Haemophilus influenzae - бактерија одговорна за низа опасни заболувања

Haemophilus influenzae претставува грам негативна, мала, неподвижна, аспорогена бактерија. Предизвикувач е на цела низа опасни заболувања. Сепак, оваа бактерија е присутна и како нормална во горниот респираторен тракт, а начинот на пренос на истата е исклучиво од човек на човек.

Гноен менингитис е состојба која најчесто ја предизвикува оваа бактерија. Најчесто гноен менингитис предизвикан од Haemophilus influenzae се јавува кај деца и доенчиња, но може да се јави и кај возрасни. Болеста може да започне на повеќе начини, но најчесто започнува со респираторни симптоми. Потоа се јавуваат знаци од централниот нервен систем, како што се: летаргија, ригидитет, иритабилност и сл.  Компликациите на гнојниот менингитис предизвикан од оваа бактерии се многу чести. Дури 30% од заболените јавуваат конвулзии и субдурална ефузија.

Сепак, оваа бактерија може да предизвика и низа други сериозни воспаленија во организмот, како што е воспалението на белите дробови, а не ретко и епиглотитис. Навлегувањето на бактеријата во крвта (бактериемија и сепса) претставува исклучително тешка состојба, а се манифестира со општа слабост, висока температура, ладни екстремитети, повраќања, отитис, конјуктивитис и др. Изолирањето на оваа бактерија најчесто се прави со земање на брис од грло и нос, но може и од ликвор. Лабораториски лесно се идентификува бидејќи при изолација на плоча бактеријата дава феномен на сателитизам.

До неодамна се лекувала со пеницилини, но денеска се повеќе е резистентна, па затоа се препорачуваат цефалоспорини од трета генерација. Често пати при третирање на оваа болест се препорачува комбинација од хлорамфеникол и ампицилин.

www.doktori.mk, 05.06.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина