Трансплантација на органи и ткива, светлината на крајот на тунелот - реалност или фикција

студент по медицина

Трансплантацијата често не е само последен, туку и единствен начин за да се спаси нечиј живот.

Но, што се случува кога модерната трансплантациона медицина ќе се судри со бирократската реалност? Кои се предизвиците кои стојат на патот на нејзиниот развој во Македонија?

Понекогаш сме принудени да се соочиме со фактот дека болеста и покрај навременото дијагностицирање и соодветно третирање, немилосрдно по извесен број години го зема својот данок оставајќи ги и пациентите, но и докторите немоќни и покрај сите новини и напредоци во медицината. Постојат и состојби кои од самиот почеток императивно бараат многу повеќе од конзервативен третман, но има и такви каде инсуфициенцијата на здравствениот систем и социоекономската положба на болниот придонеле за неповолен развој на настаните, па пациентите доаѓаат до една точка од каде нема повраток, за одеднаш трансплантацијата да биде единствената светла точка на крајот на тунелот.

Имунолошките феномени - прва пречка во развојот на трансплантационата медицина

Откако беа поставени темелите на трансплантационата медицина, а со тоа изведени и првите трансплантации за момент сите се понадеваа дека трансплантацијата ќе биде идеално решение за многу заболувања кои поради својата честота и природа сериозно го оптеретуваат сечиј здравствен систем и се разбира на годишно ниво чинат многу пари. Но, тогаш кога најмалку се очекуваше имунолошките феномени со  кои примателот го отфрлаше трансплантатот беа посилни од надежта и вербата во трансплантацијата на органи како процедура. Тоа ги натера докторите да ја спуштат топката и конечно да бараат решение како да се справат со имунолошката машинерија на примателот која многу неблагодарно го отфрла трансплантатот уништувајќи ги сите надежи на пациентот.

Историска слика - трансплантација на нога

Имуносупресивна терапија

Решението е всушност употребата на имуносупресивна терапија, односно лекови кои ќе го спречат размножувањето и активирањето на клетките на имуниот систем како не би го отфрлиле штотуку пресадениот орган. Првите имуносупресивни лекови започнуваат да се употребуваат во шеесетите години на минатиот век кога бројот на успешни трансплантации станува се поголем. Трансплантацијата како феномен датира многу одамна, познати се обиди за трансплантирање на кожа во 2 век пред нашата ера, но и бројни трансплантации потоа кои секако завршуваат неславно се до 1954 година кога во САД е извршена првата успешна трансплантација на бубрег кај монозиготни близнаци при што не се употребени имуносупресивни лекови. Оттогаш па до сега научниците вложија многу за да ги откријат механизмите на отфрлањето на трансплантатот и да ги сфатат патиштата преку кои организмот го препознава своето, а отфрла туѓото. Револуционерните откритија во имунологијата и зачетоците на имуносупресијата ни овозможија денеска да сме на едно повисоко ниво и чекор поблизу до утопијата откако на пазарот постојат многу модерни имуносупресиви кои ветуваат добар исход по трансплантацијата. 

Значењето на ХЛА системот

За развојот на трансплантацијата на органи и успесите ширум светот како и изведбата на сложени трансплантациони процедури многу придонесе и откривањето на ХЛА системот. ХЛА системот претставува појдовна точка во секоја трансплантациона процедура која се темели на принципот на поклопување односно совпаѓање на таканаречените леукоцитни антигени или главниот ткивносовпадлив комплекс на донорот и на примателот бидејќи без нивно совпаѓање трансплантацијата не е можна. Одредувањето на ХЛА или таканаречената ХЛА типизација е неопходна за да воопшто може да размислуваме на трансплантација. Со високо специфичниот систем на совпадливост денеска успешно се наоѓаат идеални сродни и несродни дарители при што отфрлањето на трансплантатот се сведува на минимум.

Етички прашања и законските регулативи - замка за модерната медицина

Така додека говориме за научниот аспект на целата оваа тематика и се гордееме со напредокот на модерната медицина очигледно дека паѓаме во замката на етиката и законските регулативи бидејќи и покрај напредоците и откритијата трансплантацијата на органи не заживува како процедура која би му била достапна секому бидејќи во многу земји постојат навидум правни и законски регулативи кои не се реализирани и претставуваат реална пречка. Едноставно како да сакаме да си ги создаваме проблемите за работите да не одат напред.

Различни гледишта и сваќања за тоа како треба да изгледа законската регулатива за трансплантацијата кај нас на балканот, но и ширум светот попречуваат оваа благородна процедура да донесе светлина во животите на многу луѓе. Дали навистина законите, подзаконските акти и согласноста треба да бидат причина сеуште да се тапка во место или пак тоа е само начин како да ја скриеме неспособноста под превезот на законите и папирологијата?

Трансплантацијата на органи во Европа и на Балканот

Долги години во Европа лидер по бројот на обавени трансплантации и по бројот на пријавени донори на органи беше Шпанија, но од претходната година тој примат го поседува Хрватска. Се смета дека во Хрватска годишно се обавуваат повеќе од 400 трансплантации од кои повеќе од 100 на бубрези и повеќе од 100 на црн дроб. Тие може да се пофалат и со бројни трансплантации на срце, панкреас, бели дробови, но исто така и се лидери по бројот на пријавени орган донори кои се достапни по глава на жител. Проблемот во однос на донорство го решија на мудар начин така што во нивната земја секој еден е дарител на органи се додека не се изјасни спротивно од тоа. Додека Хрватска е лидер останатите балкански земји прилично заостануваат, на пример Црна Гора во Јули годинава ја имаше првата трансплантација на бубрег. Србија има нешто подобри резултати, но тие јавно признаваат дека се соочуваат со дефицит на кадар, опрема, простор и едукација во тој поглед иако кај нив годишно се случуваат повеќе од 100 трансплантации од кои неколку и на срце.

Трансплантацијата на органи во Македонија

Македонија од неодамна доби законска регулатива, но сеуште сме заглавени во сивата зона на подзаконските акти која најверојатно сами си ја креираме иако познато е дека крајот на осумдесетите беше доста плоден во поглед на трансплантационата медицина во Македонија. Тогаш беа направени голем број на успешни трансплантации на бубрези се разбира од живи донори и тоа најчесто луѓето ги добиваа органите од своите најбликски. Оттука не сме земја во која нема потенцијал, но сигурно дека треба да се инвестира во образување на соодветен кадар и обезбедување на адекватни услови за да може да заживее оваа гранка на медицината.

Кадавер трансплантацијата или земањето на органи од лица кај кои е дијагностицирана мозочна смрт при што органите се сеуште вијабилни и здрави и секако способни да продолжат да работат во организмот на примателот е многу болна тема бидејќи кога ќе се спомене веднаш помислуваме на криминал, продажба на органите и манипулација од страна на докторите. Тоа секако се должи на менталниот склоп, дијапазонот на погледите и едуцираноста на населението бидејќи органот кој еднаш ќе биде земен мора во рок од неколку часа да биде трансплантиран, така што нема простор ниту време за некакви матни продажби и манипулации. Не смееме да дозволиме суеверието и неукоста да не спречат да напредуваме и на овој план бидејќи кога кај луѓето кај кои мозочната смрт е дијагностицирана, а биолошката смрт на сите останати органи се поизвесна нема ништо поблагородно и похумано одколку да дариме некому орган. Најголемиот проблем е непостоењето на законски акт со кој се гарантира правото на пациентот да ги дарува своите органи доколку се најде во ситуација на неизбежна смрт, се разбира по потпиешување на соодветна согласност.

Во Македонија неодамна се изведе првата трансплантација на црн дроб кај бебе, се разбира од жив донор. Бројот на трансплантирани со коскена срцевина просечно изнесува околу 20 односно вкупно повеќе од 100 за изминативе години, додека Шпанија  на пр. може да се пофали со 100.000 трансплантации на коскена срцевина. Сепак не сме поназад од некои афирмирани регионални центри како што е Словенија.

Едноставно мора да се донесат сите потребни законски решенија и регулативи за да може многу луѓе да го добијат она што го заслужуваат бидејќи нашите пациенти не се помалку вредни од оние во високоразвиените земји и САД. Денеска постои и интернеционална непрофитабилна организација, Еуротрансплант, која поврзува различни држави ширум светот кои имаат склучено договор со неа за да може да се обавуваат соодветни размени на органи односно во согласност со ХЛА типизацијата да се бараат сродни дарители и надвор од границите на државата што сигурно ги зголемува шансите пациентот да го добие органот и конечно да заврши неговата голгота и безнадежно лутање по болничките ходници. Многумина пак својта светлина на крајот на тунелот ја бараат многу километри оддалечени од својата татковина, најчесто во земјите на блискиот исток бидејќи таму илегално и во мизерни услови секојдневно се прават трансплантации се разбира откако ќе си го купите органот на црниот пазар за притоа на оваков или онаков начин на крајот на денот да добиете живот. Луѓето често, но и храбро се решаваат на ваков чекор бидејќи во спротивно недостапноста на трансплантацијата како тераписки избор, сиромашната листа на донори, условите и времето кое пациентот го минува по ходници би можело да ги чини живот.

Трансплантацијата не е фикција, таа значи живот за многумина

Често трансплантацијата не е само последен туку и единствен начин за да се спаси нечиј живот, па оттука и важноста  за да се обезбеди адекватна клима за развој на трансплантационата медицина. За тоа да биде реалност, а не недостижна фикција треба да придонесе секој од нас, пред се со промена на погледите кон трансплантацијата како акт затоа што не можеме да очекуваме големите нешта да ни се случат преку ноќ. Се разбира дека неопходна е институционална поддршка како и луѓе кои ќе ги вложат своите сили и знаења да го работат тоа бидејчи само така ќе успееме да ги спасиме сите оние деца на кои им требаат нови бели дробови бидејќи боледуваат од цистична фиброза, сите возрасни кои боледуваат од белодробна фиброза или пак имаат хронични белодробни оштетувања, сите оние луѓе кои секојдневно мора да внимаваат колку пијат вода и постојано треба да одат на дијализа бидејќи нивните бубрези одамна заборавиле како се филтрира крвта и како се создава урината. Трансплантацијата би значела живот за сите оние кои се родени дури и со најтешките срцеви мани, сите оние кои кои имаат различни црнодробни заболувања како цироза, хемохроматоза, Вилсоновата болест, панкреасната инсуфициенција и многу други болести. Не смееме да заборавиме дека донираниот орган за многумина значи живот. 

дознајте повеќе за авторот Филип Наумовски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 20.11.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина