Интервју: Како до престижна работа и специјализација за доктори во Германија?

Меѓу лекарите од сите возрасти и специјалности, но најмногу меѓу младите лекари, се позастапени се желбите и размислувањата за специјализација, усовршување или продолжување на кариерата надвор од нашата земја. Предничат размислувањата за продолжување на кариерата во земјите кои се дел од Европската Унија, а меѓу нив секако на прво место е неофицијалниот европски лидер Германија.

Доктори.мк разговараше со Тина Котевска, претставник на компанија која посредува при упатување на доктори за работа и специјализација во Германија.

Доктори.мк: Што е она што Вие го работите?

Тина Котевска: Ние  посредуваме при упатување на доктори од Македонија, најпрво за посета на интензивен курс по германски јазик кој е наменет исклучиво за доктори и трае 3 месеци. Курсот се посетува во болница, секој ден, по цел ден и се учат претежно медицински термини, т.е. она што е потребно на еден доктор за да може да се вклопи во германска работна средина. Професорот одлучува дали партиципантот е спремен да полага за сертификат кој е  потребен за да се добие договор за работа и последователно на тоа и дозвола за работа. Додека се слуша курсот се добиваат и информации за  потребата на доктори во одредени болници во Германија, па кандидатите се упатуваат на интервју  итн.

Доктори.мк: Меѓу лекарите од сите возрасти и специјалности, но најмногу меѓу младите лекари, се позастапени се желбите и размислувањата за специјализација, усовршување или продолжување на кариерата надвор од нашата земја. Предничат размислувањата за продолжување на кариерата во земјите кои се дел од Европската Унија, а меѓу нив секако на прво место е неофицијалниот европски лидер Германија. Што мислите, на што се должат ваквите тенденции?

Тина Котевска: Па секако  влијаат и моменталните состојби во нашето здравство, но и желбата да се види како тоа функционира во една развиена европска земја како што е Германија.

 

Доктори.мк: Зошто нашите лекари ја избираат токму Германија? Кои се условите за работа и живот во оваа земја?

Тина Котевска: Па прво  се избира Германија затоа што таа ги отвори, така да речам вратите, на високообразовни кадри  од медицинската фела. Тие имаат потреба од доктори,  а ние  од друга страна имаме  потреба од вработувања на нашите дипломирани  и специјализирани доктори. Секако дека условите за работа  се пософистицирани  и  ги следат последните достигнувања во медицината. Располагаат со сите потребни апарати за точно и брзо дијагностицирање на болеста што секако значи и поголема ефикасност во  лечењето .

 

Доктори.мк: Кои специјалности се најбарани моментално на пазарот на труд во Германија?

Тина Котевска: Следејќи го периодот од почетокот на оваа година и податоците кои ги добиваме од нивна страна, евидентно е дека  најмногу се бараат анестезиолози, хирурзи и интернисти.

Доктори.мк: Што е потребно од правен аспект, за еден лекар од Македонија, кој дипломирал во нашата или некоја од соседните земји, да има можност да работи во германските здравствени институции?

Тина Котевска: За да може еден лекар да конкурира за работа во Германија  потребни му се комплет документи со кои ќе докаже дека  е дипломиран лекар и дека нема некои пречки од правна природа за да замине во странство и да отпочне со работа.

 

Доктори.мк: Што треба еден лекар, кој завршил медицина во Македонија, да направи и исполни за да стане специјализант во Германија? Кој е патот до добивањето на специјализацијата?

Тина Котевска: Германскиот  здравствен систем е така конципиран, да уште на почеток на вработување на докторите им се дава да изберат каде ќе се вработат, на кое одделение, на пр. хирургија, интерно и др. Во првите 6 месеци кои се еден вид пробна работа  – со статус на приправник, неговиот ментор може да види дали  лицето е соодветно за конкретната специјалност, на пр. хирургија, или повеќе е наклонет кон други специјалности, во кој случај му препорачува да се префрли на друг оддел. Со самото вработување започнува специјализацијата. Во текот на специјализацијата има  одредени услови кои лекарот треба да ги исполни во текот на своето работење за да може да се стекне со звање специјалист во одредена област.

 

Доктори.мк: Дали кандидатите можат самите да избираат специјализација или истата ја добиваат според потребите на германскиот здравствен систем?

Тина Котевска: Секако според потребите на здравствениот систем во Германија се доделуваат и специјализации, и тоа  за секоја болница одделно. Во зависност од тоа за какoв специјалист има потреба одредена болница, распишува соодветен оглас за вработување. Огласот се распишува за  почетник кој ќе го обучуваат во дадената специјалност или за лекар кој е специјалист во областа.

 

Доктори.мк: Која е Вашата улога во оваа приказна, односно на кој начин Вие им помагате на лекари да обезбедат подобра иднина?

Тина Котевска:  Ние најпрво ги упатуваме на она што е примарно и најважно  за да може таму да работат, а тоа е добро да го владеат германскиот јазик. Без  тоа не може да влезете во болница. Истовремено ги советуваме и упатуваме на што треба да обрнат внимание при заминувањето и на потребната документација која треба да ја обезбедат од нашата земја.

Доктори.мк: Дали Германија е отворена за останатите здравствени профили –медицински техничари, рентген техничари, фармацевти, стоматолози, лаборанти, физиотерапевти,  итн?

Тина Котевска: Да, секако  дека имаат потреба и од таков вид на кадри и тие услуги ги извршуваат повеќе приватни установи. За тие кадри во официјалните годишни извештаи се истакнува потребата од нови вработувања, а според тоа потоа бироата за  вработување на странци  издаваат или не  дозволи за работа.

Сепак, во  официјалните извештаи за потребата од доктори е истакнато дека во наредните 10 години Германија треба да едуцира и да  обезбеди лекарски кадар во повеќе одредени области.

 

Доктори.мк Дали може да очекуваме дека некои од здравствените работници кои ќе заминат, во иднина би се вратиле во Македонија и би помогнале  во развојот на македонското здравство?

Тина Котевска: Тоа би било  идеално  и така може и да се замисли овој проект бидејќи сепак медицинската професија  е хумана и тежнее кон тоа  да помага  во развој на здравството, особено во матичната земја.

Доктори.мк: За крај каде и кога можат сите заинтересирани да ве контактираат?

Тина Котевска: Заинтересираните може да ме контактираат во секое време на мојата email адреса: tinastip@yahoo.com, на телефонскиот број: 00 49 170 5990894 после 17 часот или секој работен ден во канцеларијата во Скопје, која се наоѓа на ул. "Владимир Комаров" 1А 4/2.

www.doktori.mk, 03.12.2012

Последна вест

Најчитани статии - занимливости