Во чест на 21.12.2012: Три апокалиптични сценарија, разгледувани од американската влада

Можно е, доколку последнава година сте живееле на некој пуст остров, да не сте информирани дека утре е „крајот на светот“. 21 декември 2012. Денот кога завршува календарот на Маите предизвикува паника и немир кај некои, додека заговорниците на „судбоносниот ден“ се намножија. Работата стана до толку сериозна, што дури и НАСА мораше да интервенира и да објави видео во кое ги убедува сите дека светот нема да заврши паралелно со календарот на Маите. Едноставно, на оваа древна цивилизација од Средна Америка веројатно и снемало материјал за пишување.

Бидете мирни, светот нема да заврши утре. Но, тоа не значи дека апокалиптичните сценарија не се можни. Има многу сценарија за крајот на светот кои реално можат да се случат. Од нуклеарна војна, смртоносна пандемија, вулкани и земјотреси, преку удари на астероиди и комети, до инвазија на вонземјани. Сепак подолу се решивме да ви претставиме три сценарија за апокалипса, кои дури и се разгледувани од американската влада. За барем едно од нив веруваме дека ќе се изненадите :)

1. Глобално затоплување

Американската влада сериозно го разгледува сценариото на уништување на планетава од глобално затоплување. Таа во неколку наврати ги има предупредено малите островски држави во Пацификот за опасноста. Две од нив предупредувањето го сфатија озбилно.

Се чини дека најпогодена од топењето на мразот на половите на Земјата може да биде малата островска држава Кирибати, која се наоѓа на средината на Тихиот океан. Кирибати во моментов е едвај над површината на океанот. Големи делови од островот се веќе под вода. Владата на Кирибати се обидува да купи земја на други соседни острови (најмногу на Фиџи), со цел да ги пресели своите 100 000 жители и да ја ублажи големата трагедија.

Малдивите исто се соочуваат со опасност. Во 2009 година, пред отворањето на Конференцијата за промена на климата од Обединетите Нации, во Копенхаген, претседателот Мохамед Нашид се обиде да го актуелизира проблемот на нацијата пред светот, со тоа што одржа состанок на владата под вода.

2. Колапс на технологијата

Можноста од терористички напад на националната технолошка структура, американската влада ја зема за многу сериозна опција. Стручњаците сметаат дека доколку колабира интернетот и можноста за користење на мобилните телефони, во земјата ќе настане невиден хаос.

Во февруари 2010, владата организираше воена игра за ваква можна случка. Беше симулиран целосен пад на интернетот и можноста за телефонска комуникација во земјата. Истовремено во симулацијата беше изведен терористички нуклеарен напад врз Тенеси и Кентаки. Министерството за одбрана на САД не излезе со понатамошни заклучоци од симулацијата. Единствено се дозна дека вежбата била „интересна“ и довела до заклучок дека не постои план за совладување на таквата ситуација.

3. Зомби апокалипса

Да. Добро прочитавте. Можеби ова беше еден креативен трик за привлекување на вниманието како нацијата да се справи се некои критични ситуации, но факт е дека американскиот CDC (Center for Disease Control) во мај 2011 издаде прирачник за како да се справиме со зомби инвазија. Дејв Дејгл, портпаролот на Центарот, тогаш изјави: „Доколку сте спремни да преживеете напад на зомби, спремни сте за секаков предизвик“.

И иако користењето на овие живи мртовци изгледаше како евтин маркетиншки трик на CDC за да се привлечат посетители на сајтот – идеата на крајот успеа. Сите новински агенции ја пренесоа веста, а на крајот на краиштата, прирачникот на CDC за преживување на катастрофи, меѓу кои и такви со вируси кои ве претвораат во зомби, доживеа потполн успех. Можеби затоа што во него до детаљ се советуваат луѓето како да преживеат во случај мозокојадците да не нападнат.

 

 

www.doktori.mk, 20.12.2012

Последна вест

Најчитани статии - занимливости