Краставица - освежително и здраво

Краставица, зеленчук без кој неможе да се замисли нашата традиционална салата. Зеленчук кој е идеално освежување во топлите летни денови, зеленчук кој е идеален за конзумирање, заедно со секој појадок, заедно и со традиционалната домашна ракија. Краставицата е непогрешлива состојка во сите салати, бидејќи има вкус кој се вклопува со сите други намирници. Дали и колку краставицата е корисна за нашето здравје? 

Дека краставицата е вкусна и многу применувана сите знаете, но дека е извонредно корисна и квалитетен избор за здрава храна многумина се сомневаат. Според многу анкети и истражувања луѓето краставицата ја сметаат за зеленчук кој со своите здравствени придобивки неможе да им парира на останатите зеленчуци, дека е освежителна, но без некаква посебна здравствена вредност. Ова е мит, краставицата е еднакво здрава и корисна како сите други зеленчуци и овошја и неможе да се стави ниту едно скалило подолу. Дека ова е така, ќе ви докажеме со краток текст со кој ќе ги презентираме квалитетите и здравствените придобивки на краставицата ...

Краставицата е едногодишно растение, кое има ползовит раст, плодот зависи од сортата на краставицата, може да биде подолг или пократок, а може и да има горчлив вкус. Кога сме кај сортите мораме да напоменеме дека има навистина многу, од кои кај нас најчесто се одгледуваат: цариградската долга краставица, сензација, деликатес и др. Краставицата е зеленчук кој можеби е на врвот на листата нискокалорични зеленчуци. Таа содржи најмногу вода од сите зеленчуци, има сув остаток само 4%. Па, поради фактот дека е нискокалорична и богата со вода, таа е најдобриот избор при диетите, салатите во кои доминира краставицата се најнискокалоричните салати, кои можете да ги конзумирате колку пати сакате во текот на денот.

Но, иако има толку многу вода таа е исклучително богата со материи кои се потребни на организамот. Имено, таа содржи јод, калиум, витамин Б1, витамин Б2, витамин Ц, железо, како и малку масти, шеќери и протеини.

Краставицата содржи многу ретки, но и многу важни ферменти. Овие ферменти го подобруваат варењето на храната, а и го даваат убавиот вкус на краставицата. За да ја конзумирате краставицата, треба само да ја измиете, немојте да ја лупите. Лушпите на краставицата се најкорисниот дел од неа. Мораме да напоменеме дека краставицата е најздрава, најдоцна до вториот ден одкако е берена. Веќе третиот ден по брањето краставицата губи голем дел од своите хранливи вредности. Кога сме кај начинот на употреба, иако салатите со краставица се одлични и здрави, конзумирањето на истата, без никакви додатоци е најдобро. Внимавајте, немојте да ја солите, солот е штетна навика, и доколку имате навика многу да солите, ќе добиете повеќе штета одколку корист, во сите видови салати со или без краставица.

Доказ дека краставицата е здрава и има здрави ферменти е и нејзиното присуство во козметиката. Се почесто можете да сретнете препарати на база на краставица, таа ја рехидрира кожата, ја прави мека и нежна, таа има состојќи кои превенираат создавање на бори. Краставицата е одлична намирница за време на летото, можете од неа да правите и сокови, и разни коктели. Краставицата со една реченица кажано е извор на свежина и здравје.

Свежо, здраво, крцкаво и вкусно, а истовремено и лесно достапно. Тоа е краставицата, кралица на салатите, чувар на младоста, борец со жештините. Краставицата е зеленчук со кој треба да се гордееме, бидејќи можат да ја употребуваат сите, без ограничувања, колку повеќе, толку подобро.

www.doktori.mk, 22.04.2013

Последна вест

Најчитани статии - исхрана