Доктори.мк | Маслиново масло - извор на здравје и благодет | maslinovo-maslo-izvor-na-zdravje-i-blagodet | Портал за медицина и здравје

Маслиново масло - извор на здравје и благодет

Маслиновото масло е крал меѓу маслата, вистински извор на здравје, вистински лек кој нуди огромен број придобивки за организамот. Маслиновото масло е најдобриот избор за вашите салати и сите други ваши јадења.

Маслиновото масло е богато со каротеноиди и голема резерва на антиоксиданси. Високо квалитетното, ладно цедено маслиново масло содржи витамин Е, како и незаситени масни киселини кои се од исклучителна корист за организмот. Маслиновото масло е вистинска ризница на материи кои се му потребни на организамот, па затоа наместо да ги набројуваме нив, ќе се потрудиме да ви презентираме каква е здравствената корист од конзумирањето на маслиново масло.

Маслиновото масло го јакне имунитетот, го штити срцето и крвните садови, но дејствува и против хроничните дегенеративни заболувања. За разлика од некои други намирници, маслиновото масло било многупати испитувано и тестирано, па неговите придобивки се евидентирани и потврдени во многу научни медицински списанија и портали. Маслиновото масло е заштитник на желудникот. Има и силни антивоспалителни својства. Можеме да кажеме дека маслиновото масло е благодет за скоро сите органи во нашето тело.

Маслиновото масло е добар заштитник од атеросклероза, како и од дијабет и скоро сите други метаболички пореметувања. Маслиновото масло е одличен избор за луѓето кои патат од зголемени триглицериди и холестерол, па се препорачува овие луѓе сончогледовото масло во целост да го заменат со маслиново масло. Во некои истражувања при кои се испитувале способностите на маслиновото масло против ракот, се докажало дека тој има висока протективна улога особено кога се работи за рак на дебело црево и дојка. Се препорачува на сите луѓе кои имаат сколност кон овие заболувања редовно да го употребуваат маслиновото масло во исхраната, односно да го заменат со стандардното.


 

Научниците веруваат дека маслиновото масло е одлично во регулирање на шеќерот во крвта, бидејќи се докажало дека оброците во кои има додадено маслиново масло имаат помала моќ за нагло покачување на шеќерот во крвта. Сепак кога сме кај маслиновото масло мораме да ја нагласиме и неговата моќ во намалување на крвниот притисок. Научниците велат дека и мала количина на маслиново масло влијае во намалување на крвниот притисок.

Скоро и да нема орган во телото кој нема придобивка од редовното конзумирање на маслиново масло. Освен наброените придобивки, маслиновото масло е добро и кај асматичари, луѓе со пептичен улкус и било какви воспалителни заболувања. Сепак за жал, маслиновото масло е доста скапо на нашите простори и добар дел од луѓето не можат да си го дозволат за секојдневна употреба. Важно е да се знае дека треба да се купува проверено и чисто маслиново масло, без додатоци.

Маслиновото масло е повеќе од благодет.  Важно е да се напомене дека повеќето горенаведени полезни ефекти се однесуваат на ладно цеденото маслиново масло. Тргнувајќи од неговите својства и нутритивен статус, истото препорачуваме да се употребува во секоја ситуација, како идеална замена за останатите видови на масла.

Употребувајте го почнувајќи од денеска и во зеленчуковите салати, за тие да станат вистински бомби полни со здравје. :-)

www.doktori.mk, 16.04.2013

Последна вест

Најчитани статии - исхрана