Рак на грлото на матката

доктор на медицина

Што треба да знаете за болеста од која годишно во Македонија  заболуваат повеќе од 230, а умираат над 30 жени? Честотата на ракот на грлото на матката во нашата земја е зголемена два пати за последните 20 години, и при тоа треба да се има на ум дека истиот се почесто се дијагностицира кај помлади жени.

Ракот на грлото на матката е малигна неоплазма на цервиксот на матката или на цервикалнaта  површина (тесниот дел на матката каде што истата се спојува со врвот на вагината). Може да се манифестира со вагинално крварење, но симптомите можат да бидат отсутни се до моментот кога ракот не дојде во напредната фаза. Третманот се состои од хируршка операција (вклучувајќи ги и локалните ексцизии) во раните фази и хемотерапија и радиотерапија  во напредна фаза на болеста. 

Со ПАП тест скринингот може да се идентификуваат потенцијално преканцерозните  промени. Лекувањето на промените од повисок степен можат да го спречат развојот на ракот. Во развиените земји, широката употреба на скрининг програмите за превентива  од  рак на грлото на матката, ја намалуваат инциденцата на инвазивниот рак на грлото на матката за 50% или повеќе. 

Инфекцијата со Хуман папилома вирусот (ХПВ) е неопходен фактор за развојот на речиси сите случаи на рак на грлото на матката. ХПВ вакцините кои се ефикасни против два вида на ХПВ, кои во моментов предизвикуваат околу 70% од сите типови на рак на грлото на матката, се лиценцирани во САД, Канада, Австралија и ЕУ. Бидејќи вакцините ги покриваат само некои (високоризични) видови на ХПВ кои предизвикуваат рак, жените треба да прават редовни ПАП тест скрининзи, дури и по примањето на вакцината. 

Повеќето цервикални карциноми се сквамозно-клеточни карциноми, кои произлегуваат од сквамозните (плочести) епителни клетки кои го обложуваат грлото на матката. Аденокарциномот, кој се развива во жлездените епителни клетки  е вториот најчест тип на рак на грлото на матката. Многу ретко, може да настане рак од другите типови на клетки во грлото на матката.

 

Епидемиологија 

Во светот, ракот на грлото на матката е дванаесетти  по честота и петти по смртност рак кај жените. Заболуваат околу 16 од 100.000 жени годишно, а околу 9 од 100.000 жени умираат годишно. Околу 80% од цервикалните карциноми се случуваат во земјите во развој. Најновите статистички истражувања покажуваат дека на глобално ниво во 2008 година имало 473.000 случаи на рак на грлото матката и 253.500 смртни случаи годишно. 

Во Европската Унија, имало околу 34.000 нови случаи годишно, а над 16.000 смртни случаи поради рак на грлото на матката во 2004 година.

Во Македонија годишно од рак на грлото на матката заболуваат повеќе од 230, а умираат над 30 жени. Честотата на заболувањето во Македонија е зголемена два пати за последните 20 години, со оглед на тоа дека се почесто ракот на грлото на матката се дијагностицира кај се помлади жени.

Знаци и симптоми 

Во раните фази  ракот на грлото матката може да биде сосема асимптоматски. Вагинално крварење, контактно крварење или (поретко) вагинална маса може да укажуваат на присуство на малигном. Исто така, умерена болка за време на сексуален однос и вагинален исцедок  се симптоми на рак на грлото на матката. Во напредната фаза на  болеста, може да бидат присутни метастази во абдоменот, белите дробови или на друго место. 

Симптомите на рак на грлото на матката во напреднат стадиум  може да вклучат: губење на апетит, губење на тежината, замор, болки во карличниот дел, болки во грбот, болки во нозете, еднострано отечена нога, силно крварење од вагината, протекување на урина или измет од вагината и  фрактури на коските.

Причини 

Инфекцијата со високо-ризичните  типови на Хуман папилома вирусот (ХПВ) се покажа дека е главен фактор во развојот на рак на грлото на матката. ХПВ ДНК може да се открие во речиси сите случаи на рак на матката. Не се познати  сите причини за рак на грлото на  матката.  

ХПВ инфекциите се многу чести и се јавуваат кај околу 80 проценти од сите сексуално активни луѓе, без разлика дали тие имаат симптоми или не. Најважниот фактор на ризик за развој на рак на грлото на  матката е инфекцијата со високо ризичен вирус на хуман папилома вирусот (ХПВ). Линкот меѓу ракот и ХПВ е предизвикување на  промени во клетките на грлото на матката, кои можат да доведат до развој на цервикална интраепителна неоплазма, која може да доведе до рак. 

Жените кои имаат повеќе сексуални партнери (или имаат секс со мажи, кои имале многу други партнери) имаат поголем ризик. 

Постојат повеќе од 150 типови на ХПВ (некои извори укажуваат на повеќе од 200 подтипови). Од нив, 15 се категоризирани како високо-ризични типови, 3 како веројатно високо-ризични и 12 како ниско ризични.  Видовите  16 и 18 се општо признати дека предизвикуваат околу 70% од случаите на рак на грлото на матката. Заедно со типот 31, тие се основен ризик фактор за развој на рак на матката. 

Ризик фактори 

Американското здружение за рак ја нуди следнава листа на ризик  фактори за цервикален карцином: хуман папилома вирус (ХПВ) инфекција, пушење, инфекцијата со ХИВ, инфекција со хламидија, стрес и нарушувања поврзани со стрес, начин на исхрана, хормонални контрацептивни средства, повеќекратни бремености, изложеност на хормоналниот препарат диетилстилбестрол (DES) како и фамилијарна историја на рак на грлото на матката. Постои и генетски ризик поврзан со HLA-B7.

Дијагноза 

Додека ПАП - тестот е ефикасен скрининг тест, потврдата на дијагнозата на рак на матката или преканцерозна состојба бара  биопсија на грлото на матката. Ова често се прави  преку колпоскопија, зголемена визуелна инспекција на грлото на матката со помош на раствор на разредена оцетна киселина кој ги потенцира абнормалните клетки на површината на грлото на матката.  

Колпоскопскиот метод, утврден врз основа на визуелната инспекција, претставува дел од дијагнозата. 

Понатамошните дијагностички и терапевтски процедури се кружна електрична ексцизија (LEEP) и конизација , при што внатрешниот слој на грлото на матката  се отстранува  за да се испита патолошки. Тоа се врши доколку  биопсијата потврдува напредната цервикална интраепителна неоплазија. 

 

Потенцијални преканцерозни лезии 

Цервикална интраепителна неоплазија, потенцијалот прекурзор на рак на матката, често се дијагностицира со преглед на биопсии на грлото на матката  од страна на патолог. За премалигни диспластични промени се употребува CIN (цервикална интраепителна неоплазија) градација.

Терминот цервикална интраепителна неоплазија (CIN) беше развиен за да се стави акцент на спектарот на абнормалности во овие лезии и да се  помогне за стандардизација на третманот .Тој ја класифицира лесната дисплазија како CIN1, умерена дисплазија како CIN2 и тешка дисплазија и CIS како CIN3. Во поново време, CIN2 и CIN3 се комбинираат во CIN2/3. 

 

Подтипови на рак

Иако сквамозниот  карцином на грлото на матката е со најголема честота, инциденцата на аденокарциномот на грлото на матката се зголемува во последниве децении. 

Хистолошките  подтипови на инвазивниот цервикален карцином ги вклучуваат: 

  • сквамозно-клеточен карцином (околу 80-85%)
  • аденокарцином (околу 15% ) 
  • аденосквамозен  карцином 
  • ситноклеточен карцином 
  • неуроендокрин карцином 

Превентива  

Вакцинирање

Gardasil, е вакцината против ХПВ типовите 6, 11, 16 и 18. Gardasil е до 98% ефикасна. Таа доби одобрение од FDA (Американската администрација за храна и лекови) на 8 јуни 2006 година . Gardasil исто така, е одобрен во ЕУ.

Cervarix, се покажа дека  во 92% од случаите е ефикасен  во спречување на ХПВ видовите  16 и 18  и е ефикасен  повеќе од четири години. Cervarix беше одобрен во САД на 16 октомври 2009 година, и во ЕУ во септември 2007 година, како и од други земји.

Заедно, ХПВ типовите 16 и 18 во моментов се причина за околу 70% од случаите рак на матката.

Националниот Советодавен Комитет за имунизација препорачува рутинска вакцинација за девојките на возраст од 11 и 12 години, како и девојки и жени на возраст 13-26, доколку тие не ја примиле  веќе вакцината . Вакцината е најефикасна ако им се даде на девојчињата пред да станат сексуално активни. 

Иако, со  вакцината може да се спречат и до 70 проценти од случаите на рак на матката, таа не може да ја спречи инфекција со секој вирус кој го предизвикува ракот на матката. Рутинските ПАП  тестови за скрининг на рак на матката исто се важен сегмент.

Рутински ПАП тестови 

Рутински Пап тестови се најефикасниот начин за откривање на рак на матката во најраните фази. Моменталните  водичи препорачуваат: 

  • почетен  ПАП тест на 21 годишна возраст, или во рок од три години од кога ќе почнете да имаат секс, без разлика што доаѓа прво 
  • на возраст од 21-29, редовен ПАП тест на секои две до три години
  • на возраст од 30-69, редовен ПАП тест на секои две или три години, ако сте имале три последователни нормални ПАП тестови  
  • на возраст од 65-70, вие може да престане да има ПАП тестови, ако сте имале три или повеќе последователни нормални тестови и нема абнормални резултати во последните 10 години. 

Ако сте изложени на висок ризик на цервикален карцином, ќе мора почесто да правите ПАП тестови. Абнормални резултати на ПАП тестот може да сугерираат присуство на цервикална интраепителна неоплазија (потенцијално премалигни промени во грлото на матката) пред да се развие ракот , дозволувајќи прегледи и  можни превентивни третмани. Доколку состојба на премалигни болести или ракот на матката е откриен рано, може да се надгледува или да се третира релативно неинвазивно, со минимално  влијание врз плодноста. 

Намалување на  ризикот од сексуално преносливи инфекции (STI) 

Најчеста причина за рак на матката е инфекцијата со високо ризичен тип на ХПВ. Бидејќи ХПВ вирусот може да остане во клетките на телото  доживотно, абнормалните промени на клетки на грлото на матката   кои предизвикуваат рак на матката, може да бидат последица од тоа што Вие или Вашиот партнер сте имале ХПВ инфекција со години наназад. ХПВ инфекциите  обично не даваат никакви  симптоми, па Вие или Вашиот партнер  може да не сте свесен за сегашните или минатите ХПВ инфекции. 

Разговарајте со вашиот партнер за STI пред почетокот на сексуалниот однос. Дознајте дали тој или таа е во опасност за STI. Запомнете дека  е многу веројатно да бидете инфицирани со STI без да знаете за тоа. Избегнувајте сексуален контакт ако имате симптоми на STI или се лекувате од STI. Избегнувајте сексуални  контакти со некој кој има симптоми на STI или   бил изложен на STI. 

Ризикот за STI се зголемува доколку имате повеќе сексуални партнери или ако вашиот сексуален партнер има повеќе од еден партнер. 

Користете машки или женски кондоми за да го намалите ризикот од добивање на STI. Сексуално преносливи болести како што се хуман папилома вирусот (ХПВ) може да се шират  од гениталиите, анусот, устата или  грлото  во текот на сексуалните односи.

Откажете се од пушењето 

Канцерогените честички  од тутунот го зголемуваат ризикот за многу видови на рак , вклучувајќи го тука и ракот на матката, а  жените кои се пушачи имаат  двојно повеќе  шанси  да  развијат рак на матката,за разлика од жените непушачи. Одвикнувањето  од пушењето може да го намали овој ризик. Пасивните  пушачи  исто така имаат зголемен ризик за развој на  промени во клетките  кои можат да доведат до карцином на грлото на матката.

Исхрана

Поголемата употреба  на зеленчук во исхраната  е поврзана со 54% намалување на ризикот  од присутност на ХПВ . Користењето на папаја барем еднаш неделно е обратнопропорционално  поврзана со постоењето на ХПВ инфекција. 

Истражувањата покажаа дека пониските нивоа на антиоксиданси (витамин А, витамин Ц, витамин Е, CoQ10, каротеноиди) заедно со пониско ниво на фолна киселина доведува до зголемување за  ризикот од развој на CIN. 

Подигање на свеста

Согласно здравствени студии од  2005 година на Американскиот Национален Институт за рак, само 40% од анкетираните американски жени слушнале за хуман папилома вирус (ХПВ) инфекција, а само 20% слушнале за неговата поврзаност со рак на матката.

Третман 

Раните фази може да бидат третирани со радикална хистеректомија со отстранување на лимфните јазли или  радиотерапија. Поголемиот број на малигни тумори во  рана фаза  можат да се третираат со радиотерапија и цисплатин  хемотерапија, хистеректомија (која обично бара адјувантната радиотерапија) или хемотерапијата со цисплатин проследена со хистеректомија. Напреднати фази на тумори се третираат со радиотерапија и цисплатин хемотерапија. 

На 15 јуни 2006 година, FDA (Aмериканската асоцијација за храна и лекови) ја одобри употребата на комбинација од два лека за хемотерапија, хицамтин и цисплатинот за третман на доцен стадиум на рак на грлото на матката.

Прогноза

Прогнозата зависи од стадиумот на ракот. Со третман, 5-годишната релативна стапка на преживување за раните стадиуми на инвазивниот рак на матката е 92%, а вкупната (сите фази комбинирано) 5-годишната стапка на преживување е околу 72%.

Со лекување, 80 до 90% од жените со стадиум I на карцином и 50 до 65% од оние со стадиум II на рак преживуваат 5 години по дијагнозата. Само 25 до 35% од жените со стадиум III на рак и 15% или помалку од оние со стадиум IV на рак преживуваат после 5 години.  

Според податоците на Меѓународната федерација на Гинекологија и Акушерство, преживувањето се подобрува кога радиотерапијата се комбинира со цисплатин хемотерапија. 

Како што ракот метастазира во другите делови на телото, прогнозата опаѓа драматично, бидејќи третманот на локалните лезии обично е поефикасен од третманот на целото тело, како што е хемотерапија.

Интервалот на проценката на пациентот по терапија е императив. Рекурентни карциноми на грлото на матката откриени во првата фаза би можеле да бидат успешно лекувани со операција, зрачење, хемотерапија или од комбинација од трите. Триесет и пет отсто од пациентите со инвазивни цервикален карцином имаат постојана или рекурентна болест по третманот.

 

Дознајте повеќе за д-р Дарко Стојановски

авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели иќили реемитување

www.doktori.mk, 18.12.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина