Заедно со м-р Елизабета Панчевска започнуваме серијал на статии кој ќе ги опфати најчестите заразни болести кај деца во претшколска возраст.

Заразните болести се вид на заболувања кај луѓето и животните предизвикани од микроорганизми (бактерии, паразити, вируси). Инфекцијата сама по себе не е болест, затоа што таа само понекогаш може да доведе до заболување. Заразните болести имаат широк спектар на симптоми и клинички слики во тек на развојот на болеста. Симптомите може да се јават во рок од неколку дена, недела па дури и по една година од заразата. Зависно од личниот имунитет и врстата на инфекција, инфективните болести може да предизвикаат незначајни симптоми и да поминат без посебно лечење. Некои инфекции брзо предизвикуваат драматични здравствени проблеми.

Заразни болести кај децата

Децата имаат имунолошки систем кој е во созревање и нивната честа близина дава допринос за особено лесно објаснување на појавата на заразни болести кај децата. Заразните болести често се предизвикани од ширењето на бактерии (како на пример кај шарлах) или вируси (како на пример кај овчи сипаници, мали сипаници, шап и лигавка, и неколку други) во капки од плунката и секретот, особено при кашлање или кивање. Заразните болести, исто така, може да се случат при близок личен контакт со друго заразено лице или дури и со споделување лични предмети на заразено лице, како и во случајот со инфекции предизвикани од инсектите (како на пример со вошки и шуга) или габични инфекции.

Хепатитис А

Вирусниот хепатитис А е акутна заразна болест, со фекално-орален механизам на пренесување, од која најчесто заболуваат деца од предучилишна возраст. Вообичаено болеста има благ клинички тек, може да помине незабележливо, а хроничната форма е исклучително ретка. Речиси секогаш завршува без последици.


Предизвикувач e Хепатитис А вирусот (ХАВ) класификуван како Ентеровирус. Припаѓа на фамилијата мали вируси - Picornaviridae. Има округла форма, големина од 25-30 nm и не поседува обвивка. Вирусот на хепатитис А, поседува голема отпорност кон надворешни влијанија, задржувајќи ја биолошката активност 30 минути на 60°C. Во свежа вода може да опстане 12 недели, а во отпадни води, земјиште и морска вода уште подолго, што го потенцира значењето на фекалната контаминација на околината во неговото пренесување.

Резервоар и извор на зараза

Болниот човек е резервоар и извор на зараза во втората половина на инкубацијата. Заразен е се до неколку дена по појавата на жолтицата. Излачувањето на вирусот, а со тоа и заразноста, престануваат по една недела од почетокот на иктеричната фаза на болеста. Како извор на инфекција можат да бидат и школките, кои, филтрирајќи големи количества загадена вода поради сопствената исхрана, задржуваат хепатитис А вируси во својот алиментарен тракт.

Механизам и патишта на пренесување

Механизам на пренос е фекално-орален т.е. влезна и излезна врата е дигестивниот тракт, а патишта на пренос контактен, вода и храна. Трансплацентарниот пат на пренесување не е докрај разјаснет.Вирусниот хепатитис А спаѓа во групата на т.н. „болести на нечисти раце”. Тој е условен од присуството на свежа фекална контаминација на јагодиците на прстите. Пренесувањето на инфекцијата поради тоа е полесно и почесто кај деца, ментално ретардирани лица, како и кај лица со неразвиени хигиенски навики. Високата отпорност на предизвикувачот овозможува и посредно пренесување преку предмети за општа употреба.Алиментарниот и хидричниот пат настанува преку консумирање храна и вода, контаминирана со вирусот на хепатитис А. Храната секогаш ја контаминира лице кое се наоѓа пред крај на инкубацијата или во продромален стадиум. Најчесто се пренесува преку продукти кои не се обработуваат термички. 

Осетливост

Осетливоста е општа. Почесто заболуваат деца од предучилишна и училишна возраст и младинци.

Отпорност

По прележување на болеста останува солиден, долготраен (најверојатно доживотен) имунитет.

Инкубација

Инкубацијата кај ова заболување се движи од 15 - 50 дена, просечно 4 недел.


Клиничка слика

Клиничка слика на заболувањето започнува нагло со: грозница, губиток на апетит, мачнина, абдоминални тегоби.После неколку дена се јавува жолтило, најпрво со пожолтување на белките од очите. Кај заболувањето се регистрираат три стадиуми: преиктеричен, иктеричен и стадиум на реконвалесценција. Преиктеричниот стадиум најчесто трае од една до две недели. Започнува нагло, со покачена телесна температура, главоболка со симптоми од горните дишни патишта, на што се надоврзуваат губиток на апетитот, гадење, лесна болка под десниот ребрен лак. На крајот на стадиумот кај болниот се регистрира светлo бела столица, темна урина (се споредува со бојата на пиво) и жолтило на белките.


Иктеричниот стадиум започнува со појавата на жолтица, која прво се забележува на белките и тврдото непце, потоа на лицето, вратот и целото тело. Својот максимум го достигнува по два до три дена, а трае 1-2 недели.Стадиумот на реконвалесценција е послабо изразен кај хепатитисот А, каде пациентот пред крајот на иктеричниот стадиум субјективно добро се чувствува и нема тегоби. Во просек трае 2-3 недели. До комплетна нормализација na заболените доаѓа два до четири месеци од почетокот на болеста. Но заболувањето во поголем дел т.е. често поминува асимптоматско. На заболените не им се дава терапија, се препорачува одмор и диета.

Распространетост

Болеста е распространета низ целиот свет. Се јавува спорадично и епидемиски. Во неразвиените земји се јавува епидемиски, додека во развиените болеста ги зафаќа предшколските установи, домаќинствата. Високо-ендемски зони се одредени региони во Африка, Блискиот и Далечниот Исток, Јужна и Средна Америка. Регистрацијата на хепатитисот А во високо развиените земји e обратно-пропорционална на степенот на социоекономската развиеност. Во Република Македонија во периодот 1997-2008 година се пријавени вкупно 7922 заболени лица. Во нашата земја скоро секоја година се регистрирани епидемиски форми во училишни колективи, поради нехигиенска диспозиција на отпадните материи, немање на хигиенски санитарни јазлим нехигиенски исправна вода за пиење и неодржување на личната хигиена.



Хепатитис А се појавува сезонски, најголем дел од заболените се регистрираат во есенско-зимските месеци, а најмалку во лето.

Мерки на превенција

За профилакса на вирусната инфекција на хепатитис А се користат општи и специфични мерки. Општите мерки се: хигиенски исправна вода за пиење, лична хигиена, хигиенска диспозиција на отпадни материи, заштита на прехранбените продукти од загадување, рутински санитарно-хигиенски контроли.

Специфични мерки кои се користат се:

  • Примена на имуноглобулини во случај на епидемии во предшколските станови и при постоење на медицински индикации (кај трудници, пациенти со имуносупримирачки заболувања, пациенти под црнодробна имуносупресија и други), при што се ублажуваaт симптомите на болеста, но не го спречува ширењето на инфекцијата;
  • Вакцинопрофилакса, се користaт инактивирани вируси. Нејзината примена се препорачува кај: лица кои патуваат во ендемски подрачја; одредени лица под ризик (хемофиличари, поли-трансфундирани, интравенски наркомани, лица кои практикуваат хомосексуални односи); професионално експонирани лица; штитеници на установи за хендикепирани, установи за ментално ретардирани лица стари лица или сиропиталишта; комунални работници; Првата доза на вакцина е следена со ревакцинација по 6 до 12 месеци. На овој начин аплицирана, вакцината кај 95% од случаите дава заштита која трае најмалку 10 години.

Мерки на сузбивање

Се превземаат следните активности и мерки:

  • обавезно пријавување на секој случај;
  • изолација на болниот во домашни услови во тек на десет дена по појавата на иктерусот, хоспитализација не е обавезна;
  • лабораториско испитување;
  • спроведување на дезинфекција.

 

Дознајте повеќе за м-р Елизабета Панчевска

Кон рубриката "Најчестите заразни заболувања кај деца во претшколска возраст" >>>

www.doktori.mk, 23.04.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина