Доктори.мк | Миокарден инфаркт во детството и адолесценцијата | miokarden-infarkt-vo-detstvo-i-adolescencija | Портал за медицина и здравје

Миокарден инфаркт во детството и адолесценцијата

студент по медицина

Чудно, но сепак вистинито - инфарктот на срцевиот мускул (миокардот) иако е заболување кое генерално се јавува кај повозрасните луѓе, сепак не е резервиран само за таа популација туку може да се јави и кај децата. Можеби звучи неверојатно, но навистина инфарктите во детстата возраст се случуваат, иако за среќа ретко.

Миокардниот инфаркт настанат во детството претставува болест која има малку поинакви карактеристики од инфарктот кај возрасните. Пред се постои разлика во причините поради кои тој се јавува и конечно постои разлика во терапискиот пристап и одговорот на терапијата. Она што е загрижувачки во целата приказна е не само моменталната состојба на детето туку далеку посериозните подоцнежни компликации поради премногу рано оштетениот срцев мускул поради што многу сериозно може да се наруши квалитетот на животот на детето.

Зошто се јавуваат инфарктите?

Причините за јавување на инфаркти во детството може да бидат бројни и различни. Понекогаш вистинската причина за настанувањето на инфарктот е некоја друга сериозна и ретка болест која многу често има наследна компонента, па инфарктот претставува само нејзина последица. Кај ворасните пак инфарктот настанува како резултат на атеросклеротични промени во ѕидот на крвните садови кои го исхрануваат срцето. За разлика од нив тоа не е случај со децата бидејќи реално во периодот на детството не би требало да постојат услови за да се развијат атеросклеротични промени во ѕидот на крвните садови иако постојат докази дека артериосклерозата кај секој од нас почнува токму во доенечкиот период. Но огромен број на студии и прикази на случаи покажуваат дека инфарктите во детството се предизвикани од други причини за разлика од оние кај возрасните.

Една група на причинители се вродените аномалии на крвните садови кои го исхрануваат срцевиот мускул кои се исклучително ретки, структурни аномалии на срцето кои вообичаено  имаат јасна клиничка слика па навреме се дијагностицираат. Друга причина за јавување на инфаркти во детска возраст може да биде ретката, но сериозна болест на Kawasakiкаде всушност настанува оштета на нормалната структура на ѕидот на крвниот сад при што се јавуваат анеуризми односно проширувања на артериите.

Јавувањето на инфарктите во детска возраст често е поврзано со една група на наследни заболувања кои со едно име се означуваат како наследни хиперхолестеролемии или болести при кои постои метаболен дефект што оневозможува холестеролот правилно да биде метаболизиран и со тоа тој во крвта се наоѓа во екстремно високи концентрации кои се разбира многу рано и предвреме ја потенцираат атеросклерозата што резултира со срцев инфаркт. Овие дечиња секогаш имаат близок член во семејството кој исто така има веќе докажана болест или пак имаат близок кој починал од срцев инфаркт под неразјаснети околности.

Исто така можни причини за јавување на инфарктите во детството се дијабетот и заболувањата на бубрезите при кои со урината се губат многу протеини. Веќе ни е познато дека дијабетот е пореметување на севкупниот метаболизам кој означува и дистурбанс и во метаболизмот на мастите при што е силно потенцирана атеросклерозата во многу рана возраст. Бубрежните болести пратени со губиток на многу протеини познати како нефротски синдром водат до компензаторна задршка на огромно количество на холестерол кој пак делува делетериозно врз младите крвни садови при што ги иницира каскадите на атеросклеротично променување на ѕидот на коронарните крвни садови.

Дијабетот и заболувањата на бубрезите вообичаено водат кон појава на инфаркти во адолесценцијата кога посебно значајна причина е и злоупоребата на кокаинот. Воспалителни заболувања на крвните садови и на срцевиот мускул (миокардитис) исто така може да бидат причини за појава на инфаркти, за среќа тоа ретко се случува.

 

Како да го препознаеме инфарктот кај децата?

Инфарктот во детството има свои карактеристики кои го разликуваат од оној кај возрасните.Доколку станува збор за многу мало дете или пак доенче тогаш симптомите се многу неспецифични и поинакви во однос на возрасните.Дури и кај малите деца не мора секогаш да биде изразена типичната клиничка слика како кај возрасните.Најчесто се јавува, замор, тахикардија, препотување, плач, слабо цицање, повраќање, болка во градите и проблеми со дишењето односно отежнато дишење.Кај бебињата најизразнеи се промените во цицањето, плачот и евентуалното помодрување на детето (цијаноза).Исто така кај некои од децата може да се јави и губење на свеста додека пак кај некои отежнатото дишење може да биде клучниот симптом.

Она што во една ваква ситуација мора да биде направено е се разбира ЕКГ (електрокардиографија) и лабораториски анализи на ензимите СК-МВ и LDHкако и мерење на концентрацијата на тропонинот Т. Се разбира дека доколку ЕКГ покаже типични промени кои укажуваат на инфаркт на миокардот и доколку е присутна градна болка или доколку се зголемени ензимите во крвта можеме да зборуваме за инфаркт на миокардот.

Кои се тераписките можности?

Идеалната терапија би била превенцијата на акутните срцеви настани. Но бидејќи тоа не е секогаш можно ни преостанува да размилуваме за тераписките можности кои ни се достапни. Кај оние инфаркти каде причината е некоја аномалија тогаш би требало истата да се реши со хируршка интервенција или пак со интервентна процедура, додека кај оние дечиња каде е дијагностицирана наследна хиперхолестеролемија треба превентивно да се даваат соодветни лекови кои барем би го намалиле холестеролот, а со тоа и ризикот за настанок на инфаркт до еден извесен степен. Кај децата дијабетичари неопходна е солидна контрола на дијабетот.

Инфарктот на миокардот во детството е застрашувачка болест за детето, но и за семејството. Кога еднаш инфарктот на миокардот ќе настане мораме да знаеме дека постои релативно висок ризик за смртност и покрај терапијата, односно дека секој прележан инфаркт носи ризик за многу големи последици по квалитетот на животот кај детето што особено се изразува во ограничувањето на физичката активност односно развивање на срцева слабост. Иако инфарктот во детската возраст е редок, сепак за него не треба за говориме за тоа како да го дијагностицираме и како да го третираме туку како појавата на истиот да ја спречиме. Сепак една ваква сериозна болест би била премногу за кревкото и малдо срце кое допрва би требало да ги достигнува димензиите на мускул кој би ги задоволил потребите на организмот, а не да се справува со зацелување по еден ваков настан.

 

 

дознајте повеќе за авторот Филип Наумовски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 12.01.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина