Доктори.мк | За што се употребува екстрактот од див костен? | za-sto-se-upotrebuva-ekstrakt-div-kosten | Портал за медицина и здравје

За што се употребува екстрактот од див костен?

доктор по стоматологија

Екстрактот од дивиот костен се користи како терапија за проширени вени, хемороиди, дијареа, треска и зголемена простата. Се користи и кај реуматични заболувања. Препарати на база на стандардизиран екстракт од семе од див костен се користат и орално во терапијата на хронична венска инсуфициенција. Ваквиот екстракт влијае на намалување на симптомите кои се јавуваат при заболувања на вените, како што се: проширени вени, болка, замор, отоци на нозете, едем итн.

Како делува дивиот костен?

Компонентата есцин на дивиот костен се смета дека е одговорна за дејството за стабилизација на ѕидовите на венските крвни садови, а со самото тоа и намалување на отокот и болката. Дивиот костен ги смирува и воспалителните процеси, ја зголемува цврстината на крвните садови, го зајакнува отпорот на венските капилари и ја намалува пропустливоста за течност. На тој начин се намалува оптеретувањето на венските крвни садови и отокот.

Како се употребува дивиот костен?

Најчесто се употребува во вид на гел или крем (локално делување), а поголем ефект се постигнува кога се пие екстрактот од дивиот костен (системско делување).

Во кои случаи не смее да се употребува див костен?

Екстрактот од див костен не треба да го употребуваат лица кои имаат инфективни и инфламаторни заболувања на гастроинтестиналниот тракт.

Несакани дејства од употребата на див костен

Во некои случаи може да се јави вртоглавица, мачнина и главоболка. Екстрактот од дивиот костен може да ја иритира желудочната и цревната слузница. Понекогаш ваквиот екстракт може да предизвика и алергија.

 

 

дознајте повеќе за авторот

д-р Кристина И. Стојаноска Алоска

авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување
www.doktori.mk, 18.11.2012

Последна вест

Најчитани статии - фармација