Новороденечка (неонатална) жолтица

студент по медицина

Животот во утробата на мајката е многу поразличен од оној надвор од неа, а доаѓањето на овој свет значи и потреба од многу суштински промени кај бебето за истото да може да опстои. Првиот плач како резултат на болката што ја причинува земањето на воздухот, првиот подој, првите активни движења на мускулите и будењето на разни рефлекси се само неколку од промените што ги доживува новороденото. Меѓутоа, и пожолтувањето на бебето е резултат на суптилните промени во организмот кој ги бара надворешниот свет, бидејќи ја нема повеќе плацентата и папочната врвца за да му гарантираат хранливи материи и кислород на плодот.

Зошто настанува неонаталната жолтица?

Додека е бебето во неонатолошкиот оддел, логично и очекувано е да се јави благо пожолтување или таканаречена бебешка жолтица. Новороденечката жолтица претставува физиолошка состојба со кратко траење и е израз на незрелоста на црниот дроб и ензимите во клетките на црниот дроб од една страна, но исто така и промената на видот на еритроцитарниот хемоглобин од друга страна. Всушност, во текот на животот на плодот во утробата, тој во неговите еритроцити содржи поинаква форма на хемоглобин од нас возрасните. Тоа е таканаречениот фетален хемоглобин (Hb F) кој има за задача да го врзува кислородот и да го транспортира до сите ткива на плодот. Но, овој фетален хемоглобин има многу понизок капацитет за врзување на кислородот откако плодот ќе дојде на овој свет, така што во име на животот неопходно е да се случи трансформација на феталниот хемоглобин во адултен хемоглобин (Hb А). Адултниот хемоглобин е оној кој го поседуваме ние возрасните, тој има висок капацитет да го врзе и ослободи кислородот за притоа да ги задоволи потребите за кислород на сите ткива, па токму затоа се случува таа огромна промена.

Промената на видот на хемоглобинот е многу сложен метаболен процес кој подразбира значајно разградување на феталниот хемоглобин и синтеза на новиот адултен хемоглобин. Најзначаен момент во целата приказна, кој ги поврзува распадот на стариот (фетален) хемоглобин и пожолтувањето на новороденото, е тоа што еден дел од хемоглобинот кој е наречен хем во организмот се распаѓа до една супстанца означена како билирубин. Билирубинот е жолто-зелено-кафен пигмент кој е многу токсичен за релативно младите и вулнерабилни клетки и ткива на новороденото. Особено силен е токсицитетот врз кревките нервни клетки на мозокот. Оттука кога овој билирубин ќе се ослободи во циркулацијата како резултат на распадот на хемоглобинот, потребна е негова детоксикација затоа што во спротивно истиот ќе започне да се таложи во сите органи и ткива, вклучувајќи го и мозокот, па тоа би значело и нивно соодветно оштетување.

За тоа да не се случи, организмот има свој одбранбен механизам, кој пак кај новороденчето е многу кревок и се уште делумно нефункционален. Тој механизам всушност ја претставува моќта на црниот дроб да изврши детоксикација на билирубинот која ќе се случи со помош на црнодробните ензими. По оваа детоксикација тој би се излачил преку жолчниот сок во изметот и на тој начин се избегнуваат неговите детериорни ефекти врз човековото здравје. Но, веќе напоменав дека новороденото има многу незрели ензими и ензимски системи во црниот дроб кои ја немаат потребната моќ да го детоксицираат целокупниот билирубин кој се создава поради распадот на хемоглобинот, па тоа води до зголемување на концентрацијата на токсичниот билирубин во крвта. Кога билирубинот ќе се зголеми во крвта, тој започнува да се таложи во ткивата, па токму затоа, всушност, настанува пожолтувањето на новороденчето. Пожолтувањето на кожата, слузниците и евентуално белката на очите се должи токму на фактот дека концентрацијата на билирубинот во крвта е висока и следствено на тоа ткивата се преплавени со овој жолто-зелен пигмент кој транзиторно се исталожува во нив.

Доколку пожолтувањето не трае долго, со денови или недели, и доколку не е со изразито силен интензитет, тоа апсолутно не значи болест, туку само израз на минливата незрелост и неспособност за правилно функционирање на црнодробните ензимски системи. Во нормални услови жолтицата се губи токму поради созревањето на ензимските системи и конечно детоксицирањето на билирубинот и неговото последователно излачување. Дека бебињата го излачуваат билирубинот преку цревата со изметот, ни говори фактот што бебешката столица има златно жолта боја, која се должи на излачениот билирубин.

Следење и терапија на неонаталната жолтица

Новороденечката жолтица е физиолошки момент во животот на новороденчето, но сепак треба да се следи и во случај истата да перзистира како продолжена жолтица во новороденечкиот период, сугерира на постоење на некое заболување. Мерењето на концентрацијата на билирубинот во крвта е можно и потребно за да се следи состојбата на новороденото и, се разбира, навреме да се превземаат соодветни мерки. Општо прифатено е дека пожолтувањето настанува тогаш кога билирубинот достигнува концентрации повисоки од 50 микромоли на литар, иако нормални се до 22 микромоли на литар. Секогаш кога вредностите на билирубинот ќе достигнат вредност над 200 микромоли на литар треба да се започне со фототерапија која помага на тој начин што ги раскинува молекулите на билирубинот во кожата и ја намалува неговата концентрација во крвта, спречувајќи токсично оштетување на мозокот. Исто така, ако вредностите надминат 300 микромоли на литар се прави ексангвинотрансфузија која подразбира трансфузија на нова крв и отстранување на бебешката, со цел да се намали концентрацијата на билирубинот.

Ако жолтицата е повеќе од физиолошки феномен и сугерира постоење на болест, тогаш новороденото може да има неизвесна иднина бидејќи многу високите нивоа на билирубин во крвта подразбираат исталожување на овој пигмент во мозочното ткиво и последователно токсично оштетување на мозокот, или таканаречен керниктерус, кој може да биде причинител за различни форми на невролошки дефицит и нарушувања.

Што може да се крие зад новороденечката жолтица?

Неопходно е да се запомне дека за физиолошката жолтица да добие еден патолошки облик би требало да постои некое заболување. Многу често зад продолжената физиолошка жолтица се кријат намалената функција на тироидната жлезда, недоносеноста, генетски предодредените ензимски нарушува на црниот дроб - како Crigler-Najjar и Gillbert синдромите, или пак генетски предодредените дефекти во транспортот и излачувањето на билирубинот познати како Dubin-Johnson и Rotor-ов синдром. Не смееме да заборавиме дека екстремно силната жолтица и керниктерусот може да настанат како резултат на хемолитичката болест на новороденото која настанува заради несовпадливост помеѓу Rh факторот на мајката и плодот, при што антителата кои ги создал организмот на мајката немилосрдно ќе ги уништат еритроцитите на новороденото, што ќе доведе до создавање на масивни количества билирубин. Хепатитисот Б како причина за новороденечка жолтица кај деца чии мајки боледуваат од оваа инфекција е теоретски можен, иако тој има повеќе хроничен тек и скриена клиничка слика се додека не настане вистинска цироза на детска возраст. Ретки, но вредни да се спомнат, се болестите на натрупување (storage diseases) и вродените аномалии на жолчното ќесе и жолчните патишта, кои исто така може да доведат до страшна жолтица во новороденечка возраст.

Новороденечката жолтица како вообичаен и физиолошки феномен е само еден од показателите дека периодот на новороденче или таканаречениот неонатус и неговата транзиција од утробата на мајката, каде фетусот ја покажува својата пасивност и зависност од мајката, како најсуптилен пример за човечки паразитизам, во индивидуа која доаѓа на овој свет спремна да се бори со предизвиците на животот, не претставува воопшто лесен процес туку вистинско време за суштински промени.

 

 

дознајте повеќе за авторот Филип Наумовски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 08.12.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина