Огледало со две лица на една жена

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Во денешниов модерен свет се смета дека проституцијата не се разликува многу од спортот. Во двата случаи жената го нуди своето тело: едната на стадионот, другата во евтини хотелски соби. Единствена разлика е во тоа: како општестовото ги оценува и, се разбира, заработувачката. На сексуалните работнички никој не им понудил маркетиншки услуги или спонзорство.

Секс и ранливост

Колку и да го оправдуваме настојувањето сексуалната работа да се нормализира и да се прикаже како легитимна професија, стварноста е многу поинаква. Спортот и проституцијата одвај да имаат нешто заедничко. Дали некој ја гледа идината на својата ќерка во сексуалната работа? Со исклучок на одделни сиромашни мајки и татковци на Филипините, во Бурма или во Нигерија, кој би сакал на својата ќерка, или на синот, да им посакува таква иднина? Но, амбициозните татковци и мајки, кои своите девојчиња ги испраќаат на училиште за тенис, за скијање, за кошарка, за атлетика, па дури и за голф, никако не недостигаат.

Во почетокот на 80 години од XX век таа разлика во ставот на родителите ја објаснил американскиот социјолог Ira Reiss. Запрашувајќи се зошто сексуалноста зазема толку посебно место – зошто сите општества и религии опсесивно го препорачуваат, го регулираат и, најчесто, го забрануваат сексот, Reiss тоа го објаснува на следен начин. Сексот има две карактеристики што го разликуваат од сè друго. Прво, е многу интензивно физичко уживање, а, второ, сексот, по правило, вклучува емоционално отворање што нè прави посебно ранливи. Во таа смисла, несакајќи вашата ќерка да продава нешто што не би требало да се продава, не значи дека треба да ги осудувате сексуалните работнички. Исто така, како што не би сакал ќерка ми да го продава своето тело, не сакам ниту да стане цинична корпоративна жена на која и е сеедно што и како продава, оправдувајќи го тврдењето дека парите се мерка на сите работи.

Пред половина век феминистките го срушија митот за проститутките како простодушни жени со широко срце и сомнителен морал. Многу од нив се присилени на проституција, на малтретирање зашто се сиромашни – без извор на приходи. Проституцијата е стар занает, но мислењето дека сексуалната работа е најлесно занимање е една од најстарите предрасуди.

За жал, новиот мит набрзо го заменил стариот. Дел од феминистките сите сексуални работнички ги прогласија за жртви на присила и машка експлоатација. Таков пристап во 2000 година резултирал со промена на регулацијата на сексуалната работа во Шведска. Според новиот закон, се казнувал клиентот, а не сексуалната работничка, како што е во другите држави. Дали на тој начин „жртвите“ се заштитени или со тоа се вратиле во илегалност и се зголемил ризикот на насилство и искористување? Здруженијата на сексуалните работнички се спротивставија на таквиот закон.

Во државите во кои повеќето жени се потполно покриени, во кои мажите доминираат во јавниот живот, во кои разводот е општествен, а прељубата е физичка смрт за жената, сексуалните работнички не се еманципирани жени. Тие би сакале животот да им е поинаков, но не таков каков што го живеат нивните мајки.

Морална паника

Што мислам за легализацијата на сексуалната работа? Нема никакво оправдување за казнување на оние што ги даваат сексуалните услуги. Нивното прогонување е остаток од моралната паника од крајот на XIX век, кога се верувало дека епидемијата на полово преносливите инфекции би можело да го забават демографскиот и економскиот развој. Но, не мислам дека сексуалната работа во Македонија би требало да се легализира.

За тоа би можеле да дискутираме тогаш кога тие што тоа најмногу ги интересира ќе добијат право на глас. Дотогаш, односно до појавата на првите здруженија што ќе ги опфатат оние што нудат сексуални услуги, да се укине законот што ги казнува и да се заостри оној што го забранува присилувањето на проституцијата. Наместо да ги трошиме парите на полициски рации, даночните пари треба да се вложат во програми за преквалификација што, барем кај некои жени, може да им го прошири изборот. Сепак, сексулната работа е добро ограничена. Долго не трае, исто како и врвната спортска кариера.

 

 

дознајте повеќе за проф. д-р Миќуновиќ

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 21.01.2013

Последна вест

Најчитани статии - животен стил