Ramipril - клинички профил на лекот

доктор на медицина

Ramipril припаѓа на групата на лекови познати како АКЕ инхибитори (инхибитори на ангиотензин конвертирачки ензим) кои се користат пред се во третман на хипертензија.

Рамиприлат, активниот метаболит на пролекот рамиприл, го инхибира ензимот дипептидилкарбоксипептидаза I (синоними: ангиотензин конвертирачки ензим; кининаза II). Во плазмата и ткивата, овој ензим ја катализира конверзијата на ангиотензин I во активна вазоконстрикторна супстанца ангиотензин II, како и разградбата на активниот вазодилататор брадикинин. Редукцијата на формирањето на ангиотензин II и инхибицијата на брадикининската разградба резултира со вазодилатација. 

Бидејќи ангиотензин II исто така стимулира ослободување на алдостерон, ramipril предизвикува редукција на алдостеронската секреција. 

 

Тераписки индикации

  • Третман на хипертензија 
  • Кардиоваскуларна превенција: намалување на кардиоваскуларниот морбидитет и морталитет кај пациенти со:
  • манифестна атеротромботична кардиоваскуларна болест (историја на коронарна срцева болест или мозочен удар, или периферна васкуларна болест) или
  • дијабетес со најмалку еден кардиоваскуларен фактор на ризик 
  •  Третман на бубрежна болест
  • почетна гломеруларна дијабетична нефропатија како што е дефинирано од страна на присуство на микроалбуминурија,
  • манифестна гломеруларна дијабетична нефропатија како што е дефинирано од страна на макропротеинурија кај пациенти со најмалку еден кардиоваскуларен фактор на ризик 
  • манифестна гломеруларна недијабетична нефропатија како што е дефинирано од страна на макропротеинурија ≥ 3 g / ден 
  • Третманот на симптоматска срцева слабост
  • Секундарна превенција по акутен миокарден инфаркт: намалување на смртноста од акутната фаза на миокардниот инфаркт кај пациенти со клинички знаци на срцева слабост кога започнува> 48 часа по акутен миокарден инфаркт.

На што да внимавате при употребата?

Вообичаена почетна доза е 1.25 mg или 2.5 mg еднаш дневно. Максимална доза е 10 mg еднаш дневно. Се препорачува ramipril да се користи еднаш дневно, во ист период од денот, најчесто наутро. 

Конзумирањето алкохол за време на лекувањето со ramipril може да предизвика зашеметеност. ramipril може да се зема со или без храна. 

Не се препорачува употреба на ramipril кај деца и адолесценти помлади од 18 години бидејќи нема достапни информации за оваа возрасна група.

АКЕ инхибиторите како ramipril или Ангиотензин II рецепторните антагонисти (AIIRAs) не смеат да бидат иницирани во терапија за време на бременост. Освен доколку продолжувањето на терапијата со АКЕ инхибитори не се смета за есенцијално, пациентите кои планираат да забременат треба да бидат започнати со алтернативни антихипертензивни третмани кои имаат потврдени безбедносни профили за употреба во период на бременост. Кога веќе еднаш е утврдена бременост, третманот со АКЕ инхибитори треба да биде моментално прекинат и доколку е возможно, да се започне со алтернативна терапија.

Заради недостаток на достапни информации во однос на употребата на ramipril за време на доењето не се препорачува терапија со ramipril и се преферира  употреба на алтернативни третмани со воспоставен безбедосен профил за време на доењето, посебно во периодот на грижата за новороденчето или предвремено родените деца.

Некои несакани ефекти (пр. симптоми на редукција на крвниот притисок како вртоглавици) може да ја намалат способноста на пациентот да се концентрира и реагира и заради тоа претставуваат ризик во ситуации каде овие способности се од големо значење (пр. управувањесо моторни возила или машини). Ова може да се случи посебно на почетокот на третманот или при промената на дозирањето на терапијата. После првата доза или последователното зголемување на дозата не се препорачува возење или управување со машини во текот на неколку часа.

Симптомите асоцирани со преголемо дозирање на АКЕ инхибиторите може да вклучуваат преголема вазодилатација (со изразена хипотензија, шок), брадикардија, електролитни пореметувања, ренално откажување. Пациентот мора да биде внимателно мониториран, а третманот при предозирање треба да биде симптоматски и поткрепувачки. Мерките кои се предлагаат за справување во вакви сиутуации вклучуваат примарна детоксификација (гастрично испирање, администрација на адсорбенси) и мерки кои ја нормализираат хемодинамичката рамнотежа, вклучително и администрација на алфа I адренергични агонисти или администрација на ангиотензин II ( ангиотензинамид). Рамиприлат, активниот метаболит на рамиприл слабо се отстранува од општата циркулација со хемодијализа.

 

Кога не смее да го употребувате овој лек?

Не смее да се употребува ramipril:

  • при алергија (преосетливост) на ramipril или на некој друг АКЕ инхибитор (знаците на алергиска реакција може да вклучат исип, отоци или проблеми со дишењето, отекување на усните, лицето, грлото или јазикот); 
  • при некогашна сериозна алергиска реакција наречена “ангиоедем” (чешање, исип (уртикарија), црвени белези на рацете, стапалата и грлото, отекување на грлото и јазикот, отоци околу очите и усните, тешко дишење и тешко голтање); 
  • при дијализа или некој друг вид на филтрација на крвта (во зависност од апаратот кој се употребува, ramipril може да не биде соодветен за употреба); 
  • при проблеми со бубрегот при што е намалено снабдувањето на бубрегот со крв (ренална артериска стеноза); 
  • при бременост повеќе од 3 месеци. Исто така, се препорачува да се избегнува употреба на ramipril и при рана бременост 
  • ако крвниот притисок е премногу низок или нестабилен. 

 

Особено внимание треба да се обрне со ramipril при следниве состојби:

  • проблеми со срцето, црниот дроб или бубрезите; 
  • изгубена поголема количина на соли или течности од телото (поради мачнина (повраќање), диареја, прекумерно потење, диета со внесување на помалку сол, земање на диуретици подолго време или дијализа); 
  • третман за намалување на алергијата од убоди на пчела или оса (десензитизација); 
  • кога треба да се прими анестетик поради операција или некоја стоматолошка процедура. 
  • високо ниво на калиум во крвта (што се гледа по резултатите од крвните тестови);
  • некое колагенско васкуларно заболување како што е склеродерма или системски лупус еритематозус. 

 

Доколку се користат други лекови заедно со ramipril треба да се внимава:

  • лекови за ублажување на болка и воспаление (на пример, нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ) како што е ибупрофен или индометацин и ацетилсалицилна киселина); 
  • лекови за третман на низок крвен притисок, шок, срцева слабост, астма или алергии како што се ефедрин, норадреналин или адреналин. 
  • лекови за третман на рак (хемотерапија); 
  • лекови кои се употребуваат за спречување на одбивањето на органите по трансплантација како што е циклоспорин; 
  • диуретици како што е фуросемид; 
  • лекови кои може да ја зголемат количината на калиум во крвта како што се спиронолактон, триамтерен, амилорид, калиумови соли и хепарин (за разретчување на крвта); 
  • стероидни лекови за третман на воспаленија како што е преднисолон; 
  • алопуринол (се употребува за намалување на уричната киселина во крвта); 
  • прокаинамид (за проблеми со срцевиот ритам). 
  • лекови за третман на шеќерна болест како што се орални лекови за намалување на гликозата и инсулин. Ramipril може да го намали нивото на шеќер во крвта. 
  • литиум (за ментални нарушувања). Ramipril може да го зголеми нивото на литиум во крвта. 

Несакани ефекти

Сигурносниот профил на комбинацијата на ramipril вклучува перзистентна сува кашлица и реакции кои се должат на хипотензија. Сериозните несакани реакции вклучуваат ангиоедем, хиперкалемија, ослабување на реналната или хепарната функција, панкреатитис, тешки облици на кожни реакции и неутропениа/агранулоцтоза.

Чести  (кај помалку од 1 од 10 луѓе):

  • главоболка или чувство на замор 
  • чувство на зашеметеност (поверојатно е дека ќе се случи на почетокот на лекувањето или при зголемување на дозата) 
  • несвестица, абнормално низок крвен притисок (хипотензија), особено при стоење или брзо станување 
  • сува скокотлива кашлица, воспаление на синусите (синузитис) или бронхитис, недостаток на здив 
  • болки во стомакот или цревата, диареја, неправилно варење, мачнина 
  • кожен исип со или без испакнати места 
  • болка во градите 
  • грчеви или болка во мускулите 
  • покачено ниво на калиум во крвта. 

Помалку чести (кај помалку од 1 од 100 луѓе):

  • проблеми со рамнотежата (вртоглавица) 
  • чешање и невообичаено чувство на кожата како што е тапост, скокоткање, трнење, печење или 
  • невообичаено чувство на кожата како што е тапост, скокоткање, пецкање, печење или лупење на кожата (парестезија) 
  • губење или промена на осетот за вкус 
  • проблеми со спиењето 
  • депримираност, анксиозност, поголема нервозност од вообичаено или немир 
  • затнат нос, тешко дишење или влошување на астма 
  • отекување во цревата наречено “интестинален ангиоедем” со симптоми како што се болка во стомакот, повраќање и диареја 
  • жегавица, запек или сува уста 
  • зголемено исфрлање на вода (урина) од вообичаено во текот на денот 
  • зголемено потење 
  • губење или намалување на апетитот (анорексија)
  • забрзано или неправилно чукање на срцето, отечени раце и нозе. Ова може да биде знак на зголемена задршка на вода во телото. 
  • зацрвенување 
  • заматен вид 
  • болка во зглобовите 
  • зголемена телесна температура 
  • сексуална неспособност кај мажите, намалена сексуална желба кај мажите или жените 
  • зголемен број на одреден бели крвни клетки (еозинофилија) кои може да се забележат на крвните тестови 
  • на крвните тестови може да се забележат промени во работењето на црниот дроб, панкреасот или бубрезите. 

 

Ретки  (кај помалку од 1 од 1000 луѓе)

  • збунетост и потресеност 
  • црвен и отечен јазик 
  • лупење на кожата, чешање, исип со испакнатини 
  • проблеми со ноктите (на пример, отпаѓање или одвојување на ноктот од своето лежиште) 
  • исип на кожата или модрици 
  • обоени точки на кожата и ладни екстремитети 
  • црвенило, чешање, отекување и солзење на очите 
  • нарушено слушање и зуење во ушите ж
  • чувство на слабост 
  • намалување на бројот на црвени крвни клетки, бели крвни клетки или тромбоцити или пак на нивото на хемоглобин што може да се забележи од тестовите на крвта. 

 

Многу ретки (кај помалку од 1 од 10 000 луѓе)

  • зголемена осетливост на сонце од вообичаено. 

 

Дознјате повеќе за авторот -  Д-р Дарко Стојановски

 

Совет: Употребувајте лекови кои се исклучиво препишани од страна на вашиот матичен лекар или специјалист, никогаш на своја рака. Пред употреба на овој и било кој друг препарат преопорачуваме да се консултирате со Вашиот лекар или фармацевт .

Овој лек е регистриран и во нашата земја -  повеќе информации во официјалниот регистар на лекови - клинкете тука

www.doktori.mk, 13.12.2012

Последна вест

Најчитани статии - фармација