Доктори.мк | Зошто е азот оксидот важен за здравјето | zosto-e-azot-oksid-vazen-za-zdravjeto-NO | Портал за медицина и здравје

Зошто е азот оксидот важен за здравјето

советник за здрава исхрана - нутриционист
Клуб за здрав начин на исхрана "New Nutritionism" - Скопје

Азот – оксид (NO) е суштински важен хемиски гласник кој се произведува во крвотокот, а со самото производство тој ги шири и опушта крвните садови. Тоа го зголемува приливот на крв во сите органи и клетки, обновувајќи го здравјето и моќта на ткивата на кардиоваскуларниот систем. Природно, околу 40-тите години од нашиот живот, производството на азот-оксид во телото почнува да се намалува и тоа е општа појава кај сите луѓе. Но, сепак, кардиоваскуларниот систем никогаш не ја губи способноста да се опушти, односно да ги проширува крвните садови.

Недостатокот на азот-оксид води кон тоа да во 50–тите и 60-тите години кај луѓето потенцијалот за циркулација на крвта отприлика паѓа на половина од тоа како што бил во 20-тите години.

Доколку би можеле да го поттикнеме производството на азот-оксид во телото, би можеле да го забавиме процесот на стареење.

Како што стојат работите, очигледно многу намирници и лековити билки кои традиционално се користеле за ублажување на кардиоваскуларните проблеми, сами по себе претставуваат многу ефикасни фактори за производство на азот-оксид. Со помош на свесно поттикнување на производство на азот-оксид во самото тело, би можеле превентивно да влијаеме, за во иднина да не дојде до кардиоваскуларни заболувања.

Намирници кои го поттикнуваат производството на азот-оксид

Во најдобрите спаѓаат: кељот, блитвата, спанаќот и репките. А, исто така, и намирниците од фамилијата на зелката, кои делуваат превентивно против разни видови на канцер, но и го поттикнуваат производството на азот-оксид. Такви се зелката, карфиолот и брокулата. Овие намирници консумирајте ги слободно колку што сакате!

Дозволете си и малку црно чоколадо. Истражувањата укажуваат на се подобри и подобри својства кои ги има овој намирник. Какаото го поттикнува производството на азот-оксидот во телото. Редовно консумирање на црното чоколадо (она кое содржи повеќе од 70% какао) е добро како превентива од кардиоваскуларни заболувања. Пожелно е да одберете чоколадо со што помалку шеќер.

Или, уште подобро, направете си какао напиток.

Лековити билки кои го поттикнуваат производството на азот-оксид

Многу од лековитите билки кои со векови се користеле за лечење и подмладување на кардиоваскуларниот систем се покажале како моќни претходници за производство на азот-оксид. Во најдобрите спаѓаат: глогот, жалфијата, сливата и жен-шенот.

Намирници и навики кои го спречуваат производството на азот-оксид

Тука спаѓаат пушењето, недостаток на физичка активност, консумирање на газирани напитоци и брза храна, како и недостатокот на сон. Сите овие работи го намалуваат производството на азот-оксидот во телото.

 

 

дознајте повеќе за авторот

Билјана Ристеска

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 19.11.2012

Последна вест

Најчитани статии - исхрана