Омраза

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Што е со луѓето? Синот мајката ја убил зашто му направила торта со маргарин, а не со путер! Внукот од 25 години баба му од 84 година ја претепал, и го скршил колкот, по глава ja удрил со боксови, па се обидел да ја запали?! Родители не само што го фрлиле детето, туку над него се изживувале, сечејќи му го дури и јазикот!



Живееме во период на технолошка револуција, т.е. во супериндустриска цивилизација, која, освен со експлозивниот развој на науката, се карактеризира и со феноменот на општа агресија. Ова е присутно во меѓублоковските односи и е од космополитски карактер, се протега меѓу континентите и мултинационално, ама се јавува многу и меѓу луѓето.



Секојдневна појава е нетрпеливоста и агресијата меѓу луѓето на сите географски ширини. Автоагресијата, која трагично завршува со самоубиство, исто така, е во пораст. Има многу причини што во овој грижен, возбуден и збунет свет, во кој е воспоставена рамнотежа на стравот, предизвикуваат појава на вистинска мрзлива волја, во која злобната личност се гризе самата себе или ги гризе луѓето од својата средина. Агресивниот човек не поднесува никого кој, во било што, може да го надмине. Во присуство на завист и болна суета се губат пријателските наклоности. Омразата, како семето, почнува да нарастува и да го оптоварува емотивниот и мисловниот систем на оној што мрази, гушејќи го со сопственото неспокојство. Злобата самата за себе станува казна, а омразата – чувство својствено за слабите и оптоварените со комплекс на пониска вредност. Тоа често се компензира со насилничко однесување. Чувството на завист го познаваат само духовно сиромашните личности. Заслужуваат исто сожалување како оние кои мрзат и оние на кои тоа проклето и ниско чувство се однесува. Кој на друг му пожелува зло и самиот е несреќен. Индивидуалното, меѓучовечкото непријателство што е засновано на лична антипатија не може да се оправдува, иако може да се разбере.



Во мојот град пред еден месец се самоуби возрасна жена, скокајки од седми кат. Пред една недела момче на 25-годишна возраст си ја претепал бабата на возраст од 84 година, баба која го одгледала од пелени. Со удари со нозе, со клоци í го скршил колкот, при што бабата паднала на тепих, па со боксови удирал по нејзината глава и накрај го потпалил тепихот за да ја запали.Во соседната земја возрасен маж го убива синот, па дванаесет соседи на спиење во пет часот наутро, шест мажи и шест жени, дете од две година и накрај својата жена и самиот себеси. Што се случува со луѓето?



Меѓутоа, меѓунационалната омраза, во која тесноградноста, нетрпеливоста и злобата се протега на непознати и апстрактни луѓе, припадници на други раси, класи, вероисповеди или народи, преоѓа во сфера на социјална и национална психопатологија. Религијата, идеологијата, државното уредување, од било која причина, ги поттикнуваат таквите меѓунационални аверзии се темни сили. Во нив владетелите се тирани или лудничави нарцисоиди. Меѓунационалната омраза е сразмерна со количеството на внсениот отров што ги разорува меѓусебните односи и степенот на културата на скараните народи, ама секогаш биле доволни да предизвикаат реки крв. Лавината од омраза, поттикната и диригирана од луѓе кои професионално се занимаваат со национализам, е почеток на раскол, а продолжува во меѓунационални судири, вклучувајќи ги и оружените. Потполно и трајно единство нема ни во царството на минералите, камали кај живите луѓе, но неединство за подобро, а не за омраза.На сите ви е познат случајот „монструм“ во кој се убиени пет недолжни граѓани кои ловеле риба на езеро само поради национална нетрпеливост. Зашто е тоа така? Кому му е потребна толкавата омраза?! Каде одат луѓево?



Исто така, е неприфатливо да се измириш со инаетчиски полемики, измислени оптужби, недолични вербални кавги, со што се појачува загриженоста и омразата.
Малолетници дивеат по улици, фрлаат камења, повредуваат патници каменувајќи автобуси и возови. Група од 11 малолетни лица без повод и причина физички напаѓаат случајни минувачи нанесувајќи им повреди.Агресијата и омразата не е само кај младите луѓе. Денес на вестите се слушна како возрасна жена на 69 години со пиштол си ги решавала своите соседски односи, расправии.Агресијата и омразата не знаат за граници. Овие денови топ–тема е пронајдено фрлено новороденче во Арачиново. Не само што го фрлиле родителите, туку над него се изживувале, сечејќи му го дури и јазикот. Сега е на интензивна нега. Печатот на 12 април јави дека тоа дете, Најден, ќе преживее, но вечно ќе остане лош жив пример на родители чедоубијци, по кои се трага.



Спасувањето на татковината е највисок закон (Solus patriae suprema lex est) на сите слободољубиви народи и вистински патриоти. Да му служиш на народот е највозвишен повик во сите времиња. Кога е земјата во опасност, а народот се дави во наметнатите економски и морални провалии, никој не треба да се засолнува во себе, барајќи заветрина и поштеда од општествените должности и обврски.Рамнодушноста и пасивното исчекување е својствено за егоцентричните, морално анестезираните и асоцијалните луѓе. Вистинските интелектуалци би морале да ѕвонат на узбуна, да ги разбудат луѓето со заспана свест и да ги ангажираат за спречување на омразата меѓу поединци и народи.Свесни за својата биолошка и секаква друга конечност, разумните луѓе би морале да минат преку таквите неубави и недостојни емоции, какви што се меѓучовечката нетрпеливост и омразата, и да се оплеменат со чувство на разбирање или барем толеранција, ако не и општо човекољубие. Оние што посеале меѓунационални караници, поделби и непријателства, во името на накнадно дојдениот хуманизам или, пак, за искупување од направените гревови, би требало да си заминат од општествените работи и да ги препуштат на просветни, мудри, чесни и решителни луѓе.Омразата меѓу луѓето можат да ја искоренат само оние кои се воспитувале на изворите на народните мудрости и од други човекољупци, кои им помогнале со должно почитување и разбирање да ги прифатат сите луѓе со нивните мани и добрини. Од такви непристрасни и способни луѓе може да се очекува ликвидација на сите привилегии и обезбедување право на работа и на мирен живот на сите луѓе, да воспостават социјална правда.
Платон препорачувал „исти личности воедно да бидат мудреци и владатели“ за да може човечкиот род да се ослободи од сиромаштво и од други зла.



Вистинските човекољупци не ги сакаат само своите роднини, туку и другите луѓе, припадниците на несродни народи и култури. Иднината не може да се гради на граѓанска, а со тоа и на национална дискриминација. Нема слободно општество, било тоа национално единствено или хетерогено, без слободни поединци. Човечките слободи се однесуваат на уважување на сите индивидуални, национални, културни и верски посебности, нивно слободно исполнување и негување, под услов да не ги нарушуваат истите права на другите сограѓани и етнички групи. Во спротивно, нерегуларната демократија или неускладената граѓанска слобода можат да се преобразат во најлош вид општествена анархија. Затоа треба да се дадат сите права на припадниците на националните и етничките групи, со нивна обврска лојално и коректно да се однесуваат кон заедничката земја во која живеат. Значи, треба да се уважуваат сите национални специфичности и сите нивни заеднички вредности. Мултинационалното и мултикултурното општество се усогласува со космополитска визија на информациската епоха во што зачекори современата цивилизација.

 

дознајте повеќе за проф. д-р Миќуновиќ

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 22.04.2013

Последна вест

Најчитани статии - животен стил