Солзите и здравјето

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Плачењето помага да се исфрлат негативните чувства. Со плачењето телото се ослободува од стресот. Плачењето е природно. Сепак, солзите секогаш не се прифатливи, ниту пак се популарни, а нивното потиснување може да штети.

Меѓу живите суштества луѓето се привилегирани. Освен што им е даден на располагање квалитетен и сигурен живот, даден им е и начинот на изразувањето на своите чувства со солзи. По тоа се единствени. Всушност, иако основната улога на солзите им е влажнење на очите, за луѓето се и дел од основната комуникација што почнува уште во моментот на раѓањето. Солзите се природни, како и смеењето и дишењето, како што е потребата за јадење или за пиење, но сфаќањата за плачењето секаде не се исти. Затоа општествено не се прифатливи, а и се сметаат како „доказ“ на слабост. Посилниот пол е во посебно неповолна положба. Додека некоја солза кај жените им се препишува на нивната сензуалност и женственост, плачењето на мажите во секое општество не е пожелна појава. Многу се ретки државите, како што е Шпанија, во која машките емоции, како и плачењето, се резултат на страствен спонтан темперамент и со гордеење се прикажуваат на телевизиските „сапуници“. Честопати, гледајќи ги овие телевизиски серии, се поставува прашање дали е таквото плачење нормално, пожелно, дури и здраво? Дали воопшто може да се зборува за вистинска „мерка“ на плачењето.


Жените подобро плачат

Многу малку има студии што се занимавале со плачењето и нивното влијание на здравјето. Холандскиот психолог Вингерхетс (Vingerhoets) и неговата американска колешка Лорин (Lauren Bylsma) имаат многу малку докази изнесено во стручно списание дека плачењето олеснува, а воздржувањето од плачењето го нарушува здравјето. Но, специфичните студии вршат понатамошни испитувања на влијанието на плачењето на хормоните на силната емоција, како што е големата среќа или големата тага. Има разлики и во причините и во начинот на плачењето меѓу мажот и жената. Се споменува дека жените почесто се склони кон плачење отколку мажите и солзите ги доживуваат посилно од појакиот пол.


Американскиот психолог Гурјан (Michael Gurian) истакнува дека солзните жлезди кај жените се 60% поголеми отколку кај мажите. Според најновите испитувања на Германското офталмолошко здружение, до пубертет сите плачат со еднаков ритам и интензитет. По пубертетот, во возрасниот период, разликите меѓу мажот и жената се големи. Така, жените плачат од 30 до 64 пати годишно во однос на мажите на кои солзите им течат просечно од 6 до 17 пати во ист испитувачки период. И не само што плачат почесто, туку и подолго. Машкото плачење, просечно трае од две до најмногу четири минути, а на жените им треба околу шест минути за да исфрлат сéод себе. Во студијата се истакнува дека најчеста причина за плачење кај жените е неможноста да се справат со проблемите, потоа сеќавањето на минатото, а мажите ќе се расплачат поради емпатија (сочувство) или поради крајот на љубовта.

Не потиснувајте ги чувствата

Денеска преовладува ставот дека плачењето носи олеснување и затоа не треба да го сопираме. Се смета дека солзите опуштаат и се користат како „издувен вентил“ на насобраните емоции. Неспорно е дека на телото му помагаат да го совладаат стресот. Имено, кога сме изложени на дејството на стресот, отчукувањата на срцето се забрзуваат, а телото се поти. Со плачењето дишењето се забавува и полека се смирува. Тоа објаснува зошто плачењето најчесто го врзуваме со чувството на олеснување. Од друга страна, биохемиските испитувања откриле поголема концентрација на хормони на стресот во солзите што се поттикнати со искрени емоции, отколку во солзите што се вештачки предизвикани. Со други зборови, научниците докажале дека со плачењето се ослободуваме од хормоните на стресот во големи количини.


Со плачењето ја намалуваме тагата, го исфрламе незадоволството, ја олеснуваме „својата душа“, додека со потиснувањето на тагата го правиме спротивното, се зголемува негативната емоција сé додека не се најдете на работ на „пукање“, велат психолозите. Во таков случај често се губи контрола на своето однесување, истурајќи им се на сите околу нас или, пак, се тоне во депресивна состојба. Познати се тешки форми на клиничка депресија кога пациентот повеќе не може да плаче. На web страницата од педагогот м-р Ивица Станиќ пишува: „Секоја емоција си го бара својот израз, а солзата е најздрав и најдобар израз на тага, болка и патење. Зошто тогаш да се крие и да се задушува? Оној што не ги крие своите солзи, постигнува две цели: се ослободува од тагата, покажува дека нешто го мачи, па средината околу него ќе се однесува поквалитетно, ќе му помогне да ги преброди проблемите или барем нема да му ги отежнува. А тоа е многу важно“.


Многу плачење не е штетно

Секогаш плачењето не мора да носи олеснување, велат американските психолози. Во својата студија испитувале 3000 волонтери и заклучиле дека влијанието на плачењето зависи од особата што плаче. Иако повеќето од испитаниците изјавиле дека по плачењето се чувствувале олеснително (посебно ако некој ги тешел), една третина од нив се чувствувале уште полошо. Се покажало дека помалку позитивно дејство имаат солзите кај особи со нервоза и променливо расположение.

Сепак едно е сигурно, а тоа е дека со претерано плачење не можеме да го нарушиме своето здравје, посебно ако во него нема искреност. Неконтролираните солзи треба да се сфатат евентуално како симптом на некое збиднување, на некое депресивно нарушување – со други зборови, тие не се причина на таквата состојба, туку се последица. Солзите треба да се пуштат да течат, треба да се исплачете, ако чувствувате таква потреба. Плачењето е природно, дел од она што сме. Од друга страна, премногу солзи не можат да штетат, евентуално можеме на другите да им пречиме, ако станува збор за хистеричен испад.

Тажењето во изумирање

Болката кон починатиот блиските од женскиот пол (во други места и мажи) кај нас ја искажуваат гласно, скоро говорно, преку тажење, преку тажачки песни. При тажењето се прикажува ликот на починатиот, што бил и што им значел во фамилијата, па и во средината и што значи неговата загуба за нив. Тоа предизвикува потресни моменти кај присутните, излеани преку солзи.

Покрај тажење од блиски, од болка, во некои средини се нарачувале и специјализирани тажачки за да се предаде ликот на починатиот, иако не се ни познавале. За овие тажачки било важно да се знаат само главните елементи од биографијата на починатиот, а другата композиција била нивна – соодветна на наградата. Овој вид на тажачки веќе исчезнуваат, но и тажачките од болка се сè поретки поради концентрацијата на населението во градските средини. Нивни, повидни остатоци има во руралните средини. Всушност, младите, и таму, скоро и не знаат да тажат, па се слуша само нивно гласно офкање и ридање.

 

дознајте повеќе за проф. д-р Миќуновиќ

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-


 

www.doktori.mk, 13.05.2013

Последна вест

Најчитани статии - животен стил