Постменопаузално крварење - симптом кој не смеете да го игнорирате

студент по медицина

Периодот на менопаузата кај жената претставува период на интензивни промени чија клучна причина е гасењето на оваријалната функција. Овариумите (јајниците) во текот на целиот генеративен период служат како извор на естрогени и јајаце клетки. Токму поради хормонската активност на јајниците кај девојчињата во пубертетот настануваат видливи промени на телото и се воспоставува редовен менструален циклус.

Откако менструалниот циклус ќе стане редовен и жената ќе стане способна да забремени и да ја доноси бременоста велиме дека настапил генеративниот период кој се карактеризира со циклично и редовно менструално крварење кое се јавува на секои 28 дена (21-35 дена). Но кога жената ќе навлезе во својата 5-та декада се очекува постепено но сигурно настапување на климактериумот односно менопаузалните пормени. Менопаузата се карактеризира со многу промени како на физички така и на психички план кои се должат на хормоналниот дизбаланс и падот на естрогените како резултат на гасењето на оваријалната функција. Падот на естрогените ќе резултира со отсуство на менструацијата односно на менструалните крварења. На почетокот менструалните крварења може да се јавуваат нередовно се додека комплетно не престанат да се јавуваат.

Кога менструалните крварења комплетно ќе престанат тогаш секоja повторна појава на крв односно возобновување на крварењето би можело да упатува на сериозно заболување.Кога еднаш хормонската оска која го регулира цикличното менструално крварење ќе биде прекината и циклусите ќе престанат не постојат никакви теоретски основи кои би упатувале на повторно воспоставување на нормални концентрации на естрогените и последователно на тоа повторно месечно крварење.Оттука секое крварење во менопаузата е знак за заболување.Заболувањата се најчесто сериозни и затоа алармот кој го праќа организмот не смее да биде игнориран.


Речиси никогаш крварењата во постменопаузалниот период и во сениумот немаат хормонално потекло туку велиме дека секогаш се од органско потекло. Најчестата причина за појава на крварење кое е нередовно и нема тенденција да се повторува циклично, а може да трае различно долго е карциномот на ендометриумот. Карциномот на ендометриумот е малигна неоплазма која потекнува од епителот на матката и најчесто ги засега жените по 50-тата година. Може да нема никакви симптоми и да е присутен, но еден од главните кардинални симптоми на ова сериозно заболување е токму постменопаузалното крварење.Доколку настане крварење во постменопаузалниот период секогаш треба да се направи експлоративна (дијагностичка) киретажа.Материјалот добиен со киретажата потребно е да биде прегледан од специјалист патолог.Карциномот на ендометриумот е малиген тумор кој почесто се јавува кај жени кои се дебели, кај жени кои веќе боледуваат од шеќерна болест или пак патат од висок крвен притисок.Исто така се смета дека конзумацијата на многу масна храна е еден од клучните ризик фактори за настанувањето на овој карцином.Дека навистина дебелината и конзумацијата на мастите како и дијабетот се многу важни ризик фактори за настанување на карциномот на ендометриумот говори фактот дека сите состојби се поврзани со зголемена концентрација на естрогени во крвта кои го стимулираат ендометриумот да расте и конечно во еден момент и да малигнизира.Исто така пушењето се смета за ризик фактор додека посебно место во листата на ризик фактори завзема позитивната фамилијарна анамнеза односно присуство на карциномот кај некоја од блиските роднини како мајка, сестра итн.Кога воопшто ќе се јави вакво постменопаузално крварење веројатноста дека се работи за карцином на ендометриумот е многу голема така што сите пациентки би требало веднаш да се јават на гинеколог кој ќе ги направи неопходните иследувања.Крварењето може да трае различно долго и да биде различно по интензитет.


Иако карциномот на ендометриумот е најчестата причина за крварење во постменопаузалниот период истото може да се јави и заради малигни заболувања на грлото на матката или пак малигнитет на самиот ѕид на вагината.Овие две состојби даваат оскудно крварење кое некогаш е придружено со слузава секреција.Крварењето е спонтано и ненадејно или пак настанува при контакт со инструменти додека се прави гинеколошки преглед или пак при обид за сексуален контакт.Иако оскудно крварењето треба да биде сватено сериозно исто толку колку и пообемните крварења во оваа доба.Поретко, но и карциномот на јајцеводите може да даде исто така крварење.Понекогаш крварењето може да биде резултат на постоење на таканаречен сенилен колпит односно воспаление на ѕидот на вагината кое настанува како резултат на недостатокот на естрогени во менопаузата кои го прават ѕидот отпорен и толерантен на различни механички и хемиски стимулуси.



Без оглед на времетраењето, количеството односно интензитетот на крварењето секое крварење во постменопаузалниот период мора да биде многу сериозно сватено и соодветно третирано.Од сето погоренапишано може да се увиди дека најчеста причина за постменопаузални крварења се токму малигните заболувања кои генерално имаат агресивен тек и однесување иако пациентката не чувствува никакви други симптоми.Крварењето не смее да се интерпретира како повторна менструација и да биде запоставено туку секогаш неопходно е да се побара причината која довела до крварење во тој период кога нема никаква хормонска основа за појава на менструација.

 

дознајте повеќе за авторот Филип Наумовски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 02.04.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина