Доктори.мк | Алиментарна интоксикација | alimentarna-intoksikacija | Портал за медицина и здравје

Алиментарна интоксикација

дипломиран стручен лаборант по медицинска лабораториска дијагностика, специјализиран за санитарна хемија

Алиментарната интоксикација (Intoxicatio Alimentaris) со стафилококен егзотоксин е едно од најчестите труења со храна кај луѓето. Предизвикувач е Staphylococcus aureus, факултативна анаеробна Грам - позитивна бактерија од групата стафилококи. Се јавува во форма на гроздови и има големи, тркалезни, жолто – зелени колонии. Релативно е отпорна на ниски температури, додека на собна температура брзо се размножува и излачува езготоксин кој е термостабилен. S. aureus е бактерија која често се наоѓа на кожата и слузокожата на носот, устата и грлото.


Алиментарна интоксикација со стафилококен егзотоксин се јавува во форма на акутен гастроентероколитис. Таа е предизвикана со конзумирање на храна загадена со токсини продуцирани од страна на S. аureus. До контаминација на храната доаѓа како резултат на лоши хигиенски навики, преку контакт со лица заболени со стафилококи или клицоносители. Храна со највисок ризик од контаминација е месо, месни продукти, млеко и млечни продукти. Поголема сезонска зачестеност има во текот на летниот период.

Знаците и симптомите обично се развиваат во рамките на 1-6 часа по јадење на загадена храна. Болните чувствуваат гадење, повраќање, дијареа, болки во стомакот и грчеви. Болеста обично е блага и повеќето пациенти закрепнуваат по 1-3 дена. Кај мал број од нив болеста може да биде летална (при тешки случаи на дехидратација, електролитен дисбаланс, ренална и кардиоваскуларна инсуфициенција). Епидемиолошките податоци за консумирање на одредена храна, заедно со клиничката слика, овозможуваат лесно поставување на дијагноза. Најдобар третман за овие пациенти е: одмор, многу течности и минерали како што се натриум, калиум и калциум, како и ординирање на антибиотици.

7 чекори што можат да се превземат за да се спречи труење со S. аureus:

  •  Темелно миење на рацете со сапун и вода пред ракување и за време на подготовка на храната;

  •  Чистење на сите површини, садови и прибор што се користат за подготвување на храната;

  •  Оделување на сировата од готвената храна;

  •  Правилно подготвување (варење) на храната, посебно месо, живина, јајца, сосови, мајонези, итн;

  •  Не оставајте подготвена храна на собна температура повеќе од 2 часа;

  •  Редовна санитарна контрола кај лица кои работат со храна;

  •  Здравствено просветување.

 

Повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

 

www.doktori.mk, 05.06.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина