Остеопороза – проблем во стоматологијата

доктор по стоматологија

Проблемите поврзани со губењето на коскеното ткиво, кои се предизвикани од остеопорозата, заземаат се позначаен здравствен и економски проблем на современата цивилизација. Поради остеопорозата настанува кршење на коските. Најчесто скршениците настануваат на ‘рбетните пршлени, колковите, подлактичните и виличните коски.

Здравјето на коските пред се зависи од тоа колку се грижиме за нив за време на детството и младоста. Во периодот на раст и развој големо влијание има разновидната исхрана преку која се внесува големо количество калциум. Витаминот Д е исто така потребен за коските, а него во организмот го внесуваме преку изложување на сонце. За здрави коски секако треба зголемена физичка активност и многу вежбање. Во средно доба потребно е да се придржуваме кон овие нешта со што коските би го зачувале квалитетот и здравјето. Ова особено се однесува за жените после престанувањето на менструалниот циклус затоа што тогаш се намалува излачувањето на женските полови хормони и со тоа престанува нивната заштитна улога врз коскеното ткиво. На таков начин доаѓа до губење на коскената маса, се намалува цврстината на коските и настанува остеопороза. Кај мажите губењето на коскената маса е значително поспор процес, коските се поцврсти па затоа тие ретко заболуваат од остеопороза.

Со остеопорозата коската станува крта и лесно се крши. Остеопорозата не дава никакви симптоми на почеток на болеста. Најчесто се препознава тогаш кога ќе настане спонтано кршење на коска или кршење кое настанува како последица на некоја траума.

Значаен проблем во стоматологијата

Губењето на коскеното ткиво предизвикано од остеопороза зазема значајно место во стоматологијата. Ова особено се изразува кај протетските надоместоци (коронки, мостови, протези) кои имаат коска како своја подлога и основа за одржување стабилност. Разреденото коскено ткиво предизвикано од остеопорозата ја прави коскената база недоволно цврста и стабилна со што доведува до неможност за адекватно протетско решение во устата на пациентот. Кај овие пациенти доаѓа до намалување на густината и забрзано губење на виличната коска што доведува до намалување на бројот на преостанати заби во устата и дестабилизација на протетското надополнување. Кај пациенти со напредната фаза на остеопороза, виличните коски стануваат крти така што под дејство на мала сила може да дојде до нивно кршење или кршењето може да настане многу спонтано.

Превенцијата е половина здравје

За да не дојде до вакви проблеми, потребно е да се делува превентивно и да се сочува здрава и цврста коска. За да се зачува цврстината на виличната коска, како и на останатите коски во организмот, потребно е да се внимава на исхраната, односно да се внесува храна богата со калциум и Витамин Д (најчесто со изложување на сонце), да се зголеми физичката активност, да се одбегнува седење во затворени простории, да се одбегнува пушење и пиење алкохол, да се внимава на хигиената на забите и устата, да се оди на редовен преглед кај стоматолог. Жените кои имаат повеќе од 45 години потребно е да ја проверуваат густината на коските еднаш годишно. Доколку се придржувате кон претходно наведените совети, бидете сигурни дека ќе го зачувате здравјето на вашите коски.

 

дознајте повеќе за авторот

д-р Кристина И. Стојаноска Алоска

авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување
www.doktori.mk, 22.11.2012

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија