Дали може ракот на дојка да се спречи?

доктор на медицина

 

До сега, не постои сигурен начин да се спречи ракот на дојка, затоа редовните мамограми се толку важни за рана детекција. Стратегии кои можат да помогнат во спречување на ракот на дојка се избегнување на зголемување на телесната тежина и дебелина, редовна физичка активност и минимизирање на алкохолот. 

Жените кои избираат да дојат подолг период на време (студиите сугерираат една година или повеќе), исто така може да го намалат нивниот ризик за рак на дојка. Една жена треба да се смета со зголемен ризик од рак на дојка поврзано со употребата на естроген и прогестин при оценување на опциите за третман за симптомите на менопаузата. Третман со тамоксифен или ралоксифен, исто така, може да го намали ризикот од рак на дојка кај жени со висок ризик.



Дебелина

Дебелината го зголемува ризикот од постменопаузалниот рак на дојка, но се чини дека штити од рак на дојка пред менопаузата. Кај постменопаузалните жени, циркулирачкиот естроген првенствено се произведува во масното ткиво. Така, доколку има повеќе масно ткиво се зголемува нивото на естроген и веројатноста за развој на рак на дојка.
Зголемување на телесната тежина во текот на зрелоста, исто така, го зголемува ризикот од рак на дојка. Резултатите од една студија на повеќе од 80.000 регистрирани медицински сестри откриле дека жените кои добиле 25 кг. или повеќе после 18-тата година имале речиси за 50% поголем ризик од добивање на рак на дојка; добивање на 10 или повеќе кг. по менопаузата бил поврзан со зголемен ризик од 18% . Иако некои истражувања покажале дека губењето на тежината може да биде поврзан со намален ризик, резултатите не се конзистентни. Потешко е да се испита ефектот на слабеење врз ракот на дојката поради тоа што губењето на тежината често не се одржува.



Исхрана

Бројни студии ја испитувале поврзаноста на продуктите во исхраната (вклучувајќи маснотии, соја, млечни производи, месо и овошје и зеленчук) со ризикот од рак на дојка, меѓутоа, не постои јасна врска за било кој од нив. Една неодамнешна мета анализа на животински масти во исхраната и ракот на дојката, во која биле вклучени повеќе од 20.000 случаи со рак на дојка, заклучила дека нема поврзаност. Слично, намалување на внесот на масти кај постменопаузалните жени не влијае врз ризикот од рак на дојка. Сепак, времето на изложеност може да биде важно, како што наодите од една студија на медицински сестри покажале дека високомасна исхрана за време на адолесценцијата е поврзана со умерено зголемување на ризикот од пременопаузалниот рак на дојка. Од друга страна, сојата се смета дека го намалува ризикот од рак на дојка, делумно поради историската ниска стапка на рак на дојка меѓу азиските жени. Една неодамнешна метаанализа покажала дека внесот на соја бил обратно поврзан со ризикот од рак на дојка во Азија, но не и кај Западната популација. Ефектот на исхраната врз ризикот од рак на градите останува активна област на истражување, со студии особено фокусирани на времето на изложеност, специфични компоненти во исхраната и дали ризиците можат да се разликуваат од хормон рецептор статусот на туморот.



Физичка активност

Растат доказите кои го поддржуваат скромниот заштитен ефект на физичката активност врз ризикот од рак на дојка, со посилни докази за постменопаузални одколку пременопаузални жени. Намалувањето на ризикот е сличен како за умерена така и за енергична активност. Клучниот механизам на оваа потенцијална заштита не е добро разбран, иако се претпоставува дека ползата може да се должи на ефектите од физичката активност врз телесната маса, хормоните и енергетскиот биланс.

Консумирање алкохол

Бројни студии потврдиле дека алкохолот го зголемува ризикот од рак на дојка кај жените. Mетаанализа на повеќе од 40 епидемиолошки студии сугерира дека еквивалент на 2 пијалоци дневно (или 24 гр. алкохол) го зголемува ризикот за рак на дојка за 21%. Неодамнешните студии исто така, објавиле дека дури и мало до умерено консумирање алкохол (3-14 пијалоци неделно) е поврзано со мало зголемување на ризикот од рак на дојка. Зголемениот ризик е дозно-зависен и постои без оглед на видот на алкохолни пијалоци кои се консумираат. Еден од најчестите механизми со кои алкохолот го зголемува ризикот од рак на дојка зголемување на нивото на естроген и андрогени.



Тутун

Во 2009 година, Меѓународната агенција за истражување на ракот¬ заклучила дека има ограничени докази дека пушењето предизвикува рак на дојка кај жените врз основа на преглед на 150 студии. Последователно, една голема американска студија на речиси 80.000 жени пронашла дека сегашните пушачи имале 16% поголем ризик од рак на дојка во споредба со жените кои никогаш не пушеле. Истражувањата исто така, сугерирале дека ризикот може да биде поголем за жените кои почнале со пушење во текот на своите тинејџерски години. Иако доказите остануваат недоволни, пасивното пушење, исто така, е предложено дека го зголемува ризикот од рак на дојка, особено кога изложеноста се случува на помлада возраст. Во 2006 година, американските хирурзи го поврзуваат пасивното пушење и ракот на дојката како "сугестивно, но не доволно" за да се заклучи причинско-последична врска. Сепак, една неодамнешна метаанализа заклучила дека нема поврзаност помеѓу пасивното пушење и ракот на дојка, без оглед на времето на почетокот на изложеноста. Сепак, јасно е дека непушењето цигари и избегнување на изложеноста на чад од цигари има повеќе здравствени придобивки.



Хемопревенција

Употребата на лекови за да се намали ризикот од заболување се нарекува хемопревенција. Клиничките испитувања покажале дека кај жените кај кои се знае дека се изложени на зголемен ризик за рак на дојка, лекот тамоксифен и ралоксифен значително го намалуваат овој ризик.

Тамоксифенот се користи повеќе од 30 години како третман за некои видови рак на дојка. Во 1998 година, голема рандомизирана студија на повеќе од 13.000 жени прва покажала дека тамоксифенот, исто така, може да се користи за да се намали ризикот од инвазивен и ин ситу рак на дојка кај жени со висок ризик за развој на болеста, но сепак, намалувањето на ризикот бил ограничен нa ER+ (естроген рецептор позитивен) рак на дојка. Просечно после 7 години следење, ризикот за рак на дојка е намален за 42% во групата која добивала тамоксифен, со 25 случаи на рак на дојка дијагностицирани на 1.000 жени во групата, во споредба со 43 случаи на 1.000 во групата која не добивала тамоксифен. Заштитен ефект се забележува во меѓународна рандомизирана студија на превенција во која биле вклучени повеќе од 7.000 жени. Овие долгорочни резултати од следењето укажуваат на тоа дека намалувањето на ризикот продолжува по завршувањето на 5 годишниот третман. Сепак, администрација на тамоксифен резултирала со некои ризици во двете студии, особено бил зголемен ризикот од ендометријален карцином.



 Во една студија за превенција на oстеопороза со ралоксифен, истражувачите забележале дека пациентите кои земале ралоксифен имале помал ризик од рак на дојка отколку контролната група. Студија на тамоксифен и ралоксифен (STAR) која ја споредувала ефективноста на тамоксифенот и ралоксифенот открила дека ралоксифенот бил речиси исто толку ефикасен како тамоксифенот во спречувањето на инвазивен канцер на дојка и бил поврзан со помал ризик од одредени несакани ефекти, како што се рак на ендометриум и згрутчување на крвта во нозете или белите дробови. Како тамоксифенот, бенефитот се чини дека е ограничен за намалување на ризикот од развој на ER + рак на дојка.Се проценува дека 15,5% од белите жени и 5,7% од Афроамериканските жени на 35-79 години се подобни за хемопревенција со тамоксифен врз основа на критериумите на US Food and Drug Administration (FDA) и дека придобивките ги надминуваат ризиците за 4,9% за белите и 0,6% за Афроамериканските жени. Сепак, во 2005 година, помалку од 0,1% од жените земале тамоксифен. Една жена со зголемен ризик од рак на дојка треба да разговара за користење на тамоксифен или ралоксифен со својот лекар.
Клиничките испитувања исто така испитуваат друга класа на лекови, ароматаза инхибитори – за да се види дали тие можат да бидат ефикасни за превенција на рак на дојка. Во моментов, овие лекови се одобрени за да се спречи повторување на рак на дојка. Иако првичните резултати се ветувачки, овие лекови се само ефективни кај постменопаузалните жени.

Профилактички хирургија

Жените со многу висок ризик од рак на дојка можат да изберат профилактичка (превентивна) мастектомија. Оваа операција ги отстранува едната или двете гради пред ракот на дојка да биде откриен. Некои жени, исто така, можат да изберат реконструкција на нивните гради по операцијата. Отстранување на двете гради пред ракот да се дијагностицира го намалува ризикот од рак на дојка за 90% или повеќе. Профилактичка салпинго-оофоректомија (хируршко отстранување на јајцеводите и јајниците) го намалува ризикот од рак и на дојка и на јајници во пременопаузалните жени кои носат BRCA мутации. Важно е да се напомене дека не сите жени кои избираат да ги направат овие операции ќе развијат рак. Една жена која ги зема во предвид  овие операции треба да разговараат за ова внимателно со својот лекар.

Второ мислење е препорачливо

Некои жени кои се дијагностицирани со рак на дојка во една дојка избираат да ја отстранат и втората града. Ова е познато како контралатерална профилактичка мастектомија (CPM). Неодамнешните студии покажале значајно зголемување на стапката на CPM за жени дијагностицирани со инвазивен канцер на дојка, како и DCIS (дуктален карцином ин ситу). Иако CPM речиси го елиминира ризикот од развој на рак на дојка во втората дојка има помалку докази дека тоа го подобрува долгорочното преживување со рак на дојка. Голема американска студија покажала дека малата предност во преживувањето поврзано со КПМ било ограничено на жени дијагностицирани пред 50 годишна возраст во рана фаза, со ER- рак на дојка.



Насоки на Американското здружение за рак за исхрана и физичка активност за превенција на ракот

Одржувајте здрава тежина во текот на животот.


• Биланс на внес на калории со физичка активност.
• Избегнувајте прекумерно зголемување на телесната тежина во текот на животот.
• Постигнување и одржување на здрава тежина ако во моментот имате вишок килограми или сте дебели.


Прифатете физички активен животен стил.

• Возрасните треба да практикуваат најмалку 30 минути на умерена до силна физичка активност над вообичаените активности, 5 или повеќе дена во неделата; 45 до 60 минути намерна физичка активност е подобра.
• Деца и адолесценти треба да практикуваат најмалку 60 минути дневно умерена до силна физичка активност најмалку 5 дена неделно.



Јадете здрава исхрана, со акцент на растителни извори.


• Изберете храна и пијалаци во количини кои помагаат во постигнување и одржување на здрава тежина.
• Јадете 5 или повеќе порции на различен зеленчук и овошје секој ден.
• Изберете цели зрна наместо обработени (рафинирани) зрна.
• Ограничете внес на обработено и црвено месо.

Ако пиете алкохолни пијалаци, ограничете го внесот.


• Жените треба да пијат не повеќе од 1 пијалок дневно (или 2 дневно за мажи). 

 

Дознајте повеќе за д-р Дарко Стојановски

авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели иќили реемитување

www.doktori.mk, 19.03.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина