Фетална ехокардиографија

доктор на медицина

Феталната ехокардиографија претставува дијагностичка процедура која овозможува да се види и процени структурата и функционирањето на кардиоваскуларниот систем на фетусот. Со овој метод може уште во најраната фаза на бременоста да се откријат вродените срцеви аномалии кај фетусот.



Инциденца на вродените срцеви аномалии

Вродените срцеви аномалии статистички се наоѓаат кај 6-8 на 1000 новородени. Примената на феталната ехокардиографија, како софистициран дијагностички метод, застапеноста на истите ја покажува кај 20-30 на 1000 фетуси. Со овој податок практично се доловува и потврдува нејзината способност за рано откривање на вродените срцеви аномалии во раната бременост.



Ризик фактори за вродени срцеви аномалии

Ризик факторите, кои на свој начин придонесуваат до појава на овие аномалии, можат да се поделат во три групи:

  •  Ризик фактори кои потекнуваат од фетусот

- Заостанување во растот на фетусот, неправилни срцеви отчукувања, присутност на зголемена ткивна течност кај фетусот, близнаци, генетски нарушувања итн.

  •  Ризик фактори кои потекнуваат од трудницата

- Вродени срцеви аномалии, зголемена и намалена плодова вода, шеќерна болест, користење на некои лекови во почетокот на бременоста, експозиција на рентгенско зрачење, инфекции, старост на родилката итн.

  •  Ризик фактори кои потекнуваат од семејството

- Вродени срцеви аномалии, генетски и хромозомски нарушувања итн.


Кон ова треба да се додаде дека за појавата на вродените срцеви аномалии кај фетусот, дури во 90% од случаите, причината за истите е комбинацијата на надворешната средина и генетската предиспозиција. Со други зборови, вродените срцеви аномалии кај фетусот во поголем број на случаи се придружени со хромозомски и други аномалии. Според тоа, сосема е оправдана рутинската примена на феталната ехокардиографија во најраното откривање на вродените срцеви аномалии.

Вродени срцеви аномалии на фетус кај неризична група трудници

Вториот и многу важен момент кој ја определува рутинската примена на овој неинвазивен ултразвучен метод е податокот за се поголемиот број на вродени срцеви аномалии кај неризичната група на трудници, кај кои не постои ниеден од горенаведените ризик фактори. Токму поради тој факт оваа неинвазивна дијагностичка метода се применува како рутински скрининг во пренаталната дијагностика на структурните аномалиии на феталното срце. Феталната ехокардиографија како неинвазивен ултразвучен метод во најраната дијагностика на вродени срцеви аномалии се карактеризира со специфичност од 98%, сензитивност од 92% и точност во поставување на дијагнозата до 96%.



Оптимално време за иследување на феталното срце е периодот од 16 до 21 недела од бременоста. Кај високоризичните трудници ова иследување може да се направи и порано со примена на вагинална сонда, односно преку трансвагинален пристап. Феталната ехокардиографија ги користи сите стандардни ехокардиографски техники: еднодимензионалната, дводимензионалната, 3Д и 4Д доплер техника. Во прилог на тоа оди дека без доплер техниката е невозможно иследувањето на феталниот кардиоваскуларен систем. Интересен е фактот дека покрај стандардната доплер техника, во иследувањето на феталниот кардиоваскуларен систем има голема улога и значење и колор доплерот, кој овозможува рапидна визуелизација на кардиоваскуларниот проток на крв кај фетусот. Со помош на колор доплер техниката денес дури до 20% од феталните срцеви малформации можат да се дијагностицираат.

Предности на феталната ехокардиографија

  •  Таа е метод на избор во пренаталната дијагностика на најраното откривање на вродени среви мани.

  •  Родителите добиваат валидни информации за состојбата на срцето на фетусот.

  •  Овозможува брзо планирање на времето и местото на раѓање, блиску до кардиохируршки центар доколку кај фетусот е дијагностицирана вродена срцева аномалија.

  •  Се предлага ран прекин на бременоста доколку се докаже присуство на комплексни кардиопатии, асоцирани со генетски и хромозомски нарушувања.

  •  Индицира одредување на кариотип кај вродените срцеви аномалии, поради високиот процент на асоцијација со хромозомски и генетски пореметувања.

  •  Овозможува перспективна фетална интервентна кардиологија и кардиохирургија.

  •  Ни овозможува научни сознанија за развојот и текот на вродените срцеви аномалии.

 

дознајте повеќе за авторот Александар Милосавлевиќ

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 29.05.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина