ХПВ инфекција - предизвикувач на рак на грлото на матката

доктор на медицина

ко-автор:

М-р Славица Лазова

Гениталната ХПВ инфекција претставува сексуално пренослива болест која е предизвикана од хуманиот папилома вирус (ХПВ). Иако постојат над 100 видови од овој вирус, само околу 30 видови се пренесуваат по сексуален пат и можат да ја заразат кожата на пенисот, надворешните усни на вагината (вулвата), анусот, слузокожата на вагината, грлото на матката или ректумот (дебелото црево). Најголем број инфицирани особи со ХПВ немаат никакви симптоми а инфекцијата ќе исчезне сама по себе. Се проценува дека 80 - 100% девојки на возраст од 18 - 25 години доаѓаат во контакт со овој вирус при полов однос, додека 30% девојки развиваат симптоми на инфекција.

Сите видови на ХПВ можат да предизвикаат благи ПАП промени без сериозни последици. Но само околу 30% од нив можат да предизвикаат рак на грлото на матката. Истражувањата покажуваат дека после две години кај 90% жени цервикалната ХПВ инфекција исчезнува. Најважно е да се разбере дека само постојана инфекција со "високоризични" видови (16, 18, 31, 35, 39, 45, 51, 52, 56) на ХПВ претставува ризик за појава на рак на грлото на матката. Постојна инфекција со "ниско ризични" видови (6, 11, 41, 43, 44) на ХПВ нема да доведе до рак на грлото на матката.

ПАП тестот може да ги открие како преканцерозите така и канцерозните промени на клетките од грлото на матката. Редовните ПАП тестови, а по потреба и лекувањето на преканцерозите промени на грлото на матката предизвикани од ХПВ, допринесуваат да не се развие животно загрозувачки рак на грлото на матката. 

Во Македонија од рак на грлото на матката секоја година заболуваат околу 200 жени. Најголем број од овие жени немале редовни ПАП тестови или пак воопшто немале ПАП тест.

Најраните стадиуми на ракот на грлото на матката се асимптоматски, т.е. не се појавуваат никакви симптоми. Овој факт уште еднаш потврдува колку се важни регуларните контроли за раното откривање и спречување на развивањето на болеста.

Но, ако ракот започне да се развива, може да се појават следните симптоми:

  • крварење од вагината помеѓу две менструации
  • крварење и болка за време на сексуален однос
  • крварење по менопаузата
  • болки во долниот ден на стомакот
  • засилен вагинален секрет со силна миризба, кој може да содржи и траги од крв
  • целосно слабеење на организмот.

Ако забележите некои од овие симптоми, не треба веднаш да заклучите дека имате рак. Дел од овие симптоми може да се појават како резултат на инфекција или некоја сексуално пренослива болест. Но, во секој случај треба да посетите гинеколог за да Ви направи преглед и потребните испитувања.

Најсигурен начин да се исклучи ризикот од генитална ХПВ инфекција е да се нема никаков генитален контакт со друга индивидуа. За оние кои сакаат да бидат сексуално активни, најдобрата стратегија за спречување на идна ХПВ зараза претставува имање на долготрајна, взаемно моногамна врска со незаразен партнер. Меѓутоа, тешко може да се дознае дали партнерот кој бил сексуално активен во минатото не е веќе заразен.

За оние кои сакаат да бидат сексуално активни но не се во долготрајна, взаемно моногамна врска, намалувањето на бројот на сексуални партнери како и одбирање на партнер кој од своја страна нема ризично сексуално однесување е најдобра стратегија за намалувањето на ризикот од добивање генитална ХПВ инфекција. Колку е помал бројот на претходни сексуални партнери толку е помал и ризикот за постоење на ХПВ инфекција.

ХПВ инфекцијата се појавува во гениталната област и кај мажите и кај жените без оглед дали таа е заштитена со латекс кондом. Иако не се знае дали кондомите 100% штитат од ХПВ инфекција, докажано е дека со нивната употреба процентот на рак на грлото на матката како и бројот на ХПВ поврзани болести е сепак намален. 

Други начини да се заштитите од ова заболување се:

  • одложување на првиот сексуален однос
  • откажување од пушењето
  • вакцинирање против ХПВ – вакцината штити од најопасните типови на ХПВ вирусот. Таа е најефективна кај девојчињата кои до моментот на примање на вакцината немале сексуални односи.

Во Македонија допрва треба да се развива здравствената култура кај населението, особено на жените и младите девојки кои што треба многу да внимаваат на своето интимно здравје. Информирајте се и не избегнувајте ги тестовите што спасуваат животи.

автори:

 д-р Дарко Стојановски

М-р Славица Лазова

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели иќили реемитување-

www.doktori.mk, 30.01.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина