Дисхидроза – кожата под стрес

студент по медицина

Страв од испит, грижи на работа или психичка напнатост, сите овие состојби се предизвикувачи на дисхидроза - непријатна кожна болест што подеднакво ги напаѓа и мажите и жените. Ја „оддаваат“ меурчиња на дланките и на табаните, кои многу силно чешаат.

Забрзаниот стил на живеење со премалку одмор е стрес кој се поврзува со многу несакани последици, како несоница, зголемен крвен притисок, срцеви тегоби. На таа палета се придружува и дисхидрозата, хронична кожна болест која ги зафаќа дланките и стапалата.

Дисхидрозата не е ретка болест. Се појавува и кај деца од училишна возраст, иако е почеста кај возрасните. Подеднакво ги напаѓа и двата пола. Се јавува повремено, потполно неочекувано, па кај заболените предизвикува чувство на беспомошност и фрустрација.

Ја одбележува ненајдено создавање меурчиња и меури кои силно чешаат. Освен на дланките и на табаните, меурите се создаваат и на внатрешната страна од прстите. Често ја следи и зголемено потење на дланките и на стапалата, што предизвикува непријатност кај заболените.

Вистинска адреса

Зошто настанува дисхидрозата се уште не се знае, но експертите забележале дека кај поголем број заболени на повторното јавување на болеста му претходи стрес.

Училишните проблеми и напнатоста пред испит се најчести поттикнувачи на дисхидроза во училишна и во студентска возраст. Грижите на работа и психичката напнатост, пак, се „придвижувачи“ на оваа болест кај вработените луѓе.

Дисхидрозата е непријатна, но не е заразна болест, па не може да се пренесе преку контакт со други луѓе, на пример, со ракување.

Ја дијагностицира дерматовенеролог, кој за да ги оттргне сомневањата за други болести со слични симптоми заболениот може да го упати на дијагностички испитувања: алерголошко тестирање, миколошка обработка или патохистолошка анализа на примерок од кожата. Исклучително важно е болеста правилно да се лекува бидејќи во спротивно меурите пукаат и доаѓа до зголемено лупење на кожата. Овој процес обично трае три-четири недели, а во тој период поради населувањето микроорганизми во зафатените делови на кожата, лесно може да дојде до компликации на болеста. Тие ја влошуваат постојната состојба и спречуваат спонтано зацелување на кожата.

Невидливи ракавици

Дисхидрозата се лекува со кортикостероидни кремови кои го спречуваат воспалението, го острануваат чешањето и го забрзуваат зацелувањето на кожата.

Во текот на лекувањето, но и потоа, кожата треба внимателно да се негува. Додека има меурчиња се препорачува дланките и стапалата да се мијат со благи средства со дезинфицирачки ефект. Кај дисхидроза на стапалата се препорачува носење памучни чорапи во бела боја, кои можат да се перат на висока температура. За заштита на рацете од агресивни надворешни причинители, при работа во кујна и при готвење, се советува носење заштитни ракавици. Делумна заштита можат да дадат и заштитните кремови со полимери или силикон, кои некои ги нарекуваат – невидливи ракавици.

За побрза регенерација на кожата се препорачува рацете и нозете често да се негуваат со хидратантни кремови, кои го обновуваат хидролипидниот слој . Ако дисхидрозата е проследена со зголемено потење, се советува стапалата и рацете да се мијат во чај подготвен од дабова кора. Поради танинот и сите други лековити состојки, купката од дабова кора благо ја дезинфицира кожата и го намалува нејзиното зголемено потење.

 

 

Дознајте повеќе за авторот -  Елвис Ќаили

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 01.02.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина