Дентални интервенции и совети за подобро орално и општо здравје при бременост

доктор по стоматологија

Грижата за оралната хигиена во текот на бременоста е императив за мајката, поради тоа што оралното здравје на мајката може да има влијание врз здравјето на детето. Хормоналните и промените во метаболизмот доведуваат до зголемен ризик на инфламација на гингивата, крварење, пародонтални заболувања, кавитации и нивни компликации (пулпити, пародонтити) и зголемена чувствителност на забите и затоа нивната превенција и санација е неизбежна.

Жените кои планираат да имаат дете пожелно е пред да забременат да посетат стоматолог и да санираат сè што е потребно. Но, во реалност веќе бремените жени не ни посетуваат стоматолог во текот на бременоста поради предрасудите дека денталните интервенции можат да му наштетат на плодот. Напротив, тие го посетуваат стоматологот само ако се работи за некоја акутна или итна состојба што е ГОЛЕМА ГРЕШКА!!!



Денталните интервенции доколку може најдобро е да се остават за после породувањето, но тоа не значи дека не може да се извршат во тек на бременоста. Најдобро е да се избегнуваат интервенции во првиот триместар и во втората половина на третиот триместар (првото поради органогенезата, а второто поради зголемувањето на плодот и не можноста на мајката да лежи удобно на стоматолошкото столче и притисокот од матката врз vena cava inferior). Најидеален термин за дентални интервенции е на почетокот на вториот триместар во периодот помеѓу 14-20-тата недела, но се разбира зависно од околностите може и порано и подоцна.

Рентген снимки

Рутинските рентген снимки се контраиндицирани во текот на бременоста (особено во првиот триместар) и ако не е неопходно, најдобро е да се остават за после породувањето, но ако е неопходно нема потреба од загриженост. Пресметаната доза на изложеност на ртг зраци при една дентална снимка изнесува 0.1 mrad, а докажано е дека дозите под 5 rad не доведуваат до конгенитални малформации. Денешните модерни дигитални рентген апарати се многу побезбедни од тие од предходните декади, но се разбира заради превенција сепак при снимање мајката треба да носи оловна престилка, каиш или штитник за врат.


Дентални интервенции

Денталните интервенции како полнења, ендодонција, екстракции треба да се извршат на време, со тоа што се намалуваат шансите за инфекција. Главно се избегнуваат амалгамските полнења поради тоа што во нивниот состав има жива, но ако веќе има такви, тогаш не е пожелно да се сменат поради тоа што при вадењето на амалгамот се ослободуваат честички од жива. Иако живата е токсична, ослободената количина од амалгамските полнења е минимална и до сега не е регистрирано случај на труење или некои други компликации при породување. Исто така треба да се избегнуваат агенси за белење на забите кои содржат Хидроген Пероксид (H2O2) поради тоа што ја ослободуваат живата од амалгамот. Денталните интервенции во видот на мостовски конструкции и козметиката на забите најдобро е да се остават за после породувањето.


Медикаменти

Во текот на екстракциите и болните дентални интервенции мајката треба да биде смирена, а интервенцијата безболна. Иако многумина мислат дека употребата на анестетици е контраиндицирана тоа не е така (освен анестетиците кои во својот состав содржат Фелипресин кој ретко се користи). Најчесто се користи Лидокаин 2%, кој треба да се аплицира колку што е можно во помала количина за да и пациентката се чуствува удобно, а и условите за работа да бидат на ниво (задолжително при аплицирање на анестетикот треба да се внимава да не се внесе во крвотокот). Често после екстракции или инфекции се препишуваат антибиотици и аналгетици. FDA има направено класификација на медикаменти според нивната безбедност за користење .
 

Дали треба да се земаат флуоридни препарати? Дали може да се носат ортодонтски апарати? Каква треба да биде исхраната?

Локалната и генерализираната флуоризација е можна под надлежност на доктор, но треба да се знае дека прекумерена флуоризација доведува до флуороза (бели, жолти, кафеави дамки на забите). Обично водата што ја пиеме и пастите за заби содржат оптимална количина на флуор што значи дека дополнително внесување на флуориди ретко е потребно.

Ортодонтските апарати можат да се носат и не претставуваат никаков ризик, освен тоа што го отежнуваат одржувањето на оралната хигиена и го зголемуваат ризикот за појава на инфламација на гингивата и кавитети.

Исхраната треба да биде балансирана содржувајќи ги сите микроелементи и витамини. Треба да се избегнуваат продукти кои соржат голема количина на шеќери, а што повеќе да се внесува овошје, зеленчук и млечни производи кои се добар извор на минералите кои се потребни за развојот на забите, непцата и коските на бебето.


 Совети за подобро орално здравје при бременост

  • Кажете му на вашиот стоматолог дека сте бремени и редовно одете на контрола
  • При седење на стоматолошко столче не ги вкрстувајте нозете за подобра циркулација и носете јастуче за да ви биде поудобно и на вас и на бебето
  • Четкајте редовно (најмалку 2 пати на ден по 2мин) и употребувајте четка со меки влакна и флуоридна паста за заби
  • Ако повраќате немојте веднаш да ги четкате забите , туку добро исплакнете ја устата со средство за плакнење со добар мирис или ставете мала лажица со сода-бикарбона во чаша вода и исплакнете ја устата за да ја неутрализирате киселината. Четкајте после 1 час.
  • Внимавајте со исхраната
  • Контролирано јадете продукти со шеќер / Избегнувајте грицки и газирани пијалаци
  • Земајте пренатални витамини вклучувкајќи и фолна киселина
  • Џвакајте 4-5 пати на ден гуми за џвакање кои содржат Xylitol
  • Немојте да пушите, да пиете алкохол и да земате наркотични супстанци
  • Секогаш носете со себе мини-четка и паста за заби

дознајте повеќе за авторот -  Ариф Арифи

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 20.02.2013

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија