Доктори.мк | Хипоспадија | hipospadija | Портал за медицина и здравје

Хипоспадија

Хипоспадија е вродена аномалија на пенисот која се забележува уште на самото раѓање. Настанува како грешка во ембрионалниот развој во периодот од 10 до 20 недела од бременоста. Имено, се работи за дислокација на отворот на пенисот, т.е. тој не се наоѓа на врвот на главата на пенисот каде што е неговата нормална анатомска локација.

Хипоспадијата претставува дислокација на отворот на мочниот канал. Постојат потешки и полесни облици. Полесните облици се манифестираат на тој начин што изводниот отвор на мочниот канал се наоѓа малку под нормалната локација. Во тешките облици, изводот на мочниот канал може да биде лоциран во коренот на пенисот, па дури и во пределот на мошниците. Според научниците оваа болест има генетска подлога.

Според позицијата, отворот може да се наоѓа на горната страна од пенисот и на долната страна од пенисот. Кај лицата кои имаат вакво пореметување, во главно се забележува и неправилен препуциум. Освен тоа, и глансот на пенисот може да има плочеста форма, а самиот пенис - неправилни искривувања. Ова пореметување често знае да биде придружено со бројни други пореметувања, како што се дупли бубрег, малформација на мочен меур, неспуштени тестиси, ектопичен бубрег и сл. Кога се дијагностицира хипоспадија, мора да се изврши целосна проверка на урогениталниот систем.

Дијагнозата најчесто се поставува веднаш по раѓањето, но понекогаш може да се забележи и подоцна. Веднаш се прават детални испитувања на целиот урогенитален тракт, за да се види дали се работи само за вродена мана на пенисот или има и други пореметувања во урогениталниот систем.

Решавањето на овој проблем е хируршко. Најдобро е зафатот да биде на возраст од 6 до 18 месеци. Се прави пластична корекција, а по потреба се прави и корекција на главата на пенисот. Доколку отворот е близу до нормалното не се превзема зафат. Но, во последно време се иницира зафат за секаква форма на хипоспадија, бидејќи се гледа естетската страна. Бидејќи хипоспадијата често е проследена со мал пенис (микропенис), урологот може да наложи и хормонска терапија, исто така од естетски причини. Можни се и компликации за време на операцијата, како: хематом, стеноза, фистули и сл. 

www.doktori.mk, 28.05.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина