Намирници кои ефикасно ќе ве штитат од грипот

Грипот и оваа сезона како и секоја друга, почна да создава паника меѓу луѓето. Многумина веќе се вакцинираа, што исто така претставува добар начин да се спасите од сезонскиот грип. Сепак, постојат некои намирници кои особено поволно влијаат на вашиот имунитет, а колку подобар имунитет имате, толку потешко ќе биде вирусот на грип да продре во вашето тело.

Зимата е период кога на организамот му е потребна голема енергија за да ја регулира својата темперaтура, да ги одржува виталните функции, а и истовремено да се одбрани од бројните вируси кои напаѓаат во овој дел од годината. За сето ова да успее, организамот има неопходна потреба од ваша помош. Денеска ви презентираме неколку намирници со чие користење ќе му помогнете на организамот да се исполни со енергија, витамини, антиоксиданси и минерали, кои му се потребни за правилно функционирање. Истовремено ќе му помогнете на имунитетот да не потклекне на ниту еден вирус кој не демне во овој период од годината, како што е вирусот на грип, за кој сме сведоци дека е во полн ек во последните неколку недели.

Морковот секогаш во првите редови на одбрана

Вирусите, бактериите како и повеќето други патолошки микроорганизми ја користат кожата и слузокожата за да навлезат во организамот. Морковот, и  другите истобојни овошја и  зеленчуци се особено важни за чување на интегритетот на кожата и слузницата. Тие се богати со витамин А, кој е особено важен за одржување на здравјето на кожата и слузокожата. Со тоа слободно можеме да кажеме дека морковот, односно витаминот А, е секогаш првиот ред на одбрана против грипот и другите вируси слични на него. Освен тоа, морковот е идеален коктел од антиоксиданси кои ќе го освежат организaмот и ќе му помогнат за одржување на неговите функции.

Црвеното месо чувар на влезните порти на организамот

Да, црвеното месо можеме слободно да го поистоветуваме со чувар на влезна порта. Главни влезните порти за вирусите и бактериите се: носот и устата, но можат да бидат и ушите, вагината и местата на кои што имаме отворена рана или повреда. Црвеното месо, но и јајцата, млекото, печурките, и другите слични намирници, го јакнат и одржуваат слузестиот епител на носот, устата и на секоја влезна порта на организамот. Па поради ова никогаш не пропуштајте во текот на зимскиот период барем еднаш во денот да козумирате некое од овие намирници. Црвеното месо, јајцата, млекото и рибата, се втората линија на одбрана на организамот против сезонските вируси, но и другите микроорганизми.

Сардините го поткрепуваат имуниот систем

За да можат Т-клетките на имунитетот ефикасно да се борат и да го отстранат вирусот потребно е значително количество на цинк. Штом цинкот ќе падне под критична вредност Т-клетките ќе бидат успорени и нема да бидат ефикасни. Сардината е добар извор на цинк. Редовното конзумирање на сардина па и на други риби, ќе ви гарантира здрава одбрана и брза реакција на имунитетот.

 

Природен витамин Ц за одржување на составот на имунитетот

Витаминот Ц е многу важен за обновување на имунитетот, и тој е потребен во поголеми количини за време на сезоната на грип. Сепак, важно е витаминот Ц да е од природно потекло и да се внесува постепено по малку во текот на целиот ден, преку овошје и зеленчук кои се богати со витамин Ц. Такви се: пиперка, домат, лимон, зелка, и поголем дел од сите овошја.

Ако сепак имунитетот попушти, без паника

Ако имунитетот сепак во одреден период малку попушти, а вирусот го нападне вашето тело, не паничете, немојте веднаш да употребувате тешка медикаментозна терапија. Обидете се само да се придржувате кон горенаведените совети, а патем организамот можете да го освежите со раствор на база на парацетамол или некој анелгетик по потреба.

 

Запамтете, никогаш не земајте антибиотик на вирусно воспаление, антибиотиците се ефикасни само против бактериите, но не и против вирусите. Затоа, почитувајте ги нашите и советите на вашиот лекар и бидете трпеливи.

www.doktori.mk, 01.02.2013

Последна вест

Најчитани статии - исхрана