Претпротетска хирургија - хируршка корекција на мекото ткиво

студент по стоматологија

продолжува од Претпротетска хирургија - неправилности на коскеното ткиво

За некои неправилности на мекото ткиво на горната и долната вилица потребна е хируршка корекција пред изработка на парцијална или тотална протеза.

Од неправилности на меките ткива ќе бидат опишани следниве :

  •  Отстранување лабијален френулум

  •  Отстранување лингвален френулум

  •  Отстранување плики

  •  Fibromatosis tuber maxillae

  •  Fibromatosis trigonum retromolare

  •  Хипермобилна алвеоларна гингива

  •  Протетска хиперплазија на слузокожата

  •  Продлабочување на fornix



Отстранување лабијален френулум

Лабијалниот френулум се состои од цврстофиброзно ткиво кое е покриено со слузокожа. Тој почесто се јавува во горната вилица. Лабијалниот френулум мозе да биде припоен на надворешната страна или дури на врвот на гребенот. Изразениот лабијален френулум може да смета на стабилизацијата на протезната плоча, неповолно влијае на постигнување вентилен ефект на протезата. Од тие причини френулумот треба по хируршки пат да се отстрани.

 

Отстранување лингвален френулум

Јазичен или лингвален френулум е вродена аномалија поради што доаѓа до намалена подвижност на јазикот. Долната тотална протеза при секое движење на јазикот се поместува. Поради тоа ваквиот френулум треба хируршки да се корегира.


 

Отстранување плики

Пликите се фиброзни набори на слузокожата. Пликите може да бидат припоени ниско или високо припоени на алвеоларниот гребен. Поради тоа протезата лесно паѓа и затоа пред изработувањето на протезите пликите треба хируршки да се корегираат. Пликите најчесто се наоѓаат во предел на горните премолари и молари и долните премолари.

 

Fibromatosis tuber maxillae

На tuber maxillae се јавува зголемување од присуството на поголемо количество сврзно ткиво под слузокожата. Фиброматозата може да биде пропратена и со егзостоза на коската на туберот. Може да биде зголемен целиот тубер или се зголемени само некои негови делови. Зголемувањето кај некои пациенти може да биде толку големо да туберот ја допира оклузалната површина на забите од долната вилица. Интералвеоларниот простор може да биде намален што не може да се израбои протеза без хируршка корекција. Се отстранува подвижната слузокожа и се формира цврст гребен кој поволно делува на стабилноста на протезата.

 

Fibromatosis trigonum retromolare

Фиброзно зголемување може да се сретне и на trigonum retromolare mandibulae. Ова зголемување може да биде во контакт со оклузалните површини на горните заби или понекогаш и со tuber maxillae. Фиброзното зголемување ја попречува стабилизацијата на долната протеза бидејќи го намалува ретроалвеоларниот простор, а со својата подвижност ја оневозможува стабилноста на протезата. Затоа е потребна хируршка корекција.

Хипермобилна алвеоларна гингива

Подвижна алвеоларна гингива почесто е присутна на горната вилица придружена со хиперплазија на слузокожата кај пациенти кои во долната вилица имаат само предни заби, додека на горната вилица носат тотална протеза. Кај овие случаи поради силниот притисок на предниот дел на горниот алвеоларен гребен пропратно со ресорпција на коската настанува и хиперплазија на потслузокожното сврзно ткиво. Поради зголемената подвижност на ткивото протезата станува нестабилна при жвакање.
 

Протетска хиперплазија на слузокожата

Протетска хиперплазија на слузокожата може да се појави во било кој предел на горната и долната вилица. Најчесто се појавува во предел на горните фронтални заби, а како причина може да биде траума или лошо изработена протеза. Доста често се гледа кај пациенти кои имаат горна тотална протеза и свои природни заби на долната вилица. До хиперплазија кај овие случаеви доаѓа поради притисокот на протезните крила кој е најизразен во предел на горниот фронт. Поради големиот притисок доаѓа до атрофија на коската, па рабовите на протезата постојано ја трауматизираат слузокожата. Се гледа еден или повеќе слузокожни набори во форниксот помеѓу кои се наоѓаат засеци на слузокожата кои одговараат на рабовите на протезата. Слузокожата е воспалена, на некои места некротизирана и болна на допир. Хиперпластичната слузокожа потребно е хируршки да се отстрани.

Продлабочување на fornix

За да може да се изработи стабилна протеза која ќе покрива што поголема површина од алвеоларниот гребен, потребно е кај атрофирана горна и долна вилица да се направи продлабочување на форниксот. Целта на продлабочувањето на форниксот е да се изврши поместување на нискиот припој на подвижната слузокожа во неподвижна, со цел да се добие сулкус со нова длабочина. Кај горна вилица границата се поместува према горе – кранијално, а кај долна вилица према доле – каудално.
 

Заклучок

Во усната шуплина во секојдневниот живот настануваат големи промени кои се надоврзуваат едни со други. Од сите нив зависи планот на претпротетската терапија и интервенција. Таа овозможува корекција на сите аномалии кои настануваат по природен пат и со екстракција на забите, а кои се пречка за изработка на парцијална или тотална протеза. За изработка на истата потребно е да помине одреден период од претпротетската интервенција.Заклучуваме дека претпротетската хирургија е еден од најважните претчекори во изработка на протезата. Од начинот на кој таа е применета и подлогата која е направена во усната шуплина зависи стабилноста на протезата која потоа се вградува и дали таа ја задоволува својата функција, ја овозможува правилната фонетика и естетика.

 

дознајте повеќе за авторот

Александар Гаврилов

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 18.03.2013

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија