Сезонско афективно пореметување – зимска депресија

дипломиран стручен лаборант по медицинска лабораториска дијагностика, специјализиран за санитарна хемија

Што е САП - зимска депресија?

Сезонското афективно пореметување (САП - зимска депресија) претставува вид на депресија која настанува како последица на годишните климатски промени. САП - зимската депресија се јавува во доцна есен или рана зима, достигнува најголем интензитет во јануари и обично се повлекува на пролет.

Фактори на ризик

Постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на зимска депресија кај некои луѓе. На пример, може да се појави кај лица кај кои постои семејна историја на депресија, како и лица кои страдаат од клиничка депресија или биполарно нарушување. Пореметувањето почесто се јавува кај луѓе кои живеат на крајниот север или југ каде промените на годишните времиња се поекстремни. Најчесто се дијагностицира кај деца, адолеценти и жени на возраст помеѓу 30 и 40 години.

Што ја предизвикува САП - зимската депресија?

Причините за појавата на САП - зимската депресија се комплексни, но како специфични можат да се издвојат следните фактори:

  • Студенилото, недостатокот на сонце и краткиот ден можат да имаат негативен ефект на Вашата ментална состојба.
  • Намаленото количество сончева светлина во зима води до намалено лачење на серотонин во мозокот. Недостатокот на мозочната хемикалија серотонин, задолжен за добро расположение, доведува до состојба на осаменост, раздразливост и депресија.
  • Улога има и хормонот мелатонин, кој помага во регулирањето на деноноќниот ритам на телото. Овој хормон игра важна улога за тоа кога заспиваме и кога се будиме. Кога има долги ноќи, како во зима, во телото се создава повеќе мелатонин. Големото количество на мелатонин му пречи на природниот биоритам.

Симптоми

Симптоми на САП се: депресивно расположение, безволност, апатичност, анксиозност (плашливост, загриженост, внатрешна напнатост и немир, слаба меморија, ослабена концентрација, раздразливост), недостаток на енергија и лесно заморување, зголемена поспаност, губење на интересот за вообичаените дневни активности, социјално повлекување, промени во апетитот (особено зголемена потреба за храна богата со јаглени хидрати), зголемување на телесната тежина, абдоминални болки и намалено либидо.

Третман

  • Излегување на сонце

Ниското ниво на витамин Д во зимскиот период може да биде фактор за појава на САП - зимска депресија. Повеќето истражувања покажале дека витаминот Д се создава после изложување на сонце, па оттука познато е дека изложувањето на сончеви зраци може да ја намали депресијата и да го подобри расположението.

  • Физичка активност

Практикувајте физичка активност 30 минути најмалку 2 пати неделно. Добро би дошла и кратка прошетка, а не смеете да ги заборавите и зимските спортови. Физичката активност е најдоброто нешто за зголемување на имунитетот на повисоко ниво, како и да не потпаднете под депресија, карактеристична за овој период од годината.

  • Здрава исхрана

Позитивен ефект на расположението може да се постигне ако во исхраната се внесат: пастрмка (богата со витамин Б кој го зајакнува нервниот систем и произведува сератонин), јајца - посебно жолчките (ублажуваат неколку симптоми на депресија и го подобруваат расположението), семки од тиква, бадеми, сончоглед и кикирики (моќни анти-депресиви богати со витамин Е, рибофлавин, цинк и манган), брокула (изобилува со фолна киселина и анеурин кои го ублажуваат лошото расположение). За пијалак изберете топол напиток како што е зелениот чај, одличен за детоксикација на организмот, за зајакнување на имунитетот и зголемување на енергијата.

  • Здрав сон за ослободување од депресија

Здрав човек има здрав и квалитетен сон. Редовно спиење од 6 -7 часа може да ја ублажи депресијата, а воедно и да придонесе за подобрување на Вашето здравје и кондиција.

  • Време за дружба

Уживајте во малите нешта, поминувајте повеќе време со семејството и пријателите. Дружењето ќе ви помогне да го намалите стресот и депресијата. Важно е да го подобрите Вашето расположение со позитивно мислење и поголема самодоверба.

НАПОМЕНА: Сезонското афективно пореметување (САП) - зимската депресија не претставува сериозна состојба и не бара лекување со медикаменти. Доколку сезонската депресија трае подолго од 2 недели, во тој случај консултирајте се со Вашиот лекар.

 

 

Повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 21.11.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина