот низ родилните патишта по природен пат ќе биде еднакво безбедно и за плодот и за мајката.

Доколку се најдат бактерии од било кој тип кои не се нормален жител на вагиналната слузница тоа секогаш претставува аларм за превземање на мерки бидејќи присуството на бактерии може да биде реална причина за настанување на предвремено прскање на плодовите обвивки и предвремено отпочнување на породувањето, односно може да доведат до загрозување на здравјето на плодот и на мајката така што би настанала инфекција на плодот кој ќе мине низ родилните патишта или би настанала инфекција на мајката поради способноста на бактериите да се искачат до матката и да предизвикаат сериозно воспаление на ендометриумот со можности за комплицирање со септикемија. По породувањето кога епителот на матката отпаѓа, а крвните садови се сеуште нежни и во фаза на заздравување од самиот акт на подорување матката станува одличен медиум во кој би се размножувале бактериите доколку успеат да доспеат до таму. Сето ова може сериозно да го загрози здравјето на родилката која и онака поради високите естрогени во текот на бременоста е со намалени имунолошки одбрамбени механизми. Новороденото кое минало низ родилните патишта е во подеднакво лоша состојба и под голем ризик да развие сериозни инфекции како пневмонија, сепса, коњуктивит или менингитис.


Оттука премногу важно е трудницата да биде свесна за потребата од овие медицински прегледи, редовно да посетува гинеколог кој водејќи ја бременоста има должност да ги направи овие микробиолошки иследувња како не би се довеле трудницата и плодот во опасност. Понекогаш доколку времето и условите го дозволуваат тоа инфекцијата се лекува со антибиотици и добра хигиена, но доколку породувањето е премногу извесно дека ќе се случи час поскоро тогаш антибиотската терапија ќе биде неопходна но не за да може да ни овозможи породување по природен пат туку за да се спречат компликации по породувањето кое најверојатно ќе се одвива со царски рез. Присуството на инфект многупати го принудува акушерот да донесе одлука за правење на царски рез како би се избегнале сите можни компликации кои би го загрозиле животот на новороденото или пак мајката.

 

дознајте повеќе за авторот Филип Наумовски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-


 

www.doktori.mk, 13.06.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина