Доктори.мк | Разлики помеѓу дневниот и ноќниот крем за лице | razlikata-pomegu-dnevniot-i-nokniot-krem-za-lice | Портал за медицина и здравје

Разлики помеѓу дневниот и ноќниот крем за лице

доктор на медицина

Убавината и младешкиот изглед се идеал на секоја современа жена, а изгледот на кожата е еден од главните фактори кој сведочи за тоа колку тој идеал е постигнат. Судејќи по огромната палета на козметички производи која денес им е достапна на потрошувачите навидум грижата за кожата не би требало да претставува проблем, но од друга страна богатата понуда наметнува конфузност и дилема кај потрошувачите во врска со изборот кој треба да го направат.



Една од најчесто присутните дилеми во врска со грижата за кожата е користењето на дневен и ноќен крем за лице. Дел од жените сметаат дека им се потребни и дневниот и ноќниот крем за постигнување на максимален ефект, додека другиот дел се приврзаници на мислењето дека еден квалитетен крем може да го постигне истиот ефект. Козметичките куќи не само што неуморно ја потенцираат потребата од тоа да се користи различен крем во различен период од денот туку и за различни типови на кожа, за различни делови од лицето и телото...



Но колку реално постои потреба од тоа?

Факт е дека кожата има незаменлива улога во одржувањето на интегритетот и хомеостазата на човечкиот организам и оваа улога ја врши непрекинато 24 часа во денот. Разликата е во тоа што во текот на овие 24 часа кожата е изложена на различни агенси и фактори од околината од кои на правилен начин треба да ја заштитиме.Во текот на денот кожата е изложена на UV зрачење, прашина, потење, поголем број на микроорганизми, шминка, континуиран стрес...Сето ова е добра основа за развој на иритации, алергии, изгореници, промени во пигментацијата, губење на сјајот и еластичноста. Затоа кремот кој се нанесува треба да ја заштити кожата од овие ризик фактори или во најмала рака да го редуцира нивното штетно влијание. Кремот кој го нанесувате во текот на денот треба да содржи СПФ фактор независно од сезоната (лето/зима) бидејќи сончевите зраци се постојано присутни и се еден од најголемите непријатели на младиот и здрав изглед на вашата кожа, а од друга страна го забрзуваат процесот на стареење и создавањето слободни радикали.

Важно е и присуството на антиоксиданси кои учествуваат во елиминирањето на слободните радикали кои настануваат под дејство на UV зраците или под дејство на разни хемиски процеси во кожата. Од друга страна кремот треба да биде со лесна формула, односно брзо впивлив и да и овозможува на кожата непречено да диши – без затнување на порите. За дневна употреба се препорачува помалку масен крем кој е добра подлога за нанесување шминка, во спротивно би се создал ефект на масна, потна кожа која го засенува впечатокот на нежното и привлечно женско лице.



Затоа кремовите кои се препорачуваат за дневна упореба се дизајнирани на основа на заштита и детоксикација, со лесна формула која ја подржува и не ретко ја олеснува основната функција на кожата.Од друга страна во текот на ноќта кожата е фокусирана на регенерирање и поправка. Долгогодишно истражување покажало дека најизразена стапка на регенерирање и апсорпција кожата достигнува во интервалот од 23 h до 04 h по полноќ. Козметичките куќи го искористиле овој податок и создале креми со обогатени формули наменети за ноќна употреба. Главна карактеристика на овие креми е тоа што тие не содржат СПФ фактор – од една страна тоа не е потребно, а од друга страна неговото присуство може да има иритирачко дејство или да го намали дејството на останатите корисни состојки во кремот (особено ретинолот).



Кремите против стареење (anti-age), богати со ретинол, хијалуронска и гликолична киселина иако може да се нанесуваат во било кој период од денот, поголема ефективност и ефикасност покажуваат кога се нанесуваат навечер. Ова повторно се должи на зголемената апсорбирачка моќ на кожата во ноќните часови и отсуството на антагонисти на самиот процес.
Кремите наменети за ноќна употреба содржат повисоки концентрации на витамини, антиоксиданси, навлажнувачки соединенија и бавноапсорбирачки состојки кои во текот на ноќта интензивно се апсорбираат, а поради општо намалениот метаболизам на телото главно локално се искористуваат. За разлика од дневните креми ноќните креми се ,,тешки,, , поконцентрирани и значително помасни што би претставувало реален проблем доколку се нанесуваат преку ден, но не и доколку тоа се прави навечер и времето на апсорбирање трае до утринските часови.



Споменативе разлики помеѓу дневниот и ноќниот крем за лице кои повеќе се квантитативни отколку квалитативни на некој начин ја потенцираат потребата и бенифициите од користењето две различни креми. Голем број дерматолози се согласуваат дека не е ,,големо зло,, користењето на единствен хидратантен, богат крем кој во голема мера ги задоволува основните потреби на кожата, но од друга страна не ја исклучуваат можноста дека користењето на две различни креми веројатно ќе даде подобри резултати.

Конечната одлука сепак останува Ваш личен избор !

 

дознајте повеќе за авторот - Кристина Денчовска

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 15.03.2013

Последна вест

Најчитани статии - животен стил