Доктори.мк | Статините - многу повеќе од лекови против високи масти во крвта | statini-mnogu-povekje-od-lekovi-protiv-visoki-masti-vo-krvta | Портал за медицина и здравје

Статините - многу повеќе од лекови против високи масти во крвта

студент по медицина

Статините претставуваат група на лекови кои имаат својство да ја намалуваат концентрацијата на холестеролот во крвта.

Високите концентрации на холестерол во крвта, особено оние на ЛДЛ или таканаречениот "лош холестерол" е познато дека се еден од клучните ризик фактори за настанување на атеросклерозата. Високата концентрација на холестерол и високиот ризик за атеросклеротично променети крвни садови се клучните моменти во настанувањето на кардиоваскуларни и цереброваскуларни акциденти. Оттука статините како група на лекови се влезени во сите модерни водичи (гајдлајнси) за менаџирање на пациенти со хиперхолестеролемија (висок холестерол во крвта) и пациенти кои имаат визок ризик за настанување на миокарден инфаркт или пак евентуално цереброваскуларен инсулт.

Оваа група на лекови го остварува својот ефект така што интерферира во метаболизамот и синтезата на холестеролот, односно ја инхибира активноста на ензимот HMG CoA редуктаза со што се спречува синтезата на холестеролот и на тој начин се намалува неговата концентрација во крвта. Сепак според сите сознанија кога еднаш ќе се дијагносицира висока концентрација на мастите во крвта најпрво потребно е да се проба истите да се смалат со промена на начинот на живот, промена во исхраната и животниот стил, па дури потоа доколку претходните мерки немаат никаков ефект тогаш се започнува со терапија со статини. Најпознатите статини од кои некои се достапни на пазарот и се во секојдневна употреба се: Simvastatin, Atorvastatin, Lovastatin, Fluvastatin, Rosuvastatin итн. Тие вообичаено се земаат во дози од 20мг, 40мг, па се до 80мг при најтешките случаи на хиперхолестеролемија.

Откако статините се во употреба се забележани многу останати добри и лоши ефекти покрај клучното дејство кое го имаат врз концентрацијата на холестеролот во крвта. Докажано е дека само мал дел на пациенти може да имаат проблем со мускулите при земање на овие лекови или таканаречена миопатија. Исто така се смета дека долготрајната употреба на статините може да го зголеми ризикот за настанување на дијабет.

Она што е најинтригантно, а е поврзано со статините е дека до 2006 се сметаше дека на долг рок статините го зголемуваат ризикот за настанување на рак. Денеска се повеќе сме убедени и веруваме токму во спротивното односно дека статините сепак пројавуваат антиканцероген ефект односно заштитен ефект бидејќи се смета дека тие ја спречуваат пролиферацијата на клетките.

Дека тоа е навистина така потврдуваат студии правени на огромен број на пациенти во кои се докажува дека луѓето кои подолго време биле на терапија со статини имаат сигнификантно помал ризик да заболат од карцином на дебелото црево при што се смета дека таа бројка изнесува дури 50%. Од друга страна неодамнешна студија  објавена во 2012 го потврди поволното дејство на статините кај пациенти кои се веќе заболени од карциноми особено карцином на простатат и карциномот на дојката при што се смета дека употребата на статините го продолжува животот на заболените од карциномот односно ја намалува смртноста од карциномот дури за 15% во однос на популација која не прима статини. Овој  податок дека статините навистина го продолжуваат животот на пациентите кои веќе боледуваат од карцином се објаснува со фактот дека кај малигните заболувања за канцерскиот раст се неопходни високи концентрации на холестерол во крвта бидејќи холестеролот е една од клучните состојки кои учествуваат во градбата на малигните клетки.

Исто така искуствата говорат дека статините како група на лекови го превенираат јавувањето на алцхајмеровата болест односно на когнитивните дефицити при алцхајмеровата болест токму поради фактот дека намалувањето на холестеролот го намалува ризикот за формирање на атеросклеротични плаки, но истовремено го намалува количеството на холестерол во клетките на нервниот систем при што се забавува процесот на молекуларни промени кои ја карактеризираат алцхајмеровата болест. Постојат сознанија кои говорат дека употребата на статини кај заболени од Алцхајмеровата болест има позитивен ефект врз прогресијата на заболувањето односно ја намалува изразеноста на симптомите кај заболениот. Постојат сознанија дека статините делуваат и поволно и врз текот на мултиплата склероза.

Очигледно е дека статините најверојатно имаат огромен број споредни дејствија покрај она клучното и посакувано, намалување на холестеролот во крвта. Веќе одамна е докажано дека намалувањето на холестеролот во крвта е една од критичнитите мерки кои мораме да ги превземеме во превенција на кардиоваскуларните заболувања и мозочните удари. Но истражувањата кои упатуваатна индиректен ефект врз продолжување на преживувањето кај заболените од рак и намалување на ризикот за јавување на рак на дебело црево се можеби недоволно истражени, но во секој случај добродојдени ефекти на статините. Можеби токму во иднина ќе имаме многу поконцизно објаснување за начинот на кој тие делуваат антиканцерогено, а во меѓувреме статините остануваат едно од најмоќните фармаколошки откритија во превенција на кардиоваскуларните заболувања.

дознајте повеќе за авторот Филип Наумовски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 29.12.2012

Последна вест

Најчитани статии - фармација