Доктори.мк | Спанаќ - крал на пролетниот зеленчук | spanak-kral-na-proletniot-zelencuk | Портал за медицина и здравје

Спанаќ - крал на пролетниот зеленчук

Спанаќот е едногодишно растение, кое има изразено зелени нежни листови. Него можеме да го набавиме на сите зелени пазари, па и во добро снабдените маркети. Токму ова е периодот кога спанаќот полека започнува да ги исполнува пазарите. Иако неговото производство ќе трае во текот на целата година, тој е еден од најмоќните пролетни зеленчуци.  Во текстот што следи дознајте зошто ние го нарековме крал на пролетниот зеленчук...

Спанаќот бил познат уште на древните стари народи. Се смета дека во Европа бил донесен во 15 век од страна на Арапите. Во 17 век тој бил исклучително популарен се приготвувал и служел со шеќер.

Спанаќот е растение кое е многу богато со вода. Тоа има многу ниска калорична вредност, 2,2% протеини, 3,9 % јаглехидрати и 0,5% масти. Сепак акцентот треба да се стави на минералниот статус на спанаќот, бидејќи соодносот и присутноста на ретки минерали, го прават спанаќот да доминира по здравствената ефикасност пред сите други зеленчуци кои се одгледуваат во овој период од годината. Во продолжение ви представуваме што се содржи спанаќот, и само со еден оброк со спанаќ колкав процент од дневно препорачаната доза за минерали и витамини ќе задоволите. После ова ќе можете сами да заклучите зошто токму спанаќот е најдобриот пролетен зеленчук ...

  • Фолна киселина - 50% од дневно препорачаната доза по оброк,

  • Витамин А - 60% од дневно препорачаната доза по оброк, 

  • Витамин Ц - 35% од дневно препорачаната доза по оброк,

  • Железо - 20% од дневно препорачаната доза по оброк,  

  • Магнезиум20% од дневно препорачаната доза по оброк, 

  • Рибофлавин - 15 % од дневно препорачаната доза по оброк,

  • Калциум - 10% од дневно препорачаната доза по оброк, 

  • Калиум15% од дневно препорачаната доза по оброк, 

  • Витамин Б615% од дневно препорачаната доза по оброк,

  • Витамин Е - 15% од дневно препорачаната доза по оброк,

На ова не би требало што многу да додаваме, самите можете да заклучите во колкав процент ќе го задоволите организмот со сите потребни витамини и минерали, ако еднаш во денот изедете еден оброк кој е базиран на спанаќ.

Спанаќот го подобрува работењето на срцето и функцијата на мускулите. Тој го потикнува функционирањето на панкреасот, а влијае врз намалување на крвниот притисок, со што го олеснува работењето на срцето и бубрезите. Спанаќот е вистински детоксикант за организамот го чисти токсините и ги буди сите забавени метаболички процеси. Спанаќот исто така влијае во јакнење на влакната на косата, јакнење на ноктите, а ја чува и одржува виталноста на кожата.

Спанаќот го чува здравјето на нервниот систем, но исто така го засилува и чува имуниот систем, благодарејќи на високите количества на витамини кои ги содржи. Огромната количина на фолна киселина јасно укажува дека спанаќот треба да биде конзумиран од страна на анемичните лица и бремените жени, спанаќот содржи и многу железо, па поради ова тој е делотворен без разлика за каква анемија се работи.

Сепак треба да се напомене дека спанаќот содржи оксална киселина која може да предизвика кристалчиња кои се таложат во бубрезите ако се внесува во големи количини, затоа спанаќот треба да го јадат помалку луѓето кои имаат проблеми со функцијата на бубрезите. Сепак ова не треба да ве загрижи, за да ја превенирате оксалната киселина, потрудете се добро да ги отстраните дршките на листовите, а спанаќот доколку биде конзумиран со млеко, тогаш навистина нема да постои ниту оваа мала штетна особина. Оксалатната киселина се врзува со калциумот од млекото и се излачува од организамот. Сепак, воопшто не треба да се грижите дека спанаќот може да им наштети на бубрезите, тој само се препорачува во помали количини кај бубрежно слабите лица.

Неколку совети плус ...

  • Спанаќот јадете го веднаш по приготвувањето, еднаш подготвен спанаќ не смее повторно да се подгрева

  • Не користете многу вода додека го готвите спанаќот, за да го зачувате неговиот квалитетен нутритивен статус

  • Се препорачува да се фрли водата во која е варен спанаќот бидејќи е заситена со натриум,

Нема што посебно да се додаде кога станува збор за спанаќот. Тој е едноставно витаминска бомба, содржи многу минерали кои се грижат за функцијата на сите органи. Спанаќот е растение кои ќе го има од пролетта, па се до есента, затоа не пропуштајте барем неколку пати неделно да го има на вашата трпеза.

www.doktori.mk, 05.04.2013

Последна вест

Најчитани статии - исхрана