Доктори.мк | Депресијата и јас | depresijata-i-jas | Портал за медицина и здравје

Депресијата и јас

специјалист по училишна психологија - FSP психолог

Депресијата денес

Столетијата и декадите си имаат свои лузни и белези од сопствените болести. Како никогаш порано, денес, застрашувачки се податоците од истражувањата за депресијата. Кај нас е транзиција, секаде е економска криза, а алиенацијата си дојде по своето и онде и овде... Техниката и технологијата трчаат пред човекот и неговиот филогенетски и онтогенетски развој, а тој каска зад сопствените изуми... Каков парадокс, но факт е, човечката природа не се развива со иста брзина како техниката и технологијата, иако тој ги создава, па му се враќаат како бумеранг. Може ли човекот да ги дочека сите бумеранзи, поподготвен?

Човекот останува неподготвен емоционално за сé што создава, на емоциите им треба еволуција, техниката бара револуција.

Реактивна болка

„Ако не постоеше болката, немаше да знаеме дека постоиме“ - кажано е. Во психичката болка најмногу имаме можност за раст и развој на личноста, за жал, може да избереме и обратно. Имаме право и на позитивни и на негативни емоции, како поларитети, имаме право на богатството од емоциите.

Со развиена емоционална интелегенција се разбираме себе најпрво, па потоа и другите, конкретно со интра и интерперсоналната интелегенција си го олеснуваме животот, а тие помалку се генетски оптеретени и можеме да ги развиваме.

Болката и тагата се дел од животот, имаме право да се чувствуваме тажни, да ја изразиме нашата тага, без да повредиме никој, се разбира. Постои разлика помеѓу реактивна тага или депресија, која е нормална реакција и депресијата како болест, иако останува отворено прапрашањето, каде е границата помеѓу нормалното и ненормалното, познато како болест.

Болест

Депресијата како болест може целосно да ја парализира личноста за нормално функционирање. Изразена во најразлични степени, депресијата влијае на мислењето и расположението, па ќе направи, ако трае предолго, личноста целосно да се промени и во однесувањето, до целосно закочување во било која активност, освен можеби за последната - самоубиството.

Реакција или болест, промените кои ќе се јават според времетраењето и интензитетот ќе направат диференцијална слика. Ќе започнат промени во биолошките потреби, апетитот, спиењето, претеран замор, губење на волјата, опаѓање на сексуалната желба. Или обратно, агитираност/движење, вознемиреност, но и проблеми со стомакот и цревата кои се дректно поврзани со потсвеста, како и болки кои немаат органско потекло. Безволност, неможност за одлучување, со огромно чувство на вина и безвредност, губење концентрација и забавено мислење. Памтењето опаѓа, освен за негативни настани и доживувања, кои уште повеќе ја хранат депресијата.

Опседнатост со суеверие и мисли за катастрофи, се губи реалната слика за себе, за светот и животот. Заглавени во некој нивни момент ќе им биде изгубен секој интерес за сé што порано им значело, па ќе дојде до „зарамнување“, односно замрзнување на чувствата.

Од една крајност во друга, може и целата енергија да ја пренасочат во бес, агресија или да се повлечат во изолација. Лесно посегнуваат по хемиски протези додека им помагаат, од алкохол, преку самоиницијативно земање лекови, до дрога и до себеуништување на било кој начин. Можат да бидат деструктивни, но повеќе се автодеструктивни. Самоубиствата се сé почеста појава во најразвиените земји. Во Швајцарија, според статистиката, прва причина за смрт кај младите е самоубиството!

И доколку статистиката на СЗО кажува дека 15% од луѓето со депресија извршиле самоубиство, а од самоубиствата 80% се од депресија, тоа е загрижувачко и алармантно!

Ларва

Превенцијата е секогаш пожелна, затоа што постои и „ларвирана“ депресија. Личноста воопшто нема симптоми, навидум, иако има причини за да дојде до реактивна депресија. Користи силни одбранбени механизми, вешто избегнувајќи ја депресијата со негација, компензација, сублимација. Проблемот останува, мајсторски камуфлиран, а реално може да биде причина за појава на депресија. Одбранбените механизми, кои ни помагаат да не се распаднеме како личности, употребливи се дозирано и за помош, но не можат да ја излечат депресијата која стуткана лежи длабоко и вешто сокриена од личноста и може секој момент да се појави.

И тогаш, мора да дојде до соочување со проблемот, со причините, со болката, па преку вообичаените фази, до прифаќање, еквилибриум и градење нова реалност. Секако подобра е превенцијата, отколку негување на ларвата.

Патот

Реактивната ни е појасна, но сепак останува прашањето од каде ни доаѓа толку зачестената депресија? Генетиката е фактор, но никогаш не постои само еден фактор.

Многу често е комплекс од фактори, почнувајќи од генетиката, пренатални трауми, тешко трауматизирано детство, губитоци од секаков вид и причина, загуба на сакани, загуба на работно место, немање работа, хормонални дисбаланси кај жената, соматски заболувања, инвалидитети, лекови, дрога, алкохол, осаменост, алиенација, без семејство или партнер, без пријатели...

Во комбинација со карактеристиките на личноста, сите фактори, причини, можат да доведат до хемиски дисбаланс на неуротрансмитерите. Колку повеќе од сите фактори, толку поголем ризик. Депресијата е болест како и секоја друга. Не постојат болести од кои треба да се срамиме.

Ако депресијата веќе завзема и до 80% од психијатриските дијагнози, тоа станува алармантно и застрашувачко, кога и СЗО ни вели дека до 2020 год. ќе биде втора болест со инвалидитет, после срцевите заболувања. Смирува податокот дека во 90% од случаите може да се излечи, односно држи под контрола, но само една третина бара помош. Се уште е табу и срам, а и поминува незабележано заради многу причини, додека не е предоцна.

Кој е лекот?

Ако депресијата е комбинација на повеќе фактори, така и лекувањето ќе биде со комбинација на повеќе начини. За жал, рецидиви има, но сепак има и помош. И токму кај луѓето кои имаат чести епизоди, се препорачува превентивно земање на медикаменти кои ги намалуваат симтомите, но исклучиво во соработка со својот лекар, никако на своја рака.

Диференцијалните дијагнози со ваша помош, доколку знаете прецизно да објасните што чувствувате, се многу потребни за полесно да се дојде до вистинскиот лек. Дејството на антидепресивите не се јавува веднаш, бидете постојано во контакт со вашиот лекар, а доколку очајот прерасне во целосна безнадежност, хоспитализацијата може само да ви биде од корист.

Покрај медицинскиот третман, неопходен е и психолошкиот, а заедно, во комбинација, даваат најдобри ефекти. Психијатарот и психологот, без оглед на изборот на приодот и методот кој го користат, можат да ви помогнат на еден сосема поинаков начин да се видите себе и своите проблеми, па со нивна помош да стекнете поголема резистентност на проблемите, да дојдете до еквилибриум и да почнете да градите нова реалност, во која ќе се чувствувате подобро.

Токму тоа е целта на советите и сеансите, да ви помогнат да го видите вашиот пат и да сфатите дека патот започнува од вашата мисла, мислата предизвикува чувства и доаѓа до реакција. Ако на вашиот пат проблемите стојат и ве вознемируваат, сето тоа можете да го промените, ако сакате. Корисно е да се вклучите и во група, да видите како другите луѓе минуваат по патот, но и да сфатите дека не сте сами. Поддршката е многу важна и неопходна и од стручните лица и од групи каде можете да се приклучите, а и од вашето семејство кое треба да учи заедно со вас, за вашата состојба. Но потребна е подршка и од самите себе, за себе.

 

ЈАС ДЕНЕС

Патот

Сликата за себе почнува да се гради од родителите, па продолжува од поширокото семејство, училиштето, врсниците, околината. Пренаталната психологија се изјаснила. Од зачетокот, од зародишот, дајте му љубов на вашето дете. Зборувајте му нежно, слушајте Моцарт или друга смирувачка музика. Никогаш, никогаш, немојте да имате мисла дека детето е „грешка“. Како ќе мислите и чувствувате за вашето дете, тоа се пренесува и останува кодирано. Нека биде кодирана вашата безусловна љубов кон вашето дете.

И кога од зародишот е дадена љубовта, ако продолжи и по раѓањето, детето веќе ја гради најцврстата подлога и база врз која ќе стои и врз кое самото ќе се гради. Но, сé започнува од родителите кои и самите имаат трансгенерациски кодови и ги пренесуваат на своите деца. Некои работи се неменливи, генетски оптеретени, но некои можат постојано да се менуваат.

Сценариото за ЈАС се гради во првите години и останува засекогаш, но најубаво би било да остане отворено за можни промени кои на личноста ќе и донесат подобар и поквалитетен живот и поглед кон светот кој ќе биде основа за преживување на сé она што може да се појави како проблем, болка. Вашите мисли, вашите чувства и вашето однесување се отсликуваат на вашето дете, тоа учи по пат на имитација и идентификација, најмногу од вас. Затоа, пожелно е родителот, покрај безусловната љубов, да знае и умее да биде „доволно добар родител“, а идеален не постои. Тоа значи да ја почитува личноста на своето дете, да знае да постави граници во кои детето ќе се чувствува сигурно, да биде доследен, да знае да слуша, да биде позитивен пример и модел, секогаш емоционално достапен за своето дете со квалитетно поминато време, заедно.

Само на овој начин, детето своето ЈАС ќе може да го гради побезболно, зашто верувале или не, тој процес е тежок за секое дете.

Матрица на љубовта

Помогнете му на вашето дете да го изгради своето ЈАС на начин кој цел живот ќе му биде позитивен модел да се справува со проблемите и дилемите. Помогнете му да ја има матрицата на љубовта од самиот зачеток. Матрицата на љубовта ја имаме сите, но треба да се развие свесност за тоа. И кога како возрасен ја имате таа база, полесно ќе можете да се справувате со сé во животот.

Едно е сигурно за вашите мисли и емоции. Никогаш не очекувајте дека веднаш, со првата позитивна мисла, ќе се случи чудо. Не можете ниту вие, ниту некој друг да ви нареди да се чувствувате добро. Тоа е процес, кој треба да го започнете со прифаќање на самите себе прво, па на болеста, соочување со вашите проблеми и прифаќање помош, односно промена.

Само така, во даден временски период, ќе почнат и вистински промени, ќе можете вашата мисла да ја контролирате, таа ќе предизвика убави чувства, вашето однесување ќе се промени и ќе бидете задоволни од себе, а тоа ќе ви биде нов елан за да продолжите.

Да се сакаш и почитуваш себе си е многу важно и не е грев, неопходно е за здрава личност. Убаво е да се биде алтруист, да се сакаат и помагаат другите, но морате прво на себе да си дадете, како би можеле да дадете на другите. Можете да почнете прво да давате, но сепак, морате да научите да си давате и на себе.

Самодовербата и самопочитта се градат од најмала возраст, но никогаш не е касно. Секогаш правете планови и имајте цели, почнете со мали и лесно остварливи. Многу бргу ќе прејдете на поголеми и потешки цели, ако ги совладате првите, а токму тоа ќе ви ја врати самодовербата и самопочитта и ќе ви биде надежна основа за живеење. И заедно со вашата свесност за матрицата на љубовта го заодувате патот на надежно живеење.

Вкусот на животот

И како почнавме, така ќе завршиме...

Ако прво се нарушуваше целиот животен биоритам, односно проблем со храната, спиењето - тогаш редно е да воспоставите ред во вашиот живот. Вие се почитувате себе и знаете дека е добро кога сé е умерено, во тоа е тајноста и на долговечноста и на задоволството од животот. Но, не заборавајте дека треба секогаш да го негувате и детето во вас, да му дадете понекогаш слободно да ги изрази своите желби и соништа. Научете да живеете, играте помеѓу реалноста и убавите соништа и мечти, кои можат и реалност да ви станат.

Научете да живеете „овде и сега“ со сите негативни и позитивни емоции, како ваше богатство, давајќи му на минатото надежна димензија за иднината.

Не губете ја Надежта, таа е вашиот водич во мигот на Животот! Хранете го вашето ЈАС, СЕБЕ СИ, наместо да ја храните депресијата, со убави и здрави нешта, но и со духовна храна.

Не заборавајте дека постојат уште многу убави нешта кои ве чекаат, многу непрочитани книги, прошетки, изложби, концерти, за кои не се потребни големи пари, туку желба и волја. А ве чекаат и пријатели да поразговарате и споделите многу нешта, заедно.

Компјутерот е одличен за брзи информации, но покрај Интернетот, постои се уште нешто што го нарекуваме ВКУС на ЖИВОТОТ! За поздрав и поквалитетен живот, имајте нов поглед на светот, нов поглед на нештата. Тоа ќе ви донесе сила, убавина и радост. Споделувајте со другите, примајте и давајте и тоа секогаш ќе ве држи подалеку од спротивното, како превентива.

Ако ви дошла депресија, гледајте на неа како на нешто ваше кое можете да го контролирате. Вашата депресија гледајте ја како нешто со кое може да се изборите, нешто кое е само уште еден предизвик за да ја истакнете вашата личност со целата своја убавина, овде или онде, во мигот на животот.

 

 

дознајте повеќе за Весна Рохр Анчева

специјалист по училишна психологија - FSP психолог

-авторски текст, не смее да се употребува за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 07.11.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина