Најчесто поставувани прашања во врска со оралното здравје на детето од 3 – 5 годишна возраст

доктор по стоматологија

Продолжуваме со рубриката "Здрава насмевка за среќно дете". Овој пат ви даваме одговор на најчесто поставуваните прашања во врска со децата кои се на возраст од 3 до 5 години.

Дали треба да се загрижиме доколку детето цица прсти?

Цицањето прсти (особено палците) е нормално за доенчиња. Поголемиот број деца престануваат со цицање на прстите на 2 годишна возраст. Доколку тоа не го стори Вашето дете, пробајте да го одвикните до 4 годишна возраст. Долготрајното цицање прсти може да доведе до лошо поставување, преклопување и искривување на забите, како и проблеми со џвакањето и загризот.

Дали треба да се санира кариесот на млечните заби?

Доколку дојде до појава на кариес на некое млечно запче, потребно е да се оди на стоматолог и да се отстрани кариесот додека не се направила поголема шуплина на запчето. Секое чекање и одложување на посетата може да направи поголем проблем. Редовните контролни прегледи кај стоматолог ќе Ви бидат од голема корист навремено да се забележи секоја промена на запчињата и во устата воопшто.

Лекување на млечните заби - ДА или НЕ!

Лекувањето на забите понекогаш е рутинска работа, а понекогаш потребно е комплицирано и долготрајно лекување. Се препорачува запчињата да се лекуваат навремено со што би се спречило проширување на воспалителниот процес и не би дошло до појава на гангрена или воспаление на пулпата. Лекувањето започнува со преглед, а потоа дезинфекција со што би се пристапило кон интервенцијата. ВАЖНО е да се лекуваат млечните заби за да можат подолго да останат во устата и да го чуваат местото на трајниот заб заменик. Лекувањето се однесува на поставување лек во забот кој боли, умртвување на нервот и полнење на каналот. Понекогаш сето тоа се прави во една посета кај стоматолог, а понекогаш потребно се неколку пати.

Зошто се важни млечните заби?

Млечните заби се важни од повеќе аспекти. Прво тие се чувари на местото на трајниот заб заменик во забната низа. Доколку се здрави детето ќе може правилно да зборува (правилно да ги изговара буквите) и да јаде без проблем. Исто така ќе може да спие, односно сонот нема да му биде нарушен од забоболка предизвикана од расипаните млечни запчиња.

Дали прехрамбените навики на моето дете се добри? Што треба да јаде повеќе?

Уште од најмала возраст детето треба да ја научи полезноста од здравата храна односно да стекне навика за здрава храна. Тоа подразбира што повеќе да јаде зеленчук, овошје, месо, млеко и млечни производи, јајца и сл.  Родителите треба да му објаснат дека бомбоните и чоколадите неможат да бидат замена за ручекот или вечерата.


 

 

д-р Кристина И. Стојаноска Алоска

 ПЗУ "Д-р Каланоска" -  Охрид

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 10.04.2013

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија