Шизофренија - како да ја препознаеме и како да помогнеме

студент по медицина

Како што во претходната статија наведов, шизофренијата е ментално нарушување каде доаѓа до поделување (расцепување) на менталните функции, т.е се јавува нарушување во мислењето, говорот и емоцијата. Се јавуваат халуцинации, пациентот се повлекува во свој свет кој не е реален, што значи дека има директен контакт со фантазијата, а е далеку од реалноста. Исто така кажав дека тоа е болест на која многу се истражува затоа што не е мал бројот на лица кои боледуват од ова нарушување, трошоците за лекување се огромни, а и нејзината мистериозност е уште еден голем мотив за научниците да одговорат како и зошто таа настанува.

Во оваа статија која е наменета за општата популација, студентите на медицина и младите доктори, ќе бидат опишани симптомите кои се јавуваат кај лицата кои боледуваат од шизофренија, ќе биде наведено што ние можеме и треба да направиме за да помогнеме доколку препознаеме вакви лица, и како да се надмине лошиот однос кој го имаат “нормалните” кон ваквите лица.Шизофренијата не е заболување кое се јавува за еден ден, или за една недела. Таа се развива споро, потребни се месеци дури и години за да се појават првите симптоми. Постојат многу фактори кои одредуваат какви ќе бидат симптомите кои ќе се јават кај одредена личност.



 Секоја личност е свет за себе, па оттаму, кај секоја личност болеста се јавува во различен степен, кај некои со потежок , кај некои со полесен, кај некои се јавува во порана возраст, кај некои подоцна.Луѓето кои боледуваат од шизофренија, често имаат проблеми со работното место, и пријателите. Тие исто така имаат проблеми и со депресија,  мислат на самоубиство, или пак се обидуваат да се самоубијат.



 Познатиот балкански невропсихијатар Проф. Д-р Јован Ристиќ, на едно предавање по психијатрија за шизофренијата ги прашал студентите: “Дали сте слушнале некој овчар да се самоубие?” со тоа индиректно кажува дека од шизофренија најчесто заболуваат интелигентни личности ( и луѓе со просечна интелигенција,но не и луѓе со физиолошка тапост) луѓе кои се под постојан притисок од околината, но тоа не значи дека секој интелигентен човек треба да заболи од шизофренија.Пример за тезата дека луѓе заболуваат од шизофренија е математичарот Проф. Д-р. Џон Неш, професор на Принстон универзитет и добитник на нобелова награда за економија. Во негова чест е снимен филмот “Прекрасен ум”.
Кај лицата со шизофренија интелигенцијата е зачувана.



Кај колега, пријател, близок или подалечен член од семејство, или било кој човек со кого сте во контакт кој боледува од шизофренија на почеток ќе забележите дека има проблеми со концентрацијата и дека се чувствува напнато. Ќе забележите дека своите секојдневни активности не може да ги извршува како што тоа порано тоа го правел. Тоа го прави нервозен и напнат. Во разговор може да ви каже дека има проблем со спиењето, дека неможе да спие, или дека навечер често се буди, често шета итн.



Како што болеста напредува кај личноста се јавуваат проблеми со мислењето, емоциите и однесувањето. Па така пациентот може да ви каже дека слуша гласови кои му кажуваат што да прави, му даваат наредби. Пациентите со ова се борат, често не сакаат да го слушаат и исполнуваат тоа што гласот ќе им го каже, а наредбата која постојано им доаѓа, дополнително ги прави нервозни. Пациентите често се изолираат. Живеат во свој нереален свет во кој се цврсто убедени дека постои. Веруваат во мисли кои се нереални. Не покажуваат емоции. Имаат проблем со мислењето. При започнување на една мисла тие не можат да ја завршат, пациентот може да ви каже дека некој им вметнува други мисли кои се со различна содржина од нивната мисла. Некој од пациентите може да ви каже дека одреден дел од телото не го чувствува за свој, дека кај неговото тело настануваат промени кои тој ги забележува, па им кажува на другите луѓе тие промени да ги забележат (иако промените не постојат). Поради тоа чувство, често знаат да остануваат пред огледало подолго време (синдром на огледало).
Класично симптомите кои се јавуваат кај лицата со шизофренија се поделени како позитивни и негативни.



Позитивни се оние симптоми кои што кај останатите “нормални” луѓе не се јавуваат. Пример: појавата на гласови (звучни халуцинации), појава на променет вкус (густаторни халуцинации), појава на променет мирис (олфактивни халуцинации), појава на променет допир (тактилни халуцинации), нарушување на текот на мислата, нарушување во говорот. Важно е да се напомене дека овие симптоми добро одговараат на третман со лекови.
  Во негативни симптоми влегуваат отсуствувањата на нормалните емоционални одговори кој секој човек ги искажува во секојдневниот живот и нарушувања на други процеси. Пациентите не се заинтересирани за комуникција со пријатели, не се заинтересирани за ширење на нови познанства, седат дома и не прават ништо, претходниот ентузијазам кои го имале за правење на различни работи е изгубен. Овие симптоми многу потешко одговараат на медикаментозна терапија.

