Природни рецепти за помош при запушен нос

Запушен нос, проблем со кој веруваме дека често се среќавате. Причините се различни, најчесто се јавува поради сушење на слузокожата на носот, поради намалена влажност на воздухот во просторијата во која престојувате.

Без разлика како дошло до запушување на носот, сите бараме начин како најлесно и најбрзо да се ослободиме од оваа незгодна и иритирачка појава. Затоа, ние денеска ви нудиме неколку природни рецепти, за кои веруваме дека ќе ви помогнат.

Лутата храна најбрзо решение

Лутата храна дефинитивно е решение број еден при запушен нос. Најдобро е јадење на тола пикантна супа, бидејќи лутото и пареата навистина најбрзо ќе го одзатнат носот. Освен ова чили пиперчињата, кромидот и биберот исто така брзо го отпушуваат носот. Ефикасен рецепт против запушен нос е и лукот.

Изрендајте неколку парчиња лук, на многу ситно. Завиткајте го лукот во газа и мирисајте, ова е лесен и добар начин на одзатнување на носот без да конзумирате лута храна.

Терапија со пареа

Во еден сад ставете зовриена жешка вода која испарува. Додадете во неа малку камилица или нане. Ставете крпа врз главата, затворете ги очите и вдишете ја пареата од садот. Ова според многумина е брз и безбеден начин на одзатнување на носот.

Раствор за испирање на носот

За да го направите овој раствор потребно е да ставите во една чашка млака вода, половина лажичка кујнска сол, потоа додадете малку (колку што можете да фатите со два прста) сода бикарбона.  Потоа земете пластичен шприц или пумпичка која можете да ја најдете во аптеките. Исперете ја носната шуплина над мијалник со шприцање на растворот директно во носот. Потоа полека издувајте го носот. Ова е безбеден начин на одзатнување на носот. Додека го правите испирањето користете ја устата за да дишите.

Превенција - Влажнење на воздухот

Како што рековме сувиот воздух е причина број еден за запушен нос, затоа доколку се греете со радијатор или греалка, влажнете го воздухот така што ќе ставите мокра крпа на радијаторот или сад со вода близу до греалката.

 

www.doktori.mk, 12.02.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина