Дали мигрената е само обична главоболка?

студент по медицина

За мигренозната главоболка се зборувало уште од времето на Хипократ.Тогашните лекари сликовито го опишуваат ова заболување само со еден збор "Hemicrania". Зборот хемикранија означува главоболка која е локализирана само на една половина од главата (hemi-половина и cranium-череп). Мигренозната главоболка има свои специфики и се разликува од другите видови на главоболка не само по локализацијата, туку и поради причините кои доведуваат до нејзино јавување како и поради придружните симптоми кои одат заедно со мигренозната главоболка.

Специфики на мигренозната главоболка

Мигренозната главоболка ја зафаќа едната половина од главата и понекогаш има своја карактеристична аура која всушност и претходи на секоја епизода на мигренозна главоболка. Аурата вообичаено трае од 15 до 60 минути и не мора секогаш да биде присутна, но доколку е присутна може да се презентира различно. 

Понекогаш аурата може да се манифестира како гадење и нагони за повраќање, вртоглавици, чувство на некои мириси, свeткања пред очите и нарушување на бистрината на видот, па се до гледање на двојни слики. Без оглед на тоа дали аурата ќе биде присутна или не, епизодата на главоболка која се јавува се карактеризира со многу силна главоболка која пациентот не може да ја издржи, често избегнува да биде експониран на светло и се затвора во темна соба, се препотува и му сметаат гласни звуци и бучава. Многу ретко, но не и невозможно е мигренозната атака да добие поинакви димензии кога започнуваат да се јавуваат различни невролошки симптоми како трнење на една половина од телото или парализирање на едната половина од телото. За да се јават вакви симптоми кои укажуваат на сериозни случувања во мозочното ткиво може да упатува зачестеното јавување на мигренозните атаки кога секоја следна се јавува веднаш по престанување на претходната атака и велиме дека пациентот влегува во мигренозен статус. Мигренозниот статус е сериозна состојба која навестува можност за еволуција на главоболката кон појава на ситни, но не и беззначајни мали инфаркти во мозочната кора кои може да остават трајни промени.

Како настанува мигрената?

Постојат неколку теории кои објаснуваат како настанува мигрената. Долго време се сметаше дека васкуларната теорија ги објаснува сите случувања зoшто и како настануваат мигренозните атаки. Денеска се повеќе се верува дека мигренозните атаки настануваат како резултат на невроналната намалена функција (централна кортикална депресија), а се напуша васкуларната теорија.

Според васкуларната теорија мигренозните атаки се јавуваат како резултат на спазми на крвните садови односно како резултат на намалување на луменот на крвниот сад кој така стегнат го отежнува и намалува дотокот на крв богата со кислород до мозокот. Долго време се веруваше дека промените на крвните садови се клучниот момент за настанувањето на нападите на главоболка. Денеска се напушта таа теорија бидејќи со помош на функционална магнетна резонанца е докажано дека само во периодот на аурата доаѓа до стеснување на луменот на крвните садови, но не и во фазата на мигренозниот напад.

Со помош на функционалната МРИ и РЕТ скенот откриени се промени во активноста на мозочното ткиво во различни делови на мозокот при јавувањето на мигренозниот напад. Односно, според теоријата на таканаречената централна невронална депресија се смета дека мигренозниот напад се должи на намалена активност на невроните во некои делови на кората на големиот мозок и во таламусот кој е делумно одговорен за перцепцијата на болката.

Од друга страна, забележани се зони на зголемена активност кои се наоѓаат во мозочното стебло кои се одоговорни токму за јавувањето на болката како симптом и соодветно нејзино подоцнежно намалување како резултат на синтеза на ендогените опијати. На сето ова по долготрајно јавување на мигренозни напади се забележуваат и промени во крвоснабдувањето и крвните садови, но и во структурата на мозочната кора каде може да се забележат и микроинфаркти. Оттука апсолутно станува јасно дека васкуларната теорија не може да ги објасни сите случувања во мозокот за време на нападот, а теоријата на централната кортикална депресија подетално ги објаснува сите промени кои настануваат за време на мигренозната атака и јасно ни дава на заење дека мигренозната главоболка не е само обична главоболка која поминува со вообичаен аналгетик.

Всушност овој тип на главоболка во основа има сериозни промени во активноста и структурата на мозочното ткиво кои понекогаш може да еволуираат во микроинфаркти кои трајно може да одземат некоја важна мозочна функција. Аурата кај мигрената предупредува на напад кој би требало да следи по јавувањето на аурата. Во зависност од зафатеното подрачје на мозокот аурата може да има различни карактеристики. Мигрената може да биде испровоцирана од различни настани и случувања.

Терапијата на болните опфаќа користење на вообичаените аналгетици заедно со Ерготаминот и Суматриптанот.


 

 

дознајте повеќе за авторот Филип Наумовски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 11.04.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина