Претпротетска хирургија - неправилности на коскеното ткиво

студент по стоматологија

Кај голем број пациенти не е потребна хируршка интервенција на мекото или коскеното ткиво пред изработка на парцијалните и тоталните протези. Меѓутоа, кај некои пациенти не може да се изработи протеза без претходна хируршка корекција на мекото или коскеното ткиво на вилиците.



ПРЕТПРОТЕТСКАТА ХИРУРГИЈА  има за цел да обезбеди широка подлога- база за протезата, да воспостави добар однос помеѓу гребените и да обезбеди доволно длабок вестибулум и форникс.
Дефинитивниот облик на алвеоларниот гребен зависи од правилната екстракција на забите. При екстрахирањето на забите често настануваат испакнувања или егзостози на букалниот или лабијалниот кортекс, интерденталниот септум, интеррадикуларниот септум или не се изврши репозиција на коскените ламели.
Изработката на парцијални или тотални протези на неправилно формиран алвеоларен гребен има за последица слаб вентилен ефект, лоша ретенција на протезата, па по правило треба да се изработи нова протеза.
Неправилностите на горната и долната вилица се делат на :


• Неправилности на коскеното ткиво
• Неправилности на мекото ткиво


 Од истражувањата што ги направив забележав, дека правилната примена на претпротетската хирургија кај поголем број на пациенти со вродени или стекнати аномалии и нивно решавање е многу значајно за правилно планирање и изработка на мобилните протетички конструкции за да истите остваруваат максимални функкционални, естетски и профилактички вредности.


 

Неправилности на коскеното ткиво се :

  • Коскени неправилности на алвеоларниот гребен

  • Коскено зголемување на tuber maxillae

  • Остар гребен во пределот на долните инцизиви

  • Torus palatinus

  • Torus mandibulae

 

Коскени неправилности на алвеоларниот гребен

Неправилностите на алвеоларниот гребен најчесто се јавуваат после екстракција на забите.
Нерамнините најчесто се јавуваат кога непосредно после екстракцијата не се отстрани интерденталниот или интеррадикулрниот септум или не се изврши репозиција на коскените ламели.Испупчувањата и подминираните места може да се најдат на средината или на страна на алвеоларниот гребен. Ако се изработи протеза, поради траума на тоа место пациентот чувствува силна болка. Хируршката корекција на procesus alveolaris се нарекува alveolotomija – потполно отстранување на алвеоларната чашка.
Парцијалната алвеолотомија е нивелација само на дел од алвеоларниот гребен, додека тоталната алвеолотомија е нивелација на целиот procesus alveolaris на горната и долната вилица која се изработува многу ретко. Со алвеолотомијата се подготвуваат вилиците за изработка на протези кои ке ги задоволуваат естетските и функционалните услови.


 

Коскено зголемување на tuber maxillae

Коскеното зголемување на tuber maxillae може да биде еднострано или обострано. Испупчувањето најчесто се наоѓа на надворешната страна на туберот. Може да биде помалку или повеќе подминирано така што оневозможува изработка на протеза. Коскеното испупчување може да биде комбинирано и со фиброматоза на туберот. Хируршкото отстранување на подминираната коска на tuber maxillae се нарекува tuberotomija.

Остар гребен во пределот на долните инцизиви

Кај некои пациенти се наоѓа остар алвеоларен гребен во пределот на долниот фронт, кој е тесен и покриен со доста тенка слузокожа. Освен тоа често може да биде и нерамен. Последица од која се појавува овој гребен е нерамномерната ресорпција на коскеното ткиво. Ако на ваков остар гребен се изработи протеза, таа ќе предизвикува болка и декубитоси.Тенкиот дел од коската по хируршки пат се скратува и се зарамнува за да може да се изработи коректна протеза.

Torus palatinus

Torus palatinus е бенигно коскено зголемување кое се јавува на средина на тврдото непце по должина на медијалната сутура. Слузокожата која го покрива торусот е доста тенка за разлика од слузокожата на другите места на непцето и е слабо васкуларизирана.Зголемувањето може да се состои од едно или повеке испупчувања.Ако е torus palatinus малку назначен не е потребно хируршки да се отстранува , затоа што може со фолија да се обложи и да се изработи задоволувачка протеза. Голем torus palatinus мора да се оперира, затоа што протезната плоча ќе предизвика декубитуси. Протезата нема да биде стабилна поради лошиот вентилен ефект, затоа што ослонувајќи се на торусот, ја губи стабилноста и паѓа.


 

Torus mandibulae

Torus mandibulae е коскено зголемување кое се јавува на лингвалната страна на телото на мандибулата во предел на премоларите. Може да се јави на едната или на двете страни на мандибулата. Мандибуларниот торус, во зависност од неговата големина понекогаш треба да се отстрани хируршки. Притискањето на протезната плоча предизвикува истенчување на слузокожата, декубитуси и болка. 


 

 

 

дознајте повеќе за авторот

Александар Гаврилов

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 28.02.2013

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија