Греено вино за предпразничен шмек

дипломиран стручен лаборант по медицинска лабораториска дијагностика, специјализиран за санитарна хемија

Во античка Грција домаќинот ја пробувал првата чаша вино за да им докаже на гостите дека пијалокот не е отровен, па оттаму доаѓа и фразата „На здравје“. Наздравувањето со чаша вино започнува во антички Рим, но Римјаните само ја продолжиле грчката традиција. Наздравувањето со чаша вино е всушност славење на убавите нешта во животот.

Грееното (варено) вино е идеално за студените зимски денови, совршено за забави и интимни средби. Тоа е вкусен и топол пијалок, направен од вино (најчесто црвено), шеќер и зачини - морско оревче, каранфилчиња, цимет, кора од лимон, кора од портокал и анис. Наместо шеќер може да се користи и мед. Се служи топло.

Овој пијалок е одличен еликсир за здравјето и за негова подготовка не се потребни посебни кулинарски вештини. Црвеното вино има антиоксидантно дејство и содржи ресвератрол, кој е важен за намалување на ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар, Алцхајмерова болест итн. Исто така, грееното вино претставува многу ефикасен лек во намалувањето на високата температура, како и во борбата против грипот и настинката.

Рецепт за греено вино

Потребни состојки:

  • 1 л црвено вино;
  • 1 чаша вода;
  • 100 гр шеќер;
  • стапче цимет;
  • 3 каранфилчиња;
  • малку бибер;
  • сецкана кора од портокал;
  • сецкана кора од лимон.

Подготовка

Во тенџере на оган најпрво се додаваат водата и шеќерот. Откако ќе зовријат, се додаваат сецканата кора од портокал и лимон, каранфилчињата, циметот и малку бибер. Сето ова се вари и меша, се додека течноста не згусне како шербет.

Потоа се додава виното и се остава да проврие уште 2 до 3 минути.

За среќа не е потребно многу: саканиот партнер, чаша вкусно греено вино и забавата може да започне :)

Убавите моменти нека траат подолго!

 

Повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 20.12.2012

Последна вест

Најчитани статии - животен стил