СИМПТОМИ КАЈ ШИЗОФРЕНИЈА

ПОЗИТИВНИ

  •  Делузии – претставуваат погрешни верувања или погрешни интерпретации на искуството или перцепцијата. Пр. Верување дека пациентот е следен или пак дека преку телевизија, преку радио или преку весници директно нему му испраќаат тајни пораки.

  •  Халуцинации – претставуваат претерувања или поместувања на перцепцијата за било кој од осетите. Пр. Слушање звукови следени со гледање на работи кои реално не постојат.

  •   Дезорганизираност во зборување/мислење – клучен аспект кај шизофренија. Пр. Во започнатата мисла се уфрлаат други мисли кои се со различна содржина од започнатата.

  •  Висока дезорганизираност во однесувањето – вклучуваат потешкотии во т.н целно однесување, пр. Неможност во извршување на секојдневните активности. Непредвидлива агитација, социјално повлекување, однесување кое што е бизарно за набљудувачот.

  •  Кататонично однесување – се карактеризира со знајачно намалување на брзото реагирање во средината која го опкружува. Пр. Успорени се, невнимателни, со бизарно или вкочането држење на телото, или бесцелни движења.

  •   Други симптоми – симптоми кои не мора секогаш да се јават. Тука влегуваат : Деперсонализација (смета дека е друга личност, постојано се гледа во огледало, мисли дека кај него нешто е променето, им кажува на другите да ги забележат промените), дереализација (пациентите мислат дека нивната околина е променета. Мислат дека луѓето околу нив не се истите како некогаш, дека се изменети, дека околината околу нив е измента) и соматска преокупација (преокупација со своето тело).
                                                       >>> ДОБРО ОДГОВАРААТ НА ТЕРАПИЈА
     

НЕГАТИВНИ

  •   Алогија – осиромашување на говорот. Пациентите не зборуваат течно и продуктивно. Често одговараат со кратки и празни одговори.

  •  Ахедонија – пациентот не е во можност да ги искаже своите задоволства.

  •   Намалување на рангот и интензитетот на емоционалата екпспресија, вклучувајќи ја лицевата експресија, гласот, контактот со очи (пациентот не одржува контакт со очи, загледан е на некое друго место) и не е во можност да го интерпретира и правилно да го користи говорот на телото.

  •   Аволиција – редукција, отежнатост или неспособност да се иницира или постои целно однесување. Пр. Пациентите не се заинтересирани да се дружат и да запознаваат нови пријатели, не се заинтересирани за ништо, немаат ентузијазам, седат дома со саати и не прават ништо.

                                                                        >>>  ЛОШО ОДГОВАРААТ НА ТЕРАПИЈА 


Што можеме да направиме како индивидуалци за да помогнеме?


1. ПРЕПОЗНАЈТЕ ги горе споменатите симптоми.
2. РАЗГОВАРАЈТЕ со пациентот или со некој член од семејството и предложете им да консултираат психијатар (доколку претходно не консултирале).
3. ОДЕТЕ во подрачната служба на министерството за труд и социјална политика и образложете го случајот на социјален работник, доколку пациентот живее сам, нема семејство или доколку членовите на неговото семејсто не се во државата.
4. НЕМОЈТЕ да ги исмејувате и деградирате. Тоа се пациенти како и останатите кои се заболени од срце, бубрези, желудник и сл. само што тука се работи за заболување на душата.



5. ПОБАРАЈТЕ ПОМОШ од психијатриска установа, социјален работник или полиција, доколку пациентот одбива да посети психијатар (доколку сте член на потесно семејство).
6. НЕМОЈТЕ по престојот во психијатриска клиника овие луѓе да ги игнорирате, ако пред нивниот престој сте контактирале со нив.
7. ВНИМАВАЈТЕ на пациентот (доколку сте член на потесно семејсто). Постои можност да се самоубие.
8. НЕМОЈТЕ да ја криете болеста од останатите (доколку сте член на потесно семејство), и да ја третирте како срамна за семејството. Третирајте ја болеста како и секоја друга.
9. ВНИМАВАЈТЕ по враќањето од психијатриска клиника препишаните лекови пациентот да ги зема навремено. Проверувајте дали ги голта. (ова се однесува за членовите од потесното семејство)
10. РЕДОВНО придружувајте го пациентот (доколку сте член на потесно семејство) на контроли кај матичниот психијатар.


Дознајте повеќе за авторот

Филип Синадиновски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 20.03.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина