Кучешка тенија - опасност која не демне

доктор на медицина

Како се пренесува?

Кучешката тенија (Echinococcus) е паразит кој се размножува во тенкото црево на кучињата. Преку изметот на заразеното куче многубројни цисти се исфрлаат во околната средина. На тој начин доаѓа до загадување на околината, водата, тревата и земјоделското земјиште. Човекот може да ги внесе овие цисти во својот организам ако конзумира неизмиен зеленчук или овошје загадени со кучешка тенија. Ова се однесува на растенијата кои растат непосредно на почвата-марула, спанаќ, јагоди. Заразеното куче со својот јазик може да ги пренесе цистите на своето крзно и најмногу во пределот околу устата. Во случај човекот да дојде во контакт со цистите преку милување на заразеното куче, постои реална опасност да ги внесе во својот организам, ако конзумира храна, а пред тоа не ги измил рацете.

Цистите секогаш се внесуваат преку устата. Во желудникот под дејство на киселината се разложува нивната обвивка и понатаму преку крвотокот се локализираат во некој од следните органи:

1.) Црн дроб – е најчеста локализација-75% од вкупниот број случаи
2.) Бели дробови – 15% од вкупниот број случаи
3.) Кај останатите сличаи, цистите се локализирани во мозок, слезена,бубрег.

Многу ретко, но познати се случаи на ехинококова циста во коски и око.

Клинички знаци:

Ехинококовите цисти растат бавно и потребно е подолг временски период од моментот на заразување до манифестацијата на симптомите.

  • Првиот стадиум на болеста е без симптоми т.н. асимптоматски стадиум. Пациентот не чувствува никакви тешкотии. Овој стадиум може да трае релативно долго, имајќи во предвид дека некогаш се потребни 5-6 години за цистата да достигне пречник од 5см.
  • Вториот стадиум почнува во периодот кога цистата достигнала големина со која прави притисок на околните органи и структури. Првиот симптом кој се јавува е тапа болка во стомакот, на десната страна, во пределот на црниот дроб. Може да се јави мачнина, повраќање, жолтица.


 

  • Третиот стадиум е стадиум на компликации од ехинококова циста. Кај црнодробната циста најчеста компликација е прскање на цистата и излевање на нејзината содржина во жолчните канали или во стомачната празнина, пратени со многу силна болка. Кај 30-40% од пациентите се јавува многу силна алергиска реакција т.н. анафилактичен шок, со опасност по животот на пациентот. Кај белодробната локализација, компликациите се чувство на тешко дишење, гушење, искашлување на содржина од цистата (искашлување на течност со солен вкус), некогаш и делови од обвивката на цистата.

 

Дијагностицирање

За дијагностицирање на црнодробната циста, ехо(ултразвук) дава информации за големината, бројот и локализацијата на цистата. Комјутеризирана томографија исто така е метод на избор. Во случај, во ѕидот на цистата да има наталожен калциум, цистата може да се забележи и на рентгенска снимка. Позитивни се и некои од алергиските реакции.

 Третман

Секогаш се препорачува хируршко отстанување на цистата, доколку цистата е многу голема, се отстранува и дел од органот. Доколку хируршкиот третман не може да се изврши поради состојбата на пациентот, се препорачува антипаразитарна терапија-мебендазол или албендазол.

Превенција

Р Македонија и целиот медитерански регион се т.н. ендемски регион за ехинокок. Тоа значи дека во тој регион ехинокок се јавува многу често. Затоа се препорачува внимателно миење на градинарските култури, миење на рацете по контакт со куче и задолжителна ветеринарна контрола на домашните миленици.

 

дознајте повеќе за авторот

д-р Наталија Цоклеска

авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување

www.doktori.mk, 13.03.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина