Македонија како ендемско подрачје за нодозните струми

студент по медицина

Години наназад Македонија се смета за ендемско подрачје за појава на тироидните заболувања, поточно за појава на нодозните струми како резултат на дефицитот на јод во почвата. Бројни истражувања покажале дека почвата во Р.Македонија е сиромашна со јод, кој е есенцијален за синтезата на тироидните хормони. Покрај генерално високиот број на заболени ширум земјата, забележано е дека Западна Македонија се издвојува по инциденцата и преваленцата на заболени, далеку пред другите региони.

Многу анализи јасно покажале дека дефицитот на јодот предизвикува нодозна струма. Нодозната струма, или зголемувањето на тироидната жлезда со појава на нодуси, односно јазли, претставува реакција на жлездата на дефицитот на јод. Така, кога јодот недостасува, синтезата на тироидни хормони е отежната или оневозможена, а организмот е гладен за тироидни хормони. Тогаш тироидната жлезда го зголемува своето ткиво како би се зголемила синтезата на хормони. Тоа зголемување, најчесто видливо во долниот дел на вратот, може да биде дифузно, кога е зголемена жлездата во целост и нема јазловидни формации, или пак може да биде само фокално, што значи зголемување само на делови од тироидеата, односно формирање на јазли (нодуси) кои се наоѓаат во левиот или десниот лобус на тироидеата или пак во обата.

Јазловидно променетата тироидеа, односно појавата на нодуси, не значи ништо друго туку појава на бенигни туморски формации - аденоми. Овие аденоми или нодуси може да бидат единечни или пак повеќебројни и со различна големина. Од друга страна, пак, тие може да бидат ладни јазли, јазли кои не создаваат хормони, па најчесто пациентите немаат никакви тегоби или патат од хипотироидизам, или да бидат топли јазли, јазли кои секретираат огромно количество на хормони, создавајќи слика на хипертироидизам. Доколку пациентот биде подложен на сите оние дијагностички постапки за кои претходно е говорено и неопходно биде направен тироиден скен со технециум 99м, многу лесно ќе се дојде до дијагнозата - нодозна струма.

Голема распространетост на струмата во Западна Македонија

Заболувањето, без оглед на неговата форма, е широко распространето во целата држава, а особено присутно е во регионот на Западна Македонија. Важен епидемиолошки податок е дека многу почесто заболуваат жени отколку мажи. Исто така, се смета дека несомнено постои и одредена генетска основа на заболувањето, имајќи го во предвид фактот дека струмата е почеста во некои семејства, а во некои не - иако не постои дефиниран ген ниту јасен генетски механизам на наследување. Се се сведува на сомневања и на тезата дека за јавување на струмата важна улога играат полот, генетската предиспозиција и изложеноста на фактори од околината, пред се дефицит на јод.

Дефицитот на јод – главен фактор за настанување на струма

Токму од причината дека Македонија е ендемско подрачје за појава на ова заболување, во педесеттите години на минатиот век е донесена законска регулатива со која се обврзува јодирање на солта во Р.Македонија и увоз на јодирана сол, за која се смета дека внесена во исхраната би ги задоволила дневните потреби за јод во организмот. Дневните потреби изнесуваат од 100 до 150 микрограми, но речиси двојно се зголемуваат во текот на бременоста и тогаш изнесуваат 200 микрограми. Важно е трудницата да внесува доволно јод затоа што во спротивно дефицитот на јод би резултирал со намалена синтеза на тироидни хормони во бременоста и последователно јавување на кретенизам, односно тешка форма на психомоторна ретардација. Со цел да се превенираат ваквите случувања во неонатолошките оддели, веднаш по раѓањето се прави неонатален ТSН скрининг.

Јодирањето на солта е добро решение за обезбедување на дневните потреби за јод, но денеска се знае дека не е доволно само да внесуваме сол, туку таа сол да биде свежа, односно да не биде стоена подолго време на некое темно и влажно место, со што би се изгубил квалитетот на солта, односно би се намалила концентрацијата на јод. Тоа е така бидејќи тој е помалку постојан и помалку стабилен хемиски елемент во однос на самата сол. Затоа е препорачливо да не се купуваат големи количества на сол кои би стоеле подолго време, туку се смета дека оптимално е да се купуваат по 200 до 300 грама сол, кои во сооднос со количината би се потрошиле за пократок временски период, а со тоа би се превенирало непотребното губење на јодот поради предолгото стоење на солта.

Светот не стои, туку напредува и изнаоѓа попрактични и алтернативни начини на обезбедување на јод на организмот, а притоа да се избегне неопходното внесување на солта бидејќи денеска постојат вистински фанатици за здрава исхрана кои упорно готват без сол за да ги атенуираат нејзините лоши ефекти врз здравјето. Оттука голем број на западни земји со законска регулатива ја јодираат водата за пиење, на тој начин сведувајќи ги шансите за невнесување на доволно јод на минимум. Денеска и голем дел фирмите кои произведуваат флаширана вода исто така дополнително ја јодираат истата, следејќи ги светските стандарди на превенција на недостатокот на јод во организмот, кој води кон струма, но исто така и до сериозни нарушувања на тироидната функција во текот на бременоста и несакани ефекти врз развојот на плодот.

Терапија на струмата

Доколку струмата не предизвикува хипо или пак хипертироидизам, тогаш на пациентот не му се препорачува никаква терапија. Доколку реално постои дефицит на тироидни хормони тогаш тие се внесуваат во таблетарна форма во соодветни дози, во зависнот од тоа колкав е дефицитот на тироидни хормони. Доколку пак постои хипертироидизам, најчесто асоциран со нодозна струма, тогаш може да се користи супресивна терапија, како тиамазолот, односно тиоурацилот, или пак може да се оди со хируршко отстранување на дел или на целата тироидна жлезда со доживотна суплементација со тироидни хормони.

Заклучок

Токму фактот дека струмата е едно од нашите обележја и дека со голема честота се јавува во Македонија ми служеше како инспирација и повод да го напишам овој сет на статии поврзани со функцијата на тироидната жлезда, нејзиното значење за организмот и развојот на новороденото, но исто така и најчестите заболувања и нарушувањата на нејзината функција. Денеска слободно можеме да кажеме дека полека, но сигурно, излегуваме од таа сива зона на дефицитарност на јод и во почвите и во водата, така што во годините кои доаѓаат се очекува значаен пад на бројката на новозаболени од струма поврзана со дефицит на јод. Денеска се смета дека Македонија очигледно престанува да биде ендемско подрачје за тироидни струми, но тоа не значи дека ние не треба да се придржуваме на стандардите за јодирање на водата или солта, како свесно би довеле до дефицит на јод кај општата популација и повторен пораст на бројот на заболени.

 

Земји со дефицит на јод и ризик за појава на струма. Македонија припаѓа во земјите со среден до висок ризик за појава на струма:

 

 

Од рубриката „Тироидната жлезда и нашето здравје“

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 05.11.2012

Последна вест

Најчитани статии - медицина