Ambroxol – клинички профил на лекот

доктор на медицина

Механизам на дејство

Ambroxol ја стимулира работата на серомукозните бронхијални жлезди, „Clara” клетките, пнеумоцитите II и цилијарниот епител. Ги нормализира физичко-хемиските својства на бронхијалната мукоза, ја зголемува површинската продукција и лачење и ја подобрува активноста на епителната цилија. Со тоа ја намалува атхезивноста и го подобрува преносот на мукоза и алвеоларно-бронхијалното чистење. Како резултат на тоа, искашлувањето е полесно, нагонот за кашлање потиснат, отежнатото дишење намалено, белодробната функција подобрена и отпорот кон респираторни заболувања зголемен.

Дејството започнува веќе по 30 минути и трае од 6 до 12 часа. Максималниот клинички ефект се јавува после 3 дена.

Во литературата, исто така, постојат извештаи дека Ambroxol ја стимулира антипротеаза активноста и бета-адренергичното дејство, влијае врз фагоцитната способност на алвеоларните макрофаги, го инхибира создавањето на интерлеукин-1 и на тумор некротизирачкиот фактор во човечките мононуклеарни клетки, има урикозурично дејство, допринесува за намалување на бронхомоторната хиперактивност и има јако антиоксидантско дејство.

Примена и мерки на претпазливост

Ambroxol го разводнува бронхијалниот секрет, што овозможува полесно елиминирање на истиот. Ambroxol се употребува како терапија на акутни и хронични болести со патолошка мукусна секреција и пореметен мукозен транспорт придружени со кашлање и исфрлување на густа вискозна мукоза, како што се акутен тракеобронхитис, пневмонија, хроничен бронхитис, астма, емфизема и бронхиектазии.

Траењето на терапијата е индивидуално, зависно од индикациите и јачината на болеста. Третманот не треба да биде подолг од 5-7 дена. Муколитичниот ефект се засилува со земање на течности.

Метаболитите на ambroxol, произведени во црниот дроб, може да се акумулираат кај пациенти со тешка бубрежна инсуфициенција. Затоа производот треба да се користи со претпазливост кај пациенти со нарушена црнодробна и бубрежна функција.

Ambroxol треба многу претпазливо да се користи кај пациенти со гастричен улкус.

Кај пациенти со бронхомоторни нарушувања и обилна бронхијална секреција (кај реткиот малиген синдром на немотилитетни цилии), Ambroxol треба да се дава со зголемена претпазливост поради ризик од задржување на бронхијалниот секрет.

Кај деца на возраст под 2 години муколитиците може да предизвикаат бронхијална опструкција. Во оваа возрасна група муко-бронхијалната дренажа е намалена поради физиологијата на респираторниот систем.

Комбинирана примена на Ambroxol со други антитусици може да доведе до опасно задржување на бронхијалниот секрет, предизвикано од супресија на рефлексот за кашлање. Кога се даваат истовремено со Ambroxol, антибиотиците amoxicillin, cefuroxime, doxycycline и erythromycin манифестираат зголемено навлегување во бронхијалниот секрет.

Третманот со производот треба да се избегнува за време на првите месеци од бременоста. Производот поминува во мајчиното млеко и затоа неговата администрација треба да се избегнува во доилки.

Предозирање

Симптомите на предозирање со Ambroxol после орална примена најмногу се должат на локално иритантно дејство и вклучуваат наузеа, повраќање, дијареа, воспаление на грлото, гастрична и абдоминална болка. Системските несакани реакции (пад на крвниот притисок) се случуваат ретко, единствено кога мал дел од продуктот се апсорбира што се должи на повраќање и дијареа.

Прва мерка после давање на голема доза Ambroxol е индуцирано повраќање и ако е можно давање на течности на пациентот за пиење (чај, млеко). Испирање на желудникот е индицирано ако лекот е земен за пократко време од 1-2 часа. Покрај тоа, индицирано е мониторирање на циркулацијата и, ако е неопходно, симптоматска терапија. Поради високиот степен на врзување за плазма протеините и големиот волумен на дистрибуција, како и поради неговата бавна редистрибуција од ткивата во крвта, ефективна елиминација не може да се постигне со дијализа и форсирана диуреза.

Несакани реакции на Ambroxol, наведени според фреквенцијата

Нарушувања на имуниот систем, кожата и поткожното ткиво:

  • Ретки: осип, уртикарија;
  • Непознати: анафилактоидни реакции, вклучувајќи анафилактичен шок, ангиоедем, пруритус и други реакции на преосетливост.

Нарушувања на нервниот систем:

  • Чести: дисгеузија.

Гастроинтестинални нарушувања и респираторни, торакални и медијастинални пореметувања:

  • Чести: гадење, орална и фарингеална хипоестезија;
  • Помалку чести: сувост на устата, повраќање, дијареа, диспепсија и абдоминална болка;
  • Непознати: сувост на грлото, лаксативен ефект е можен поради содржината на сорбитол и глицерол како ексципиенси.

 

Дознјате повеќе за авторот -  Д-р Дарко Стојановски

Совет: Употребувајте лекови кои се исклучиво препишани од страна на вашиот матичен лекар или специјалист, никогаш на своја рака. Пред употреба на овој и било кој друг препарат преопорачуваме да се консултирате со Вашиот лекар или фармацевт .

Овој лек е регистриран и во нашата земја -  повеќе информации во официјалниот регистар на лекови - клинкете тука

www.doktori.mk, 11.01.2013

Последна вест

Најчитани статии - фармација