Прва помош при електричен удар

студент по медицина

Луѓето секојдневно се во контакт со електричната струја. Но, поради неправилно користење или пак поради нејзина неправилна инсталација, тие многу често страдаат.

Секој човек треба да знае какви се последиците од електричниот удар и како правилно (без да се повреди самиот себе си) да му даде прва помош на веќе настраданиот.

Во следниов текст ќе се запознаете со тоа како делува електричната струја врз човекот и како правилно да дадете прва помош.

Од што зависи степенот на оштетување на човечкото тело?

Степенот на оштетувањето на човековото тело од електричниот удар зависи од:

  • Напонот и јачината на струјата – Со ниска јачина од 3-9 mА, струјата дава ексцитативен ефект врз кожата и мускулите. Со јачина од 8-17 mA предизвикува болка и целосно грчење на мускулатурата без можност настраданиот да се одвои од струјното коло, каде што се продолжува контактот со струјата, па по извесно време можат да настанат и скршеници на коските. Додека, пак, со поголема јачина од 18-30 mA настанува грч на дишната мускулатура при што подоцна се се завршува со застој на срцевата работа.
  • Фреквенцијата.
  • Време на делување на струјата – Кратка изложеност од 0,1 s, доколку не помине низ срцето, нема да предизвика никакво оштетување, но изложеноста од 0,3 s ќе предизвика коморна фибрилација и прекин на срцевата работа.
  • Генералното здравје на индивидуата.
  • Патот на проаѓање преку телото е исто така еден многу важен фактор. Патиштата кои не поминуваат преку срцето можат да предизвикаат локални оштетувања, но не и смрт. Додека оние кои минуваат низ срцето со сигурност предизвикуваат смрт.

Како делува електричната струја?

Делувањето на електричната струја врз човековото тело може да се подели на:

  • Општо ниво – Претходно споменатиот ексцитативен ефект, а потоа следуваат болката, мускулните грчеви, како и во најтешки случаи застој на срцевата работа.
  • Локално ниво – Тоа се изгорениците, кои во зависност од јачината и изложеноста можат да се манифестираат во вид на вцрвенување, појава на меури (були), некроза, па дури и карбонификација.
  • Индиректно ниво – Трауматски ефект со појава на скршеници и други трауматски повреди на органи, предизвикани од отфрлање или паѓање на настраданиот.

Изведба на прва помош

Прво што треба да направите е да го оттргнете настраданиот од струјното коло!

Во никој случај не фаќајте го настраданиот со голи раце бидејќи така може да се префрли струјата од настраданиот кај вас и да настрадате и Вие!

  • За да го отстраните настраданиот од струјното коло употребете предмет кој не спроведува електрична струја, а тоа се обично гумени, дрвени или кожни предмети.
  • Доколку немате таков предмет, отстранете го настраданиот со помош на Вашите стапала, бидејќи тие пружаат најголем отпор и протокот нема да го зафати Вашето срце, а со тоа и Вие нема да настрадате.
  • Откако ќе го тргнете настраданиот од струјното коло, доколку не дише, започнете со СБМО (срцево белодробно мозочно оживување).
  • Повикајте брза помош, или пак доколку сте во можност соодветно транспортирајте го настраданиот до болничка установа.

 

 

дознајте повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 03.12.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина