Живот со вештачки органи

студент по медицина

Научниците секојдневно се на прагот на нови фантастични медицински изуми. Целта е на тешко болните лица, со вградување вештачки органи, да им се подобри квалитетот на животот и, ако е возможно, да им се продолжи истиот, барем додека го чекаат соодветно донираниот орган.

Благодарение на развојот на медицинската технологија, можно е оштетените или болни органи и делови од телото да се заменат со вештачки или лабораториски добиени.

Вештачките органи веќе интензивно се користат

Вештачкото срце, на пример, веќе на многу пациенти во светот им ги спасило животите. Освен вештачкото срце, пациентите на кои им откажале бубрезите секој втор ден зависат од вештачки бубрег, односно од хемодијализа. Во одржување на пациентот во живот се користат вештачки бели дробови, а експертите во моментот се во фаза на усовршување на такви вештачки бели дробови кои ќе може да се вградат во градниот кош. Вештачкиот панкреас се покажа како одлична замена за болниот кај болни од дијабетес тип 1. Во лабораториите се создава вештачка кожа, ‘рбетни дискови, крвни садови итн.

Се чини дека во блиската иднина луѓето се повеќе ќе личат на роботи, а роботите на луѓе. Но, целта на многуте истражувања не е да се отворат нови етички прашања, туку на тешко болните лица, со вградување вештачки орган, да им се подобри квалитетот на животот и, ако е возможно, да им се продолжи, барем додека го чекаат соодветно донираниот орган.

  • Вештачко срце

До денешен ден се конструирани низа типови и видови. На пример, од оние кои пациентот ги носи во чанта до вештачки срца привремено пресадени во градниот кош. Иако е од титаниум и пластика и е тешко околу 0.9 килограми, тоа ги извршува виталните функции речиси еднакво добро како и вистинското човечко срце. За разлика од човечкото, вештачкото срце наизменично ја испумпува крвта, прво во белите дробови, а потоа во крвотокот.

Вештачкото срце на тој начин може да испумпа повеќе од 10 литри крв во минута. „Мотор“ на вештачкото срце е хидраулична пумпа, која префрла хидраулична течност од една страна на вештачкото срце на друга.

  • Бели дробови

Белите дробови се многу осетлив и, за жал, многу нечист орган. Донираните бели дробови мора да бидат од здрава личност која никогаш не пушела. А бидејќи во европските и светските центри меѓу донаторите е тешко да се најдат здрави бели дробови, на нивно пресадување секаде се чека. Со тоа е дополнителен предизвик за научниците да контруираат механички органи кои ќе им помогнат на пациентите да го дочекаат донираниот орган. Во моментов на големо се работи на проучување и конструкција на вештачки бели дробови.

  • Конструкција на бубрег

Научниците сега конструираат вештачки бубрег, кој е своевидна комбинација на човечкото ткиво и апарат за пумпање.

  • Проект за црн дроб

Ова е проект на кој интензивно се работи, а како и вештачкиот бубрег, и вештачкиот црн дроб би требало да биде комбинација од човечко ткиво и вештачки механизам.

  • Синтетички крвни садови

Се прават од синтетички материјал и со нив можат да се заменат болните крвни садови. Освен нив, се пресадуваат и ‘рскавица, тетиви, мускули и лигаменти. ‘Рскавицата, исто така, може да се произведе во лабораторија, така што се зема ткиво од пациент, а кога ќе ја достигне саканата големина повторно се враќа во телото.

  • Пластична рака

Произведена е од пластичен материјал и обложена е со вештачка кожа, а толку е квалитетна и осетлива на дразби, што човек дури може да свири клавир со неа.

  • Бионичка нога

Се пресадува парче коска со електромагнетно помагало. Зглобовите се заменуваат со метални, пластични или керамички делови.

  • Сензор - панкреас

Вештачки панкреас успеале да конструираат британските научници од универзитетот во Лондон. Овој панкреас може да го нормализира нивото на шеќер во крвта кај болни од дијабетес тип 1. Се состои од сензор со големина на кредитна картичка, прицврстен на кожата која ги мери вредностите на шеќер во крвта, мал апарат кој ги анализира добиените вредности и проценува колку инсулин му е потребно на пациентот од инсулинска пумпичка. Не одамна, Американската агенција за контрола на храна и лекови (FDA) ја одобри употребата на вештачкиот панкреас.

  • Ушна школка

Со вградување на ова помагало може да се потикне центарот за слух во мозокот и на глувите луѓе да им се овозможи да слушаат.

  • Се испитуваат гласни жици

Тие се уште се во фаза на испитување. Имено, научниците се обидуваат да пронајдат соодветен вештачки материјал кој би можел да ги замени деловите на уништените гласни жици.

  • Пресадување око

На научниците им успеа да го потикнат центарот за вид во мозокот, а следен чекор на кој интензивно се работи е конструкција на вештачко око, кое ќе може да се пресади во очната празнина.

  • Заби

Се истражува можноста за пресадување на матични клетки од заби, кои би го помогнале растот на новиот заб.

  • Нова кожа

Се одгледува во лаборатории и најчесто се трансплантира кај лица кои имаат изгореници на поголем дел од телото.

 

 

Дознајте повеќе за авторот - Елвис Ќаили

www.doktori.mk, 14.11.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина