Парализа на сонот - натприродна појава или пак не

доктор на медицина

Се будите во ноќта, а вашето тело неможе ни да се помрдне. Сакате да викнете, но сте спречени, не можете да се придвижите, заробени сте во своето тело... Видовте демони, сенки, светци, вонземјани, и сигурни сте дека ова беше реалност .... Дали парализата на сонот е натприродна појава или пак нешто што може да се објасни?

Парализа на сонот, непријатна состојба која ја имаат доживеано многу луѓе. Во некои случаи таа е симптом, но некогаш се јавува кај сосема нормални луѓе. Неможност да се помрднете, заробени во своето тело, свесни за себе... Гледате натприродни суштества вонземјани, или разни животни, за кои сте убедени дека се реални, се ова се случува при состојба на парализа на сонот.

Ова според научниците се случува во REM фазата. Обични тогаш кога луѓето директно запаѓаат во REM фазата без притоа да ја поминат онаа non-REM. При запаѓање во оваа фаза, мозокот на некој начин прави парализа на мускулите со цел вие физички да не го доживеете сонот, односно да не направите физичка повреда или други движења додека сонувате. Не е јасно како можете да се разбудите нагло во оваа состојба, но е сигурно дека вие се будите пред мозокот да ја поврати функцијата на мускулите. Во тој случај вие се наоѓате измеѓу реалноста и сонот, вие сте будни, но мозокот сеуште не ги враќа функциите на мускулите, а вие се чувствувате заробени во вашето тело, имате чувство дека некој ви лежи на градите, гледате сенки, чудовишта или било што што во моментот ќе ви помине низ главата.

Според научниците ова се случува најчесто кај луѓето кои директно влегуваат во REM фазата без притоа да поминат другите фази. Како ризик фактори за ваквата појава, научниците ги наведуваат алкохолот, кофеинот, спиењето на грб и секојдневниот прекумерен стрес. Според истражувањата 20-60% од луѓето во целата популација доживеале парализа на сонот барем еднаш во животот. Во тие ситуации најлошото е што истите имаат визуелни, аудитивни па и тактилни халуцинации. Некои луѓе гледаат демони, животни, мртовци, други пак велат дека слушаат писоци, гласови и чекори. Трети пак опишуваат чувство на допир, морници или стискање на градите, се ова може да се случи за време на парализа на сонот.

Парализата на сонот, не може да биде фатална, но може врз вас да остави трауми за цел живот. Најлошите симптоми во текот на оваа состојба се чувството на паѓање, летање или чувството дека некој ве извлекува од креветот или не сте во сопственото тело. За, среќа ова не трае повеќе од неколку секунди, многу ретко до минута. 

Меѓу народот и луѓето кои го проучуваат надреализамот, кружат многу теории, дека ова е состојба кога телото се наоѓа помеѓу материјалното и духовното, кога душата е вознемирена или има некој напад од нешто свето. Ова секако неможе во целост да се исклучи ако гледаме од религиска или од друга точка на човековото непознавање и заостанувањето на науката во овој дел. Но, на крајот мораме да кажеме дека научниците логично ја објаснуваат оваа појава и не треба да бидете премногу истрауматизирани доколку ви се случи. Иако вознемирени, сепак треба да се помирите со фактот дека ова се случува често и дека не е ништо што може да му наштети на вашето здравје.

Сепак иако постои логично објаснување парализата на сонот, не е доволно научно докажана, сеуште не се знае зошто телото се буди за време на парализа на мускулите и што е точната причина за тоа. Ваше е дела ќе верувате на духовната теорија или пак на научната, важно е да разберете дека ова не е состојба која може да ви наштети, доколку проживеете парализа на сонот едноставно станете испијте или изедете нешто благо, поразговарајте со некого, или пак доколку сте премногу вознемирени испијте некоја таблета за смирување, и секако не грижете се не сте единствениот, ниту пак некоја виша сила пробува да ви наштети едноставно сфатете го тоа како случка која веројатно веќе нема да се повтори. Доколку пак редовно се повторува, тогаш побарајте стручна помош од невролог или невро-психијатар.

Парализа на сонот, дали е натприродно или може да се објасни? Тешко е да се каже со сигурност, иако научниците сметаат дека парализата на сонот е само мало "потфрлање" на мозокот и пореметување на фазите на спиење и не се случува ништо посебно.

 

Дознајте повеќе за авторот Роберт Николовски

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 08.05.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина