Рехабилитација на говор кај лица со оштетен слух

дипломиран логопед
Претседател на Здружение на логопеди

Слухот претставува важна функција на човечкиот организам со чија помош човекот распознава се околу себе. Во современата логопедска пракса главна проблематика е рехабилитацијата на слухот и говорот. Но, зошто слухот и говорот? Едноставен одговор на ова прашање претставува нивната поврзаност. За да може една нормална индивидуа да се одликува со нормална артикулација (нормален говор) мора да постои нормален слух. Нивната поврзаност е во тоа што нашето уво го контролира секој наш исказ, односно овозможува да имаме самоконтрола на изговореното. Таа контрола се однесува на сите аспекти на говорот, односно на артикулацијата, семантиката, синтаксата, морфологијата, граматиката, јачината, бојата и сл. Доколку лицето се карактеризира со некој степен на оштетеност на слухот, или постои глувост, тогаш се јавува состојба на делумно оштетена артикулација или пак состојба на мутизам (немање говор).

Карактеристики на нормален говор

За да може едно дете да го совлада процесот на нормален говор потребно е да постојат оптимални услови, односно:

  • Нормален слух - Главна компонента за правилен развој на говор. Доколку постои било какво оштетување на слухот, па дури и тоа да е минимално, тогаш се јавуваат патолошки состојби во говорот.
  • Потребно е да постои нормална анатомија и физиологија на говорниот апарат. Доколку постојат било какви деформитети на усната, јазикот, непцето и забите, исто така се јавува неправилна (патолошка) артикулација.
  • Влијанието на семејството и средината во која живее детето, да не постојат конфликтни ситуации кои би можеле да предизвикаат патолошка состојба во говорот.
  • Да се совпаѓа менталната со календарската возраст, да има нормално развиенo памтење, внимание и мислење.

Отстапувања кај лицата со оштетен слух

  • Омисија – недостаток на некој глас било да е во иницијална, медијална или финална позиција.
  • Супституција - кога детето најчесто го заменува некој глас со друг , тоа се случува кај гласови со слична структура.
  • Хаплологија - испуштање на слогови во самиот збор, пр: перутка наместо пеперутка.
  • Метатеза - преместување на гласови или пак слогови во самиот збор, пр: патешта наместо паштета.
  • Адиција - додавање на некој глас, пр: стола наместо стол.
  • Обезвучување - кога сите звучни гласови се заменуваат со безвучни гласови.

Помагала кои се користат кај лицата со оштетен слух

За да може да се оствари нормалниот процес на говор кај лицата со оштетен слух, се користат и помагала . Во формирањето на слушната перцепција и говорот клучна улога имаат слушните протези (апарати) и кохлеарниот имплант. За какво помагало ќе се работи, зависи од состојбата на слухот. Доколку постои полесно оштетување на слухот, се применува слушен апарат, но доколку проблемот го опфаќа и слушниот нерв, тогаш се изведува кохлеарна имплантација. Процесот на рехабилитација на говорот треба да започне откако ќе заврши периодот на адаптирање на помагалото и кога детето ќе прави разлика, односно дискриминација на звучниот сигнал. Ете тогаш се применува следниот чекор, односно работа на гласот.

Процес на рехабилитација

Во однос на рехабилитацискиот третман кај лицата со оштетен слух, се применува говорната терапија, како и кај децата со нормален слух, само што се воведуваат некои специфични техники. Најпрво во процесот на рехабилитација се започнува со првиот чекор, односно добивање на гласот. Добивањето на секој глас тече низ три фази:

  • Екскурзија - правилно поставување на говорните органи кои што учествуваат во артикулацијата.
  • Ретенција - задржување на артикулаторот во артикулациона позиција за време на говорењето.
  • Рекурсија - фаза на опуштање, каде говорните органи се враќаат во првобитната неутрална положба.

Во вежбите за артикулација се вбројуваат:

  • Вежби за усните;
  • Вежби со јазикот;
  • Вежби со долната вилица;
  • Вежби за дишење.

За да може говорната терапија да биде проследена со побрз напредок, потребно е да се почитуваат и применуваат некои принципи во рехабилитацискиот третман кај лицата со ошететен слух. Тоа се следните:

  • Индивидуален пристап – Тоа означува дека пристапот кон секое дете е различен, зависно од степенот на оштетување на слухот.
  • Свесност - Треба да се има во предвид дека децата со оштетен слух многу работи од својата околина ги освојуваат преку чувства, а не свесно.
  • Активности и интереси - Рехабилитацискиот третман треба да биде интересен за самото дете затоа што децата со оштетен слух се карактеризирраат со поголема динамичност, емоционалност и импулсивност.
  • Очигледност – Развивањето на говорот логопедот го развива на воочувачки и видлив начин, без монотон говор, со правилен ритам и темпо.
  • Постапност - Со оглед на тоа што слухот е недоволно развиен, рехабилитацискиот третман, односно добивањето на говорот, се одвива подолго време. Секогаш вежбите се движат од конкретни, па потешки кон апстрактни.

За да може логопедскиот третман да биде проследен со успех, потребно е да се започне што порано со рехабилитацијата, односно многу полесно се корегираат неправилните модели кога детето е помало затоа што не е завршен процесот на автоматизација, како и да постои меѓусебна соработка логопед-родител-дете. Раниот логопедски третман овозможува развојот на говорот да биде задоволувачки, обезбедува психички мир кај детето, како и тоа да биде прифатено од останатите лица во социјалната средина.

 

 

Повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 14.01.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